ММС, 11.09.2018
Повеќе од половината од прометот во делчевските дуќани и на Градскиот пазар во саботите го прават гостите од Бугарија, кои редовно во Делчево се задржуваат и на ручек или вечера, некои и ноќеваат, што го живнува подиспразнетиот поради иселувањето пограничен град, но делчевци со право сметаат дека треба да се преземат чекори за збогатување на туристичката понуда за да се обезбедат уште повеќе гости и подобар финансиски ефект
Пишува: Љупчо Шатевски
Последниве години Делчево, град на крајниот македонски исток оддалечен десет километри од македонско-бугарската граница и 35 од Благоевград, за викенди е полн со гости од соседна Бугарија. Трендот продолжува и понатаму, само што сега, освен посетителите од пиринскиот крај, ги има и од други места, особено од Софија, главниот град на Бугарија, во што се уверивме и во саботата, кога е пазарен ден во Делчево. Граѓаните на Бугарија, кои доаѓаат најчесто со приватни автомобили, но и организирано со автобуси, минибуси и комбиња, пазаруваат на градскиот пазар, во делчевските маркети, одат на стоматолог и, секако, на ручек или вечера во некој од делчевските ресторани.
Ако нема денари, може и левови
– Редовно доаѓам преку една или две саботи во Делчево. Купувам се’ што ми се допаѓа на градскиот пазар – зеленчук, овошје, кујнски прибор, текстил… Ако немаш денари, може да платиш и со левови. Потоа пазаруваме и во делчевските маркети и дуќани, а делчевската шема редовно ни’ завршува со ручек или вечера во некоја кафеана, во зависност од тоа колку брзо ќе завршиме со шопингот – ни’ рече Славена од Софија.
Слично зборува и нејзиниот сограѓанин Митко Ангелов, кој исто така пазаруваше на делчевскот Градски пазар.
– Често доаѓам во Делчево. Има добра понуда, пристапни цени и добар квалитет и на артиклите што ги купуваме и на понудата во рестораните – истакнува Ангелов.
Земјоделците и трговците се задоволни. Голем дел од прометот им го прават граѓаните на соседната земја. Тоа ни’ го потврдуваат и Лазо Петров од кочанското село Прибачево, кој, покрај другото, на својата тезга продаваше и кочански ориз, и регистрираниот земјоделец од делчевското село Вирче, Панче Илиевски, кој на соседната тезга на делчевскиот пазар продава зеленчук.
– Околу 50 отсто од прометот, а веројатно и повеќе, од утринава ни’ го прават посетителите од Бугарија. Доаѓаат и во работни денови, но најчести се во саботите, кога овде е пазарен ден. Сега, бидејќи почнува сезоната на подготовка на зимниците, најчесто купуваат пипер, домати, зелка… Велат дека кај нас е поквалитетно, а веројатно им е и поевтино штом доаѓаат – вели Панче Илиевски.
Полни кафеани, се чека ред кај стоматолог
Иако саботата беше неработна, поради Денот на независноста 8 септември, во Делчево, кое со последниот попис од 2002 година имаше 11,5 илјади жители, а сега, поради заминувањето на работа во странство е подиспразнето, беше фрекфентно. Полни ресторани, кафулиња, а речиси секој втор човек на улиците во центарот беше од соседна Бугарија. Некои делеа пропаганден материјал за референдумот на 30 септември. „Извинете, не сум тукашен, од Бугарија сум, па нема да можам да гласам“, слушнавме како еден граѓанин на соседната земја учтиво го оддбива материјалот што му беше понуден.
Особено популарни и користени од граѓаните на Бугарија се стоматолошките услуги, поради што бројот на стоматолошките ординации во Делчево постојано се зголемува. Околу пладне влеговме во една од најпосетените. Додека на двата стоматолошки стола сопственичката, стоматологот Анета Симоновска, и нејзината колешка имаа по еден пациент од Македонија и од Бугарија, ред чекаа неколкумина пациенти од Бугарија.
– Од мај годинава редовно доаѓам на стоматолог овде. Квалитетот на услугата тука е подобар, па и цените. За некои работи тие се горе-долу исти, но некои овде се и до трипати поевтини. Затоа и доаѓаат многу луѓе. Јас во Делчево доаѓам со семејството, некогаш со соседи, пријатели. Додека сум на стоматолог, тие се на шопинг, а потоа сите заедно во некој делчевски ресторан. Цените во продавниците се слични како кај нас, рестораните се нешто поевтини отколку кај нас, но и нудат многу поквалитетна храна, па затоа и сме редовни гости – истакнува Ѓорѓи, 55-годишен полицаец од Рила.
Делчевци велат дека фрекфенцијата и од Македонија кон Бугарија не е мала. Најчесто се оди во туристичките центри, како Банско, Сандански, а некои оделе и за бела техника, лекови… Истакнуваат дека рапидното зголемување на бројот на посетителите и гостите од соседна Бугарија во Делчево, но и во другите македонски погранични места, треба подобро да се искористи и да се обезбеди поголем финансиски ефект, особено со подобрување и зголемување на туристичката понуда, а најчесто како приоритет го истакнуваат заживувањето на туристичкиот комплекс на планината Голак над Делчево.
ВО ДЕЛЧЕВСКИТЕ РЕСТОРАНИ ГОСТИ ОД БУГАРИЈА СЛАВАТ РОДЕНДЕНИ, МАТУРСКИ, КРШТЕВКИ…
Гости од Бугарија, како што велат делчевски угостители, имале и во работни денови, но најчести биле за викенди и на празници. Во делчевските кафеани често славеле и родендени, матурски, крштевки, годишнини од брак…
– Повеќе од половината гости денеска ни’ се од Бугарија. Така е секој викенд, а некои во саботите и ноќеваат во Делчево. Често си организираат и разни прослави. Пред три дена овде организирано се славеше роденден на гостин од Бугарија. Големи љубители се на македонската скара. Многумина по ручекот или вечерата, нарачуваат и си носат наши специјалитети за дома. Цените се слични како и кај нив, но тука месото, а и салатите велат дека биле многу поквалитетни – вели Дарко Цинцовски, келнер во ресторанот „Палма“.
„Користиме прилика да се најадеме убаво месо и салати зашто можеби кога и Република Македонија ќе влезе во ЕУ и овде тие ќе бидат како пластика“, во шега дофрлија гости од Бугарија.