Невладини организации и граѓански иницијативи од Македонија и Албанија ќе испратат писмо до владите од двете земји за да предложат решенија за тоа како да се исполнат препораките на УНЕСКО за заштитата на Охридскиот регион кој ги опфаќа Охрид, Струга, Дебарца и еден дел од албанска страна.
Македонските и албанските власти подготвија Извештај заедно со План за рехабилитација кој го опфаќа периодот 2023-2030. Колку се реални овие документи, дали процесот на изготовка беше транспарентен и ќе придонесат ли Охридскиот регион за седум години да се избори со сите закани против него, ММС анализираше преку ставовите на дел од познавачите и инстиуционалните одговори.
Властите се менуваат, но сите тие триесет години наназад носат стратегии, акциони планови и други документи кои не ја подобруваат ситуацијата со Охридскиот регион. Обемната документација не ја отсликува состојбата на терен, каде што неконтролираната урбанизација и унштувањето на природното наследство се само дел од факторите кои му пркосат на УНЕСКО статусот на овој регион – коментираат експертите кои ги контактиравме.
Според нив, ова се однесува и на Извештајот и Планот за рехабилитација кои неодамна беа изготвени од заеднички прекуграничен експертски тим формиран од македонската и албанската влада.
„Охридскиот регион е загрозен, а политичарите кажуваат само политичка демагогија. Во пракса ништо не се презема или многу малку се презема“, смета археологот Никола Киселинов кој стои на чело на Туристичката асоцијација на Македонија „Билјана“, членка на УНЕСКО.
Тој реагира дека процесот на изготовка не бил целосно транспарентен и покрај препораката на УНЕСКО граѓанските организации партиципативно да се вклучат во процесот на заштита на природното и културното наследство. Невладините организации сепак успеале да дојдат до овие документи и забележуваат дека таму се изнесени невистини.
На ова укажува и експертот за природно наследство, Аријан Мероли кој е дел од Мрежата на невладините организации од Албанија и Македонија.
„УНЕСКО одлучи двете земји да направат еден детален план за тоа што треба да правиме за да ги имаме сите услови на екосистемот како едно природно и културно наследство. УНЕСКО бараше за Планот да дискутираат сите засегнати страни кои живеат во сливот на Охридското Езеро и тој требаше да биде изготвен до јули 2022, а потоа шест месеци засегнатите страни да дискутираат и во една унифицирана варијанта да се пушти во Париз. Рокот за завршување на дискусиите и коментарите беше 1-ви февруари. Сепак, препораката за отворен процес не беше испочитувана, ние немавме ниту информација какви мерки се планираат и какво влијание тоа ќе има врз граѓаните од овој регион“, објаснува Мероли за ММС.
Ќе стави ли „бесконечната“ урбанизација крај на статусот Светско наследство на УНЕСКО?
Најголемата рак рана за експертите од граѓанскиот сектор е урбанизацијата која продолжува без контрола, додека надлежните си ја подаваат топката.
„Мора да бидеме практични и прагматични. Проблемите коишто постојат со неконтролираната урбанизација мора да се решаваат. Локалните власти кажуваат дека урбанизацијата е под контрола, а тоа не е точно. Урбанизацијата е под контрола на урбаната мафија. Тие проблеми мора да почнат да се решаваат, да се стопираат проектите. На пример, во националниот проект Галичица од лани до оваа година имаме можеби уште 50 нови дивоизградени објекти, а една од мерките на УНЕСКО е стопирање на дивоградбите во националниот парк Галичица“, констатира Киселинов.
Тој вели дека она што властите сакаат да го предочат пред Центарот за светско наследство на УНЕСКО е сосема поразлично од реалната ситуација која е секојдневие за граѓаните, не само овде, туку и во Албанија.
„Има дивоизградени објекти во заштитените подрачја, во националниот парк, но и на крајбрежјето. Има хотели кои се градат директно на брегот, а никој ништо не презема. Тоа се корумпирани бизнис финансии кои се најмногу инволвирани во локалната самоуправа во Охрид, а можеби и на централно ниво“, критикува Киселинов.
Невладините ќе се пожалат до УНЕСКО за состојбата со Охридскиот регион
Мероли, пак, вели дека за да се заштити регионот, пред сè потребна е волја од двете страни, односно и на двете држави да им биде приоритет развојот на регионот, зашто во спротивно, нема да дојдеме до успех.
