ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 04/18/22 11:41 AM

Секојдневно се возиме со темпирана бомба под седиште – Со пиротехничарот Ефтим Митров за животот на минското поле

Тешко е да се замисли еден ден на пиротехничарите во Македонија додека не се најдете во немилост на планинските терени на кои не стапнала човечка нога со децении.

Додека многумина се прашуваат каква волја или неволја го натерала човек да се занимава со оваа работа и да отстранува неексплодирани средства од Првата светска војна наваму, петтемина пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување, секојдневно отстрануваат опасни воени орудија, односно секојдневно спасуваат или ни ги чуваат животите, а за тоа речиси никој и не знае.

Ефтим Митров, раководител на пиротехничарите во Дирекцијата за заштита и спасување, во интервју за ММС откри дека во Македонија врие од неексплодирани експлозивни средства, посебно во јужниот дел на земјава, но дека потребни се млади кадри за да ги отстранат. А, речиси и да нема заинтересирани за втората најопасна работа на светот.

Ефтим, каков е животот на минското поле, како е да се оди на места на кои никој со децении не поминал?

– Работата на пиротехничарите е комплексна дејност и излегувањето на терен во принцип е одење во непознато. 90% од интеревенциите се на планински терени, на места каде што се војувало. Прво е тешко прооден теренот. По стандардно оперативните процедури одат по двајца пиротехничари, но ние немаме луѓе и одиме сами. Сам си во планината, немаш мрежа на мобилен телефон и може да се случи несреќа. Оставени сме сами на себе и тоа не смее да се случи.

Врие од неексплодирани гранати, а пиротехничари се се помалку. Ова е ризична работа, што треба да се направи за да се привлечат кадри?

– По број на жители и површина на Балканот сме најзагадени по неексплодирани средства затоа што сме биле на главната линија на Солунскиот фронт од Првата светска војна. Ова е втора најризична работа во светот. Ние 16 години се бориме за своите права затоа што работиме без елементарни услови за работа. Основно е заштита на луѓето и на вработените. Постојат меѓународни оперативни процедури кои треба да ги следиме, но ние 13 години работевме без тие и јас пред три години ги изработив. Според тие мора да имаме заштитна опрема и специјално возило за транспорт. Тоа мора да биде со приколка на отворено, со цел во случај на експлозија млазот да оди нагоре и да спаси живот. Секое средство што е испукано од цевка не смее да се поместува од место камоли да се транспортира. Ние немаме опрема за уништување на лице место, па го ризикуваме животот и ги транспортираме. Ние 16 години се надеваме на среќа да не дојде до несреќа, така живееме на среќа, за жал.

Дали пиротехничарите си го најдоа местото под сонцето кај нас?

За среќа успеавме да промениме дел од законот и тие што ќе дојдат сега да имаат бенефициран стаж и додаток од 30% на плата поради ризикот. Тоа е само една од алките што треба да се подобрат. Платата за нијанса се покачи. Во моментов со 35.000 денари тешко дека некој ќе дојде. Сега сме пет, догодина ќе останат четири, па потоа двајца и ќе остане само еден после пет години.

А обуката за нови пиротехничари трае три години. Обуката ја вршат лиценцирани експерти со сертификати. Мора прво луѓето да се вработат па да се обучат. Во било кој степен да падне кандидатот, тој си оди, нема назад. Последниот воз е во септември, но не верувам дека ќе имаме кандидати. После тоа, сигурно ќе немаме пиротехничари. Ние како земја треба да имаме минимум 20 пиротехничари.

Како да ги привлечеме кадрите? Тешко ќе оди тоа, никој нема да си го стави животот на коцка со вакви услови, воопшто не е атрактивна работа. Ние сме како трета класа во администрација. Да, работата е таа и ние не бегаме од тоа, но мора да се создадат услови на тоа. Ние го имаме законското право да не одиме на интеревенции за да си го заштитиме здравјето.

Каква волја или неволја го натерала човек да се занимава со ваква тешка професија?

– Работев во Армијата 17 години и по струка сум инженерец и работев исклучиво со експлозиви. Се префрлилв во ДЗС затоа што ја познавам работата. Целта ми беше прво да му помогнам за што повеќе средства да се пронајдат. За овие 16 години откако е формирана агенцијата бројката на неексплодирани средства е зголемена за 500%. Ние се трудиме и работиме максимално, одговорни сме, упорни сме, бараме за да најдеме. Ние го пребаруваме комплетниот терен. Во село Богородица пронајдов две, а потоа со детектор пребарав и на сред село најдов уште 400 гранати. Во Битолско излегоа 12.300 гранати.

Велат дека деминерите можат да направат две грешки, кои се тие, или може ли да направите грешки?

– Велат дека едната грешка е кога ќе ја изберете оваа професија, а втората е кога ќе се згреши на терен. Јас имам една друга теорија. Може да направам три грешки, првпат, последен пат и никогаш повеќе. Во нашата работа грешката е минимум траен инвалидитет. Ако е рачна бомба ќе бидете инвалид, ако е граната, тогаш ве нема. Тоа е реалноста. И работата наша има време на траење, не може да се работи бесконечно. Колегата отиде во пензија на 67 години што е катастрофално.

