Општината Чешиново-Облешево, во која, поради водата и оризовите површини, живеат многу штркови, кои со векови се нераскинливо поврзани со човекот, од 2013 година е дел од Мрежата на европски села на штркот и прави повеќе интересни проекти поврзани со оваа преселна птица, а годинава е завршен еко-етно паркот околу некогашниот Задружен дом во Чешиново, на чиј покрив е официјално најголемото штрково гнездо во Македонија, а, според чешиновци, можеби и во Европа
Пишува: Љупчо Шатевски
Штркот, кој кај народот е омилена птица за која има многу приказни, басни и поговорки, а се верува дека ги носи и пролетта и среќата, па и бебињата, во општината Чешиново-Облешево одамна си го има најдено својот рај за престој и живот. Водата и оризовите површини, по кои оваа општина помеѓу Кочани и Штип, е водечка во Македонија, на овие птици им нуди изобилство од храна и материјал за изградба на гнездата, а и луѓето со векови и генерации имаат исклучително пријателски однос и љубов кон нив.
Штрковите за тоа соодветно возвратија. Во 2013 година општината Чешиново-Облешево, по повод Светскиот ден на птиците-преселници, од страна на меѓународното здружение за заштита на животната средина „Евронатур“ со седиште во Германија беше прогласена за „Европско село на штрковите“, со што влезе и во Мрежата на европски села на штркови.
Повеќевековна поврзаност на човекот и штркот
За петнаесетина дена, во средината на август, штрковите, како и секоја година, ќе тргнат на својот долг пат на југ, каде што презимуваат во Африка. Оние од Чешиново-Облешево ќе ги носат и спомените од бурните пролет и лето поминати овде. Во нивна чест, во селото Чешиново, покрај Задружниот дом на кој, според Македонското еколошко друштво, се наоѓа најголемото штрково гнездо во Македонија, беше отворен еко-етно парк со инфо-табли за штрковите, инфо-куќи, со набљудувачница, таков парк се гради и во соседното село Соколарци (во Уларци набљудувачница беше изградена лани), на 13 јуни, по повод Денот на штркот, општината Чешиново-Облешево беше домаќин на 16. состанок на Мрежата на европски села на штркови, а здружението „Оризова братимка“ со седиште во Чешиново деновиве заврши со снимањето од дрон на сите штркови гнезда, кои само во тоа село ги има 21.
Еко-етно паркот во Чешиново со најголемото штрково гнездо
Во последните децении во светот значително е намален бројот на штрковите, кои главно живеат во мочурливи, но еколошки чисти предели. Причините се климатските промени, сушењето на мочуриштата, употребата на пестициди… Според пописот што во 2015 година го направи Македонското еколошко друштво, во Македонија таа година имало 817 штркови гнезда, од кои околу десет отсто биле на територијата на општината Чешиново-Облешево. Пред тоа таков попис бил правен во 1958 година, кога во Македонија биле регистрирани 1.132 активни штркови гнезда. Од здружението „Оризова братимка“ сметаат дека во моментот во атарите на четиринаесетте села на седум и пол илјадната општина Чешиново-Облешево има околу 200 штркови гнезда, од кои 21, со 21 пар штркови и со повеќе од 60 штркчиња, се во селото Чешиново.
Пред осум години просторот околу Задружниот дом со трите големи гнезда беше запуштен
Штрковите се вгнездија и во грбот на Општина Чешиново-Облешево
До пред седум-осум години, традиционално блискиот однос меѓу штрковите и населението во таа општина не беше „институционализиран“. Во 2012 година Општина Чешиново-Облешево поднесе барање до „Евронатур“ да биде примена во Мрежата на европските села на штркови, што следната година и се случи. Во 2015 година штрковите се најдоа и на грбот на Општината. Почна и изградбата на паркот во Чешиново околу официјално најголемото штрково гнездо во Македонија, а, според чешиновци, можеби и во Европа.
Грбот на Чешиново-Облешево со штрковите
А можеби и целата приказна почнува со тоа штрково гнездо. Жителите на Чешиново, село со околу 1.000 жители, одамна раскажуваа дека на покривот на Задружниот дом, со децении, уште од изградбата на Домот, има три големи штркови гнезда, од кои средното е со џиновски димензии. Помладите се интересираа и каква е процедурата за да го пријават за Гинисовата книга на рекорди.
