На хартија едно, во пракса друго. Бариерите во инфраструктурата и непочитувањето на одредбите за пристапност им го комплицираат животот на граѓаните со попреченост. Тие бараат построга казнена политика и измени на Законот за градење, чија нова верзија требаше да биде готова до крајот на 2021 година.
Додека чекаат нивните сугестии да бидат вметнати во новото законско решение, државата воведува социјални реформи за поголема инклузија, но за овие граѓани да добијат услови за поквалитетен живот, потребна е поголема ажурност од системот.
Вкупно 32 деца со попреченост ќе добијат стручна помош и поддршка во новиот Дневен центар кој ќе им пружи индивидуални третмани. Ова е прв центар од ваков вид и од денеска функционира во Општина Карпош, каде третманите на децата ќе им ги пружат стручни соработници и специјални едукатори од здружението „Монтесори“.
Претседателката на „Монтесори“, Билјана Стерјадовска Стојчевска вели дека раната стимулација е од особена важност, а периодот до шестата година е период на интензивен раст и развој и токму тогаш стручните лица може најмногу да влијаат.
„Тоа е особено важно за децата кои имаат ризик од попреченост бидејќи ако добијат современа и навремена стимулација, тие ќе го достигнат функционалното ниво на своите врсници и како единка ќе бидат успешно инклузирани во општеството, не само како деца, туку и понатаму и како младинци и како возрасни. Тоа во суштина ќе го олесни и нашиот систем на социјална заштита затоа што тие деца нема да имаат потреба од образовен асистент и користење на различни социјални бенефиции“, истакнува Стерјадовска Стојчевска.
Во овој Центар, психосоцијална поддршка ќе добијат и родителите, а предвидена е и советодавна работа со воспитувачите и наставниците од градинките и од основните училишта.
Оттука, градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски ги повикува и нив да ја дадат својата поддршка бидејќи на ова место ќе може да се едуцираат за тоа како и самите да им помогнат на своите деца.
„На децата овде ќе им се дава стручна помош со цел да можат полесно да се вклопат и да ги прифатат предизвиците што ги носи животот, образовниот процес и сè она што следи за еден човек за да се вклучи во тековите на општествениот живот. Ова е прв ваков центар и го отвараме во Карпош. Претпоставувам дека и родителите на одреден начин ќе може да се едуцираат за и тие да ја дадат поддршката на своите деца и се надевам дека со вакви проекти ќе продолжиме и во иднина, секаде во Македонија. Ние го препознавме тоа како локална самоуправа, се надевам дека тоа ќе го сторат и другите општини затоа што лица со попреченост има секаде во Македонија и на сите им е потребна помош особено ако е дадена од стручни лица“, додава Јакимовски.
Центарот е наменет за деца на возраст од две до десет години и неговото отворање е дел од социјалните реформи во државата.
„Дечињата кои ќе ги користат услугите во овој Центар ќе добиваат индивидуални третмани според нивните потреби, а согласно претходно добиените препораки од стручни лица. Со овие индивидуални третмани, практично дечињата се подготвуваат за полесно да може да се вклучат во образовниот процес. Главна цел на социјалната реформа е подигнување на квалитетот на живот за сите граѓани, која е адаптирана согласно потребите на граѓаните и нуди конкретен одговор на нивните очекувања и овозможува поголема инклузивност“, вели министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Според неа, социјалните услуги директно го зајакнуваат човечкиот капитал и ја намалуваат сиромаштијата.
„Ваквиот пристап овозможува поголема достапност на услугите за поголем број на граѓани, со што ефектите се повеќекратни“, порачува Тренчевска.
Високиот степен на непристапност – фактор за исклученост од општествените текови
Сепак, социјалните реформи не се доволни за целосна инклузија на граѓаните со попреченост, барем ако се суди по ставовите и искуствата на дел од нив. Од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет велат дека во време кога и Обединетите нации повикуваат на премостување на бариерите во опкружувањето, лицата со потежок телесен инвалидитет во нашата држава сè уште се соочуваат со висок степен на непристапност. Раскажуваат дека некои од нив се чувствуваат како да се осудени на најтешка казна иако немаат никаква вина, ако се земе предвид дека казните за најтешките кривични дела се состојат токму во ограничувањето на слободата на движењето и слободата на размена на информации.
Претседателот на овој Сојуз, Бранимир Јовановски во изјава за ММС споделува дека луѓето со телесен инвалидитет живеат анонимно и изолирано како граѓани од втор ред. Всушност, она што нив ги исклучува од општествените текови е непристапноста како од и до станбените домови, така и до институциите.
