Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ денеска со повеќе активности во организација на Владата, се одбележува Денот на независноста – 8 Септември.
Свечената академија ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје. Свеченоста ќе започне со изведба на македонската химна од страна на детски хор, по што ќе биде прикажан видео спотот „Везилка“ која вклучува оригинална изведба на песната од Блаже Конески. Програмата ќе продолжи со изведби на дела од македонски автори поврзани со оваа тематика од страна на државниот џез оркестар.
Во рамките на свеченоста ќе биде прикажан и специјално подготвен пригоден видео спот од прославата на независноста кое вклучува архивски материјали од Референдумот во 1991 година.
На крајот од свечената програма, со говор ќе се обрати Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
По повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независнота, собраниска делегација предводена од потпретседателката Весна Бендевска, составена од пратениците Каролина Насковска и Митко Трајчулевски, денеска ќе положи венци свежо цвеќе пред вечното почивалиште на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров, вечното почивалиште на поранешниот претседател на Републиката, Борис Трајковски, вечното почивалиште на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев и пред Споменикот на паднатите борци на НОБ.
Активностите стартуваа синоќа со почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата, во касарната „Илинден“ во Скопје.
На свеченост во Собранието вчера на спортскиот работник, тренер и претседател на Таеквондо федерацијата на Македонија, Борче Костовски, му беше доделана годинашната награда за животно дело „8 Септември“. Најголемиот успех Костовски го постигна како тренер на олимпиецот Дејан Георгиевски, кој го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во 2021 година.
Покрај Костовски, Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ им додели признанија за остварувања во областа на спортот и на Мирко Димчевски, Рамадан Шабани, Зоран Бошковски и Димитар Јованов.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на приемот што го организираше во Законодавниот дом по повод 8 Септември – Денот на независноста, завчера порача дека не постои поважен момент во историјата на една земја од нејзината самостојност.
– Затоа секогаш кога доаѓа 8 Септември се враќа емоцијата на задоволство и гордост што роденденот на оваа земја го одбележуваме во мир, во соживот меѓу различните народи кои живеат во оваа земја, во добрососедски односи и во сигурни патишта кон подобра развојна и евроатланстска перспектива, истакна Гаши.
Пред 33 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.
МИА