Социјалните разлики и јаз помеѓу примањата на граѓаните сe отсликуваат и во најновите податоци за нето исплатените плати. Според податоците на Министерството за финансии од 2018 година, Македонија има рекордна социјална нееднаквост во Европа. Некои од граѓаните не можат да разберат како постојано се бележи раст на платата, а на голем дел трансакциски сметки се исплаќа минималец или плата под просекот.
Имено, најдоходовните еден отсто од луѓето заработуваат околу 4.500 евра месечно, наспроти 451 евро, колку што изнесува просекот. Во податоците од Министерството за финансии од 2018 година стои дека во 2017 година 60 отсто од населението остварило 14.773 денари месечен доход.
Пораст на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен се бележи и во јануари 2020 година. Според податоците на Државниот завод за статистика таа изнесува 27.540 денари.
Највисоко исплатена просечна плата според најновите податоци е во воздухопловниот транспорт (91.340 денари). Во јануари едни од најплатените биле програмерите, со плата во просек од 67.514 денари, потоа следуваат финансиските и осигурителните дејности со исплатени просечни 50.191 денари, па фармацевското производство со 46.863 денари , а управителите во просек земале 40.627 денари.
Најниско платени во просек се луѓето вработени во секторот за заштитни и истражни дејности – 15.051 денари по вработен, потоа во секторот за производство на кожа 16.650, производство на облека 17.765, услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување и одржување на животната средина и природата 17.058 денари.
Економистите велат дека зголемувањето на платите се должи и на растот на минималната плата. Проф. Бранимир Јовановиќ нагласува дека според статистиката сега има само еден отсто вработени кои земаат плата под 12.000 денари
„Тоа што се однесува за нашата просечна плата, во однос на минатите години, е генерално позитивно, затоа што порасна како бројка, односно просечната плата многу се зголеми во однос на минатите години. Растот на просечната плата беше генерално предизвикан од растот на минималната плата“, вели професорот Јовановиќ, кој до пред половина година беше советник во Министерството за финансии.
Тој објаснува дека мора да се воведат економски политики кои ќе му одговараат на обичниот работник. Економијата може да издржи зголемување на платите, но прашањето е колку ние можеме да издржиме понатаму со овој економски модел на ниски плати и мала држава. Јовановиќ се залага за поголемо оданочување и повторно да се стави во функција прогресивниот данок (кој засега е ставен во мирување), но не само на личниот доход туку и на побогатите фирми, па со тоа државата би станала помоќна и би можела да издржи во вакви кризи.
Кај нас најголем дел од профитот завршува на сметките на фирмите, а најмалиот кај работникот.
„Секој работник месечно генерира во просек околу 1.100 евра вредност. Од 1.100 евра што ги генерира работникот добива само 35 отсто, односно добива околу 400 евра. Дел од доходот завршува кај работниците, дел како профит. Соодносот е 35 отсто е за работникот од вредноста што ја генерира, 52 проценти за фирмите а остатокот е за државата, додека во развиените економии како Франција, тоа е обратно. Зошто е кај нас тоа така? Затоа што се водат погрешни економски политики цело време, се кратат работничките права, се кратат платите има политики на ниски даноци и слични други работи“, вели Јовановиќ.
Ниските примања на граѓаните имаат огромно макроекономско влијание на подолг временски период, што станува видливо во вакви кризни економски периоди, па така „малите“ економии се приморани да вршат задолжувања, како што тоа го направи Македонија со новото задолжување од 600 милиони евра.
Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, вредноста на минималната синдикална кошница во февруари 2020 изнесува 32.915 денари. Не е тешко да се забележи дека заедно со платите пораснале и цените на основните производи и услуги. Значи, ако имаме само еден вработен во семејството, кој условно би земал просечна плата, би недостигале уште 5.375 денари да се задоволат основните потреби.
Кристина Алексиеска