„Оневозможување на некого самостојно и слободно да се движи и комуницира, значи истиот да се исклучи од сите општествени текови. Иако на оваа тема се одржани бројни меѓународни конференции и истражувања, мораме да признаеме дека пристапноста сè уште преставува основен лимитирачки фактор за потполна инклузија на лицата со телесен инвалидитет во општеството“, додава Јовановски.
Правото на пристап, кое овие граѓани го немаат во пракса, сепак постои на хартија.
Актуелниот закон за градење и Правилникот за пристапност кои се под надлежност на Министерството за транспорт и врски предвидуваат новите градби да имаат елементи за пристапност, но сепак и без нив, тие се предаваат во употреба.
Тоа го предвидува и Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност чиј потписник како држава сме од 2007 година.
Со построги санкции до поголемо почитување на одредбите за пристапност
Сепак, Јовановски укажува дека она што е впишано во овој документ е сосема спротивно на реалната состојба на терен.
Тој смета дека Македонија има добра легислатива, но имплементацијата е на најниско можно ниво. И покрај ваквиот став, Јовановски вели дека треба да се заостри казнената политика и оние кои не ги почитуваат одредбите за пристапност до и во објектите и јавното опкружување да сносат построги санкции.
Сојузот го побарал ова од Министерството за транспорт и врски уште во 2019 година, но ваквите одредби за построги санкции во Законот за градење сè уште не се вметнати, бидејќи на неговите измени се чека со години.
Претседателот на „Мобилност“ Скопје, Гоце Миновски нагласува дека ова прашање го актуелизираат при секое нивно јавно говорење и „агресивно“ се борат за тоа да се спроведе, но досега нема решение.
„Казнена политика постои, но за жал таа е несоодветна, бидејќи секој инвеститор кој нема да го испочитува Законот за градење мора да плати казна и тоа е еднократно. Со тоа ја завршува својата обврска кон законот, односно легислативата не го обврзува во иднина во соодветен временски период да ја изгради рампата. Од овде произлегува дека на дотичниот инвеститор многу му е полесно да ја плати казната за да си добие квадрати и на пример, место за деловен простор и слично, а не да изгради пристапна рампа за лицата на кои би им била неопходна во тој објект. Ветувано ни е многу пати дека ова ќе се промени и сите се начелно на наша страна, но тоа не се спроведува во пракса туку останува само на зборови или хартија“, додава Миновски.
Од граѓанскиот сектор не само што бараат подобра имплементација на Законот, туку инсистираат и текстот да се подобри со тоа што во делот на прекршочни одредби би била предвидена одговорност (и санкции во вид на кривични казни или времена забрана за вршење на дејност) за секој од субјектите учесници во постапката.
„Имено таква одговорност би требало да се предвиди за инвеститорот кој нема да обезбеди градбата да биде проектирана и изградена согласно стандардите за пристапност предвидени со овој закон“, потенцира Јовановски.
Од „Мобилност“ бараат вакви одредби да се предвидат и за: правното лице за проектирање и на проектантот кој изработува несоодветен проект, за изведувачот кој врши работи од градење на градба или градежни работи на постојна градба на несоодветен начин кој нема да обезбеди пристапност, за правното лице за вршење на ревизија на проекти и на ревидентот, како и на субјектите за надзор ако извршат и заверат стручна ревизија на проект за градба што не ги исполнува основните барања за градбата и другите барања, вклучително и барањата за пристапност, или не изврши соодветен надзор, и за членовите на комисијата која врши технички прием и органот кој ја издава дозволата за употреба на објектот.
Лицата во инвалидска количка – најзагрозена категорија
Предизвикот на овие граѓани да стигнат од едно до друго место ја отсликува потребата од хуманизација на јавниот простор, а со тоа и од заштита на јавниот интерес. Тоа пак, го намалува квалитетот на нивниот живот, а истовремено и им ја загрозува безбедноста.
Токму затоа, Јовановски вели дека непристапноста е апсолутна дискриминација кон граѓаните со телесна инвалидност и воопшто не е важно за колкав број на лица се работи, бидејќи дури и да станува збор само за една личност, никој нема право да ја осуди на социјална изолираност, но и духовна болка.
„Апсолутно се сложувам дека оневозможување на пристапност претставува дискриминација кон граѓаните со телесна инвалидност. На пример, недостатокот на елементи на пристапност во објектите во кои се изведува настава од осносвно, средно и високо образование, директно влијае врз невозможноста на лицата со телесен инвалидитет да се стекнат со знаења и вештини конкурентни на пазарот на трудот. Аналогно на тоа, не можат да се вработат и да обезбедат лична егзистенција за себе и за своето семејство и да донесуваат сериозни одлуки во животот како што се склучување на брак, купување на стан, автомобил и слично“, истакнува нашиот соговорник.