Дали Македонија е минско поле и кои места се најризични?

– Македонија е презагадена. Најзагадени се Гевгелија, Дојран Богданци, Битола Ресен, Охрид, во поново време Тетово, Куманово, Скопје од воениот конфликт во 2001-та. Најзагаден е македонскиот фронт од Првата светска војна од должина од 110 км и ширина од 10 км. Тој терен го покриваат само двајца пирохтехничари, еден во Струмица, еден во Битола.

Од кој период се гранатите и мините, кои се опасни, а кои безопасни?

– Околи 90% се од првата светска војна, 7-8% се од Втората, 2% се од 2001 година. 90% од средствата се потполно исправни и во било кое време може да се активираат, тоа се потенцијални убијци. Ние како пиротехничари знаеме кое е безоопасно, обичните луѓе не можат да знаат. Кај нас има буквално се: тенковски мини, рачни бомби, пешадиски мини, артилериски гранати и три авионски бомби од Втората дветска војна.

Зошто Галичица е најзагадено место во Македонија и зошто не се исчисти?

– Галичица го третираат како најминирано. Лани имаше пожар и имаше две три експлозии. Колеги отидоа после пожарот и најдоа три неексплодирани направи. Повеќето се од Прва светска војна. Тие се таму 110 години, а ние постоиме 16 години. Не знам зошто не се чистело за сите тие години. Но, теренот е лош. За да стигнат луѓето доттаму, има 3,5 часа во еден правец. Единствена опција е да се врши воздушен транспорт. Во пиротехниката, максималното време е пет часа со пат и интервенција. Вие после петтиот час не смеете да работите, оти сте истрошени. Се планираше еден проект со француска амбасада за да се чисти солунскиот фронт, но услов беше да примиме луѓе, а не примаме.

Опасни ли се гранатите во водите, посевно во Охридско езеро?

– Имаме секојдневни ситуации, но нема правила. Кога се изведуваат градежни работи, земјоделски активности, бомба може на секаков терен да се пронајде. Ако се погоди директно на запалката, средството може да се активира. Оние материјали кои не излегле од цевка, не може да се активираат затоа што запалката не е армирана. Основно правило е „средство што излегло од цевка, да се ништи на лице место“. Пред 10 година извадивме околу 30 тони гранати од Охридско. Се уште ги има. Се зависи какво е средството и со каква запалка е, механичка или хемиска. Средтвата се ризични и под вода. Има и во Дојранското езеро средства што се исфрлени. Тие што ги извадивме, беа во извонредна состојба, стоеја фарбата и натписите од пред 90 години.

Најтешка ситуација која сте ја имале?

– Најлесна ситуација нема. Секаде тргнуваме од нула за секое средство, нема точни правила и мора да се прилагодиме на условите. Најтешки ситуации: вадењето на гранатите од Битола, 12.300 парчиња, среќа беше што немаа запалки. Друга, во село Богородица, Гевгелиско, пронајдов околу 400 гранати со запалки во лоша оксидирана состојба. Морав да ги транспортирам, а при возењето една од запалките почна со хемиска реакција која за среќа не заврши до крај. Имавме несреќи во 2021 година во која се повредија двајца колеги. Првиот се повреди од градобијна ракета, а вториот колега колабираше на 64 години. Среќа во несреќа е што колабираше додека бевме во колона по уништувањето на гранатите, не претходно. Ние кога се движиме по патот, сме како темпирани бомби. Возилото се преврте, но беше празно. Ако возилото беше полно, ќе имаше минимум 15 жртви. Ова ни е секојдневние, ама никој не сака да разбере колку е оваа работа специфична.

Сте имале необични случки кои завршиле безбедно?

– Ние секојдневно ги транспортираме бомбите. Кога ќе отидам на терен, не се враќам без минимум десет. Вие ги ставате под седиште, седите на темпирана бомба и се возите со 6-7 килограми експлозив. Се разминуваме со возила, но луѓето не знаат дека се шетам со бомби. Ако полицијата не сопре, може по закон да не приведе затоа што не работиме по прописи. Немате опција да избегнете населено место, а тоа треба да го правите. Една ноќ ми се јавија од полиција и ми рекоа „дојдете на плоштадот во Струмица, има темпирана бомба“. Јас им викам тој дел спаѓа кај единицата за антирероризам. Бидејќи ме познаваат, ајде отидов. Викаат „еве ја бомбата, цело време трепка“. Ја зедов и ја ставив бомбата во џеб. На некое дете му паднал мп3 плеер и светкал, а тие мислеле дека е бомба. Во Кратово ме викнаа за котва од алансер. Но, ние пиротехничарите мора да одговориме на секој повик и сме 24 часа во приправност. А, за овие 16 години за прекувремена работа не сме добиле ниту денар.

Орце Костов

Фото: Приватна архива

Банер за Супер7
1x1