ММС

Објавено на: 01/27/21 2:50 PM

Преспанско Езеро на чекор од судбината на Дојранското Езеро

Заштитено подрачје од УНЕСКО, споменик на природата и едно од десетте најзначајни водни живеалишта во медитеранот и светот – тоа е нашето Преспанско Езеро, кому изминатото лето му се случи еколошка катастрофа. Езерото кое припаѓа на три држави со три стопани, во периодот јули – август 2020 година го имаше најголемото досегашно опаѓање на нивото на езерото. Нивото на водата се намали за девет метри, а на места изнесува минус 250 до 260 сантиметри во висина, под нормалното ниво на водостојот, додека крајбрежната линија е повлечена за 3,5 километри. Тажна глетка.
Повлекувањето на водата не е од денеска, ниту од вчера. Првиот аларм е кренат уште во 2019 година, кога почнува намалувањето на нивото на водата на езерото. Што е направено за една година, колку што на очиглед на сите водата ја снемува? Направен е акциски план, формирано Управувачко тело на Преспа парк и прекуграничко управување со води. Македонската влада издвои 80 милиони денари за краткорочните активности за чистење на површините на езерото каде што е водата повлечена, посебно во делот кај некои од плажите. Општина Ресен е назначена за субјект за управување со природните вредности на езерото. Формирана е група на експерти, која треба да се сретне со своите колеги од соседните Грција и Албанија, кои исто така имаат дел од езерото. Целта е да се вкрстат податоците од трите земји и заеднички да се работи на спас на езерото. Групите се’ уште се немаат сретнато. Во меѓувреме природата ја спаси природата.


Дождовите и снегот во јануари го крена нивото на водата за 14 сантиметри. Секој дождлив ден значеше нови еден до два сантиметри поголемо ниво на езерото, што го полнеа и околните водотеци. Преспанци велат дека по некое чудо, исто како и на крајот на јули и почетокот на август, по цели 40 дена без дожд, се случи летен порој, кој го спаси крајот. Сепак, недоволно за да ја избрише сликата на еколошката катастрофа, главно продукт на човековата активност и климатските промени.
-Пред една година ресенскиот мониторинг забележа енорнмно намалување на водата,која за многу краток период почна да се повлекува. Ги алармиравме сите надлежни институции, пред се’ Владата и Министерството за животна средина. Се формира експертско тело за спас на езерото, со вклучување на ескперти од Грција и Албанија. На крајот од 2020 година е донесен Акциски план со долгорочни и краткорочни мерки, изјави Живко Гаштаровски, градоначалник на Ресен.
Климатските промени и интензивното земјоделство му пресудија на езерото
Извештајот и анализата за Преспанското Езеро од дваесетина страници е слика на состојбата, мерењата, причините за празнењето на езерото, со препораки што треба да се направи да се спаси овој природен резерват.
-Работевме на повеќе сегменти – едното е управување со видовите и живеалиштата и хидролошкиот аспект – состојбата на водите во самото езеро и сливното подрачје, како нераздвојни делови. Одредивме на што треба интензивно да се работи –пред се’ во насаока на управувањето со водите. Потребно е на ниво на држави, не само на национално ниво – Македонија, Грција и Албанија, сериозно да се разгледуваат аспектите, дека не само климатските промени, туку и активностите на човекото, експанзијата на земјоделски површини во трите држави се главните причини. Согласно директивите за води ние имаме обврски да реагираме. Одржливо користење на водите е голем сегмент, односно водите кои се користат за наводнување. Треба да се седне и да соочиме со предизвиците на кои треба да работиме, вели Ајман Ал Малла, раководител на Секторот за животна средина во Општина Ресен.

Езерото има вода, ама не се употребува правилно

Генерален заклучок на направената анализа е дека сливното подрачје на Преспа има доволно вода според студијата на Градежен Факултет, но не е правилно употребена и оптимизирана и притоа подетални анализи предвидуваат извесен губиток, кој главно се сведува на климатските карактеристики . Понатаму се вели дека климатските промени не се единствната причина за повлекувањето на водата, туку интензивираната земјоделска активности од сите три страни на езерото. Од македонска страна, тоа се јаболкарите, кои од водотеците и езерото ги наводнуваат земјоделските површини. Љубе Пампулески управува со задруга со 160 хектари со јаболкови насади и водата од Преспанското Езеро за него и неговиот бизнис е водата. Секоја година од јуни па се’ до септември е сезоната за наводнување од која зависи успешноста на неговата задруга.
-Од 1985 година па наваму се соочуваме со сушни години во низа. Оваа лето имавме 35-40 дена без капка дожд, што се одрази на бушотините и водотеците. Есента така беше меѓу 80 – 90 дена. Никогаш до сега не се сслучило во август да пожолти шумата. Буката вообичаено поосетлива на суша од дабот, но пожолтуваше во октомври. Кога шумата страда, тоа е серизен знак. Евидентно е дека водата ја снемува. Но, каде и како и кој колку точно троши, треба да седнат трите држави и да се види, со цел да не се наруши природната рамнотежа на езерото од кое сите три соседи живееме, смета Пампулески.
Жителите во преспанскиот крај, особено постарите сметаат дека интервенциите на Преспанското Езеро и целиот слив, пред се’ движењето на подземните води, имаат голем удел во нарушување на природната рамнотежа. Пример е активноста на човекот со поставувањето на таблести затворачи во 1985 година, на преградата кај Малото Преспанско Езеро, со кои се контролира испустот во Големото Преспанско Езеро, дури и при појава на повисоки водостои. Подолг временски период разликата на нивоата меѓу двете езера се држи околу шест до осум метри. Малото Преспанско Езеро во најголем дел припаѓа на Грција и сосема мал дел на Албанија Анализата на нивото на водата на Малото Преспанско Езеро покажува дека и покрај сушните годни, нивото на водата расте, за разлика од Големото Преспанско Езеро, кое од 1985 година е во постојан пад, се’ до оваа година на ниво на еколошка катастрофа. За жал, немаме податоци за тоа колку вода истекла преку каналот кај месноста Грло во Албанија.