Според него, најзагрозена група се лицата кои без инвалидска количка не можат да се движат.
„Затоа репер за пристапност во една држава претставува овозможување на непречено и самостојно движење на лице кое се движи со помош на инвалидска количка. Проблемот кој лежи во основата на сите нивни други проблеми е движењето (поточно кажано неможноста за движење) и тоа не со своите сопствени нозе, бидејќи со тоа веќе се помириле, туку со инвалидска количка со што апсолутно не би требало, ниту пак смеат да се помират. Ниту тие, ниту општеството во кое живеат“, порачува тој.
Скопјанката Росана Ефремова, која има мултиплекс склероза вели дека кога не би постоеле проблемите со пристапноста, лицата со попреченост би функционирале перфектно. Меѓу нив се создаваат искрени пријателства на долг рок, вели таа, но инфраструктурните бариери ги спречуваат заеднички да ги слават своите родендени.
„Сите градби треба да бидат адаптирани за лица со инвалидитет, апсолутно сите нови градби. Јас се дружам со луѓе во количка и горе-долу тие може перфектно да функционираат ако имаат подобри услови. А тоа е и до општините и до државата. Ние се каниме на родендени бидејќи се дружиме и има дел кои се во количка, но нема услови да дојдат“, истакнува Ефремова за ММС.
Болеста која таа ја има, ја имала и нејзината мајка. Потсетувајќи се на нејзиното секојдневие, Росана всушност дава пример дека низ годините работите не се поместиле многу кога станува збор за ажурноста на државниот систем, иако свеста кај граѓаните е на повисоко ниво од порано.
„Јас и моите родители живеевме во зграда во Железара. Во таа зграда има рампа ама таа е под агол повеќе од 90 степени и не е доволно широка. Ние како мали ја користевме како лизглалка, еве тоа го кажувам за да го доловам моментот. Значи таа рампа не е доволно широка за да може количка да помине. Татко ми ако имаше некој да му помогне да ја изнесе мајка ми надвор, тогаш ја изнесуваше ама и тоа беше многу ретко. Мајка ми беше дијагностицирана од 1987 година, почина во 2018. Дванаесет години беше неподвижна. Исто толку време, сонцето го гледаше само од тераса“, раскажува Ефремова.
Проблемот на нејзиниот татко не се состоел само во тоа да ѝ помогне на својата сопруга да излезе надвор од зградата, бидејќи како што вели Росана, од сите три страни има скали без рампа кои оневозможуваа да се отие некаде.
Нејзина блиска пријателка пак, во количка е веќе 15 години. Росана вели во зградата каде што живее таа, нема ниту лифт, а не пак рампа. Во оние згради каде што има, рампата е страмна и недоволно широка.
Поради ваквата непристапност, од „Мобилност“ повеќе пати реагирале до надлежните, но како што велат, не можат да се претворат во биро за жалби и поплаки.
„Советодавно сме ги упатувале загрозените членови да ги пријават недоследностите во градба во однос на непристапноста до Народниот правобранител, но и до Комисијата за заштита од дискриминација. Сметам дека Сојузот треба сериозно со соодветни кампањи да влијае врз подигањето на јавната свест за потребите од пристапно опкружување и тоа на сите нивоа, од инвеститорите, преку правните лица одговорни за проектирање, ревизија и органот кој ја издава употребната дозвола на објектот, со еден збор до сите субјекти учесници во постапката за градење на објектот и јавното опкружување“, потенцира претседателот на Сојузот, Јовановски.
А за ММС, тој „пластично“ објасни како би можеле надлежните да го подобрат урбаното опкружување и да го направат достапно за сите луѓе без оглед на нивната трајна или привремена попреченост.
„Значи дизајнирање, изградба и употреба на објектите на начин што овозможува непречен пристап до објектите и нивна непречена употреба. Пристапите, ходниците, патеките за поврзување, пасажите, вратите и вертикалните приклучоци (скали, рампи, платформи, лифтови и други механички уреди за кревање) мора да бидат дизајнирани и изградени на начин кој им овозможува на лицата со инвалидност да ги користат самостојно. Тие мора да содржат потребна сигнализација и опрема за непречено движење, комуникација и ориентација“, објаснува Јовановски.
Понатаму, тој додава дека и бројот на места за паркирање за лица со инвалидност во близина на главниот влез мора да биде најмалку 3% од бројот на паркирни места, а доколку дозволува просторот, треба да се обезбедат места и за паркирање на возил на корисници со детски колички.