„Треба да имаме јака власт која нема да гледа граници туку на Охридското Езеро ќе гледа како на еден екосистем, треба да имаме јаки структури кои ќе најдат решение за проблематиката и за загадувачите на водата. Само така ќе стигнеме до целта – заштита на сливот на Охридското Езеро како светско наследство“, апелира Мероли.
Тој вели дека од УНЕСКО веќе ги посочиле проблемите, а на надлежните останува да кажат конкретно што ќе преземат. Во Извештајот и Планот за рехабилитација во меѓувреме, нема буџетски ставки за предложените активности.
„Тоа укажува на фактот дека на централно ниво, власта нема желба да ги решава тие проблеми и само таксативно ги става во некои свои извештаи кои само се повторуваат. Проблемите се видливи и реални, тие треба да се решаваат. Од албанска страна ги имаат истите проблеми. Локалната и централната власт не ги решаваат проблемите, само уште повеќе ги продлабочуваат“, смета Киселинов.
Мрежата која ја сочинуваат 17 организации од Македонија и уште десетина од Албанија освен до двете влади, планира да испрати и писмо до УНЕСКО.
„Ние направивме анализа на препораките од УНЕСКО и сега имаме точна слика за проблематиката. Ние знаеме што не е во ред со документите кои треба да се имплементираат за ревитализација на регионот. Ние ќе кажеме каде се проблемите и дали овој План за рехабилитација е реално соодветен за да се имплементира. Ќе предложиме што треба да се направи за да имаме ефикасен процес“, вели Мероли.
Киселинов најавува дека меѓу другото ќе побараат да ѝ се одземат надлежностите на Општина Охрид.
„Ние како Мрежа на граѓански организации ќе му предложиме на УНЕСКО една од мерките да биде одземање на надлежностите на Советот на Град Охрид за урбанизација на висококатниците. Тоа го предвидува и нашиот закон, значи предлагаме тие надлежности да се префрлат на Министерството или на Агенцијата за просторно и урбанистичко планирање бидејќи во Советот на Град Охрид партиски си се договараат бизнис интереси без да се штити природното и културното наследство“, вели Киселинов и укажува на една од повеќето апсурдни ситуации:
„Замислете, имаме ситуација во која Советот на град Охрид во август донесе одлука да се продава археолошки локалитет на влезот во Охрид и да се урбанизира за едно евро од квадрат. Значи сега почнавме и културното наследство да го продаваме со цел да се остваруваат бизнис проекти на одредени индивидуалци. Ова вака не може и УНЕСКО дефинитивно ќе повлече линија. УНЕСКО е информиран за ова и замислете каква глупост правиме ние – наместо да го заштитиме, Советот носи скандалозна одлука“.
Писмото ќе биде испратено по доаѓањето на меѓународните експерти, меѓу кои претставници на УНЕСКО, на Бернската конвенција и на Рамсарскиот секретаријат. Тие ќе треба да ја скенираат состојбата и да проценат кои се позитивните чекори направени за заштита на регионот, а што е она што уште повеќе е загрозено.
Министерство за култура: Посветено работиме да го задржиме статусот
Од Министерството за култура во однос на ваквите критички ставови, велат дека сите активности кои ги презема Владата се во насока на создавање на услови за исполнување на препораките на мисиите и на другите тела на УНЕСКО.
Оттаму тврдат дека посветено работат на исполнување на препораките и заедно со невладиниот сектор се обидуваат да го задржат статусот, за кој финално одлучува Комитетот за светско наследство. Сепак, од оваа институција потенцираат дека делот од Извештајот кој се однесува на нашата држава се изработува врз основа на информациите добиени од надлежните институции кои имаат задолженија поврзани со Охридскиот регион и во него не се вклучени информации од невладиниот сектор.
Додека невладините и институциите си контрираат, а бизнисмените профитираат, Охридскиот регион ја губи својата посебност. Крајбрежјето на Охридското Езеро се уништува, бројот на дивоградби расте, а сето тоа го уништува екосистемот стар милиони години. Толеранцијата на УНЕСКО засега го „спасува“ овој регион од загубата на статусот на добро впишано на листата на светско наследство, но покрај бројните забелешки, дали овој статус и понатаму ќе остане гордост за државата ќе се знае во септември на новата седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
ПРОДОЛЖУВА…
Вања Мицевска
Со овој текст ММС се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.