Француски судија во четвртокот одлучил да ја стави филмската легенда, 88-годишниот Ален Делон, под засилено законско старателство, изјавил за AFP судски извор запознаен со случајот.
Француската актерска ѕвезда, позната по филмските класици како „Гепард“, „Сицилијански клан“, „Борсалино“, „Базен“, „Убиството на Троцки“ и многу други остварувања, е во лоша здравствена состојба откако доживеа мозочен удар во 2019 година, а во јануари годинава му беше дијагностициран и лимфом.
-Очигледно дека кај славниот Делон се гледа дека наскоро ќе замине во вечноста, што секако е тажно. Но мора да сме свесни за тоа дека и самиот живот на секој од нас има свој крај. Тој има и пристојни години по кои многумина копнеат да ги доживеат, изјавиле од канцеларијата на адвокатот кој го застапува актерот и пејачот.
Судот во Монтаргис по лекарскиот преглед извршен на 13-ти јануари одлучил да назначи старател задолжен да се грижи за здравјето на Делон, но одлуката на истиот суд од четвртокот оди чекор понатаму. Сега станува збор за правен застапник назначен од судот, особено кога станува збор за одлуки за лекување.
„Новата одлука имплицира дека тој повеќе не може слободно да управува со својот имот или да донесува одлуки, вклучително и оние поврзани со медицинска нега“, рекол изворот.
Посебното ниво на старателство обично значи дека именуван старател управува со банкарската сметка и трошоците на лицето.
Се верува дека Делон живее на својот имот во селото Души, околу 130 километри јужно од Париз. Законската одлука за старателството ја донел судија во блискиот Монтаргис во четвртокот.
Судски извор рекол дека тужителите побарале мислење од лекар, а потоа судијата бил информиран за неговата состојба.
Двете мерки дојдоа по жестока расправија меѓу децата на Делон, синовите Антони и Ален-Фабиен и ќерката Анушка и неколку поплаки дека животот на францускиот актер е загрозен.
Информациите за кавгата се појавија во јавноста откако најстариот син Антони Делон за магазинот Paris Match изјави дека здравјето на неговиот татко е многу лошо. Тој ја обвини својата полусестра Анушка дека сака да го одведе татко му против негова волја на лекување во Швајцарија, земја чиј државјанин е Делон од 1999 година, за да избегне „висок данок“ на наследството.
Но, таа му одговори дека сака да го однесе таму на лекување лимфом.
Полицијата неодамна од куќата на Делон одзела и запленила 72 парчиња огнено оружје, бидејќи тој немал дозвола за нив.
Во најновиот развој на настаните, Анушка ги тужеше браќата за нарушување на нејзината приватност откако Антони и Ален-Фабиен објавија разговор меѓу неа и нивниот татко.
Минатата седмица судот го одреди терминот за судење, кој е закажано за април следната година.