„Во случај на хотелски и слични угостителски објекти, како и други згради за гостопримство со краток престој, условите за пристапност мора да ги исполнат најмалку една сместувачка единица во објект со десет или повеќе сместувачки единици, и барем една сместувачка единица за дополнителни десет сместувачки единици во објектите“, предлага Јовановски.
Несомнено, тоа би се постигнало не само преку поголемо почитување на актуелните законски одредби, туку и преку подобри детални урбанистички планови кои ќе ги содржат елементите на пристапност.
Планирање од „канцеларија“ на штета на јавниот интерес
И покрај ова, урбанистичките планови не секогаш се усогласени со реалната состојба на терен.
На пример, во одредени подрачја просторот во реалноста е помал од оној во плановите. Ова значи дека реалната широчина на улиците и паркинзите или урбаното зеленило е помала од онаа вцртана во планот, што потоа создава проблем во спроведувањето. На мапа, просторот изгледа како да може да има педесетина паркинг места, но во реалноста на истиот простор може да се сместат едвај дваесетина автомобили.
Овие неусогласености во плановите меѓу другото, се должат токму на слабата документациона основа и информациите врз кои се правело планирањето. Праксата на „канцелариски пристап“ во планирањето пак, подразбира отсуство на анализа од страна на службениците во однос на реалната ситуација, што води кон клиентелизам кој го оштетува јавниот простор.
Ги прашавме претставниците на „Мобилност“, дали локалните власти ги консултираат при креирањето на политики кои директно ги засегаат. Миновски вели дека имаат добро искуство со Град Скопје и како пример за соработка ги посочува проектите кои ги добиваат преку аплицирање на јавните повици.
„Преку еден од тие проекти добивме 10 приклучоци, односно електро-моторни додатоци кои се прикачуваат на инвалидска количка, а еден таков чини 86.000 денари“, објаснува претседателот на Мобилност-Скопје.
Но претседателот на Сојузот, Јовановски говорејќи за транспарентноста на локалните власти генерално во целата држава, вели дека општините бараат мислење од нив само во инцидентни случаи.
„Токму таквите консултации би требало да станат пракса на Секторите за урбанизам во локалните самоуправи, бидејќи токму во нашиот Сојуз се сублимирани сите искуства и потреби на лицата со најразличен телесен инвалидитет во однос на пристапното опкружување. Мобилност Македонија со своите 16 здружени членки кои делуваат на територијата на поголемите локални самоуптави во државата во секое време се подготвени да соработуваат со локалните самоуправи на ова тема. Свесни сме дека никој нема „волшебно стапче“ да го промени и направи пристапно опкружувањето со еден замав, меѓутоа исто така сме свесни дека работите можат значително да се подобрат со заедничко координативно делување“, порачува Јовановски.
И покрај нивната подготвеност за јавна дебата и забелешките уште од пред четири години за подобрување на Законот за градење, Министерството за транспорт и врски информира дека сè уште се работи на вградување на сугестиите од сите заинтересирани страни.
Во писмениот одговор до нашата редакција, од оваа институција наведуваат дека се планира нацрт текстот на Законот да се прикачи на ЕНЕР, па потоа да продолжи во собраниска процедура.
-Секако, во нацрт верзијата на Законот за градење, Министерството ги има земено предвид предлозите и сугестиите од здруженијата на лица со попреченост. Нацрт верзијата на Законот за градење има поинаков пристап во решенијата кои ги нуди со што ги следи современите текови во градежништвото – додаваат од ресорното министерство.
Додека граѓаните со попреченост, бараат построги санкции, останува неизвесно колку сега тие се изрекуваат според актуелните законски одредби. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам не одговори на нашето прашање кои се најчестите прекршоци кои ги контатирале инспекторите во последните три години, кога станува збор за член 11 од Законот за градење.
Токму преку овој член, на хартија е загарантиран непречениот пристап и движењето до и во градбите и во него е наведено дека „градба за јавни и деловни намени и градби со намена домување во станбени згради, како и градби со станбено-деловна намена мора да биде проектирана и изградена така што на лицата со инвалидност ќе им се овозможи непречен пристап, движење, престој и работа до и во градбата.
И покрај тоа што во еден од своите стратешки планови, овој Инспекторат ја има наведено транспарентноста како своја силна страна, од оваа институција до моментот на објавување на овој текст, не доставија информации за бројот на изречени казни за инвеститори, проектанти, правни лица за вршење ревизија и одговорни лица во општините кои постапиле спротивно на член 11 од Законот за градење.
Вања Мицевска
Со овој текст ММС.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.