Во 2011 година бевме кај некогашниот чешиновски Задружен дом и џиновското штрково гнездо. Чешиновци со восхит зборуваа за неимарските способности на неколкуте генерации штркови да подигнат така грандиозно гнездо високо 3,2 метра, но знаеја и да се пошегуваат.
– Нашите сопрузи треба да земат пример од овој штрк како се води грижа за семејството и за домот. Само со клунот направи вистински дворец – се шегуваа чешиновки.
Штркот-газда на најголемото гнездо „нелегално надградувал“
Чешиновци, пак, ги признаваа големите градителски способности на штркот-газда на огромното гнездо. Но, на шега додаваа дека притоа имал и сомнителни активности, како еден вид градежна мафија, па ќе му повикале полиција и градежна инспекција поради нелегална надградба и кражби.
– Добро го гледаме што прави секоја година. Секогаш во март од Африка долетува сам. Една недела пред неговото семејство и пред штрковите од двете соседни гнезда на покривот на Домот. Пет дена ќе краде гранчиња и сламки од двете соседни гнезда и со нив го наградува своето, а во последните два-три дена пред да дојдат неговите соседи од југ, заради камуфлажа, доградува со градежен материјал од нивите. Кога ќе си дојдат другите штркови, макотрпно мора да работат за да ги вратат нивните гнезда во претходната состојба, а овој веќе подигнал „еден кат“ повисоко – раскажуваа чешоновци.
Љубовта и почитта на жителите на оваа општина кон штркот била докажана многупати. Во сите села има по некоја убава приказна. Во Чешиново раскажуваат за еден настан од пред две-три децении, кога неколку штркчиња се родиле доцна, па биле премали во август со своите родители да одлетаат во Африка. На почетокот на зимата се симнале од гнездата, а селаните ги исчувале до пролет, кога се вратиле нивните родители. Во Облешево е познат случајот кога пред десетина години, поради повреда, младо штркче не можеше да одлета на југ, па го чуваше семејство како домашен миленик.
Штрковите можат да го развијат и туризмот
– Има уште многу такви примери од територијата на целата општина. Штркот, заедно со оризот, ни’ е како бренд на Општината. Како Здружение, ќе иницираме изработка на проект за реконструкција на Задружниот дом во Чешиново, кој би можел да се претвори во Дом на штркот и во него да има Музеј на штркот и Музеј на оризот, како и соби за сместување на гости и туристи под најголемото штрково гнездо во Македонија – вели Благоја Митев од „Оризова братимка“, инаку дипломиран економист вработен во локалната самоуправа на Чешиново-Облешево.
Штркот е многу интересна преселна птица. На инфотаблите во еко-етно паркот во Чешиново за него може да се видат и прочитаат многу занимливи податоци. Просечно живее по 20 до 30 години, а најстариот познат доживеал 39 години. Се храни со инсекти, главно скакулци и штурци, потоа со влечуги и водоземци, главно жаби и змии, со мали цицачи… Мажјаците во март пристигнуваат први и тие го градат новото или го дотеруваат ланското гнездо. Големото гнездо значи поголем гнездечки успех и можност за повеќе живи млади штркчиња. Го менуваат гнездото само ако немале успех со претходното или ако се млади. Женката најчесто носи четири јајца. Есенската миграција во просек им трае 26 дена, а пролетната околу 40 дена, бидејќи тогаш, на пат од Африка кон Европа, имаат повеќе храна, па прават поголеми паузи.
Набљудувачницата и дел од од еко-етно паркот во Чешиново (горе) и младите од општината постојано се грижат за штрковите (долу)
Токму белиот штрк, кој најчесто ги населува Македонија и Европа, е тој што дефинитивно ја разрешил мистеријата за миграцијата на птиците. Во пролетта 1822 година во Германија бил пронаден штрк што долетал со стрела во вратот. Таа потекнувала од централна Африка, со што се потврдило дека птиците од Европа зимуваат во Африка.
Здружението „Оризова братимка“ ова лето направи многу убави и интересни фотографии од дрон на сите штркови гнезда во селото Чешиново. Избројале точно 21. Повеќето се направени на покривите од семејни куќи, потоа на електрични столбови, на згради, деловни објекти…