Седум ученици од училишниот хор од ООУ Кочо Рацин – Скопје освоија прво место на Светскиот натпревар во фолклор, кој се одржа во Венеција, Италија.
Македонските млади хористи победија во конкуренција од 12 земји учесници со околу 500 натпреварувачи во различни категории, со две македонски народни песни во нови аранжмани, а ментор им беше наставничката по музичко Наташа Митрова.
-Победнички, силно, достоинствено, храбро, смело… во срцето на Италија се слушна македонската песна, која срцето на многу земји го обои во црвено – жолти нијанси. Неверојатно е чувството да се слушне името на својата татковина, Македонија, но победнички. Замислете, седум мали деца ја направија татковината горда, го направија гордо и своето училиште, својот училиштен дом. Храбро застанаа на италијанската сцена Олег, Софија, Мартин, Мина, Меглена, Александра и Јана. Солзи радосници во очите на сите нас… ежење на кожата… воодушевување. Неверојато убаво чувство не облеа кога некаде во попладневните часови, на 26 Мај, ни се јавија од Италија и ни кажаа: „Buona giornata a tutti – Кочо Рацин, Македонија, вие сте прво место!”, возбудено вели менторката Митрова и додава:
-Предметниот професор по музичко образование, ментор Наташа Митрова, заедно со учениците од училишниот хор, му покажаа на Светот како е да се биде најдобар меѓу најдобрите! Се слушнаа убави мелоси на македонски песни, и тоа обработени за хорска изведба. Минатогодишната победа во Римини, Италија, беше поттик за нови музички авантури на училишниот хор при ООУ Кочо Рацин – Скопје, под диригенската палка на предметниот професор по музичко образование, ментор Наташа Митрова.
Храбро, достоинствено, професионално, Рациновиот хор го освои и овој фестивал, Светски Куп во фолклор, Соправиста во местото Лидо ди Јесоло, Венеција, Италија, каде околу 12 земји учесници со околу 500 натпреварувачи во различни категории разбраа дека Македонија е земјата која оваа година ќе ја предводи парадата, со веење на македонското знаме… Овации грмеа за време на настапот. Овации грмеа и по настапот. Овации и силна македонска песна се слушаше низ цела Италија за време на парадата, која ООУ Кочо Рацин, Наташа и своите седум Рациновци храбро го вееја знамето и му покажаа на светот која е Македонија. Овие седум деца покажаа како се сака татковина, град, општина, училиште… Неизмерно сме горди, браво за Наташа, браво за рациновите хористи, изјавуваат возбудено учесниците.