извор:Извештај и анализа за Преспанското Езеро (ноември 2020)

Сите овие влијанија секоја година придонесуваат за поголемо намалување кај новоата на Преспанското Езеро, заклучува анализата, во која има податок дека досега се избушени околу 8,000-10,000 бунари со кои се проценува дека се наводнува површина од најмалку 3.000 хектари. Вкупната потреба на вода за наводнување на македонска територијата во подрачјето на Преспанскот Езеро е речиси 25 милиони m3. Околу 76% од оваа вода или околу 19 милиони m3 се потребни за наводнување на јаболковите насади.

Како се испразни Дојранското Езеро?

 

Во време на летната суша во 1988 година, Грците побараа, а југословенските власти дзоволија пробивање на каналот Ѓол – Ај, со кој преку реката Вардар почна истекувањето на водите на Дојранското Езеро во Солунско Поле. Се спасија посевите на Кукушко Поле, меѓутоа, се загуби Дојранското Езеро.

-Грците наместо 20 сантимертри да го симна нивото, го симнаа 60 сантиметри. Извлечени се над 25 милиони кубици вода. Тешката еколошка катастрофа се случи во 2000 година, кога езерото дојде до длабочина од само 5-6 метри. Во септември 2002 година, измерено е ниво од минус 388 сантиметри под нулата, што е најкритичната состојба на Дојранското езеро.Потоа се изгради Системот „Ѓавато“, преку кој почна да се полни езерото, а каналот беше затворен, сведочи Златко Талески кој го мери нивото на Дојранско Езеро.

Системот даде резултати. „Ѓавато“  Според мерењата на Талески во периодот 2001 – 2014 година, нивото на езерото е покачено за четири метри. Во 2015 година, нивото на водата била 168 сантиметри над минималната кота. Веќе во мај 2018 година, нивото е 256 см, со што е надминатат и историски највисоката регистрирана кота од 1957 година. Сега нивото на водата годишно се движи меѓу 180-240-250 см.  Системот „Ѓавато“ доби мини хидрицентрала, што наместо 600-700 литри во секунда во Дојранското Езеро може да донесе само меѓу 200 и 300 литри во секунда.

Грците повторно инсиситраат на отворање на каналот Ѓол – Ај. Засега каналот е затворен, водата останува во Дојранското Езеро. Но, до кога?

Експертот за води Васко Стоев оценува дека ако се продолжи со користење на подземните води, можеби на одредени места ќе нема можност да има црпење на подземни води во иднина, затоа е потребна целосна контрола на водите во сливот на езерото.
-Истекот на водите кон Охридското Езеро се смета како релативно постојан. Секако за подобро и посигурно тврдење потребно е да се врши континуиран мониторинг на истечните води од изворот со современи мерни инструменти. Информацијата за антропогените влијанија и климатските варијации даваат детална слика за тоа што се случува во сливот на езерото, а и на самото езеро и што доведува до негова катастрофа. Апсолутниот минимален водостој на езерото на кота 842,75 mнм забележан во 2008 година е надминат и последниот неофицијален минимален водостој забележан во ноември оваа година е со кота од 842,30 mнм. Ваквото намалување на водостојот покрај антропогените влијанија се должи и на климатските варијации. Од пресметките се добива дека на езерото годишно му недостасуваат 53 милиони m3 вода. Иако има претпоставки каде се загубите, сепак, добриот мониторинг ќе потврди од каде се овие загуби и ќе се знае со кој мерки да се постапи, анализира Стоев.


На терен со свој мониторинг се екологистите од Македонското еколошко друштво (МЕД). Според нивните анализи, годишните промени во нивото на водата на Преспанското Езеро се директен резултат, најпрвин на комплексната геолошка постава на регионот а потоа и на следните фактори: Дотокот на вода од реките и подземните води, количеството на врнежи, степенот на испарување од езерото, искористената вода за наводнување и карстниот истек на водата низ планината Галичица во Охридското Езеро, се вели во наодите на МЕД. Првите три фактори ги отсликуваат просечните климатски услови во водниот слив на езерото, бидејќи сите речни текови и подземните води се полнат од врнежите во езерскиот басен, односно во неговиот стрмен воден слив и како такви имаат голем удел врз количината на вода во Преспанското Езеро.

Нема планови за управување со речните сливови

 

Не постојат планови за управување со четирите подрачја на речен слив во Македонија (кои со својот поголем или помал дел лежат на територијата на Македонија, но и на територијата на соседна држава), меѓу кои и реката Црн Дрим, од каде водата истекува во Албанија. Покрај овој, се работи и за: 1: Сливот на реката Вардар; 2. Сливот на реката Струмица; 3. Сливот на реката Јужна Морава.

-Оттаму прашањето, доколку не постојат планови, врз основа на што се издаваат дозволите и како МЖСПП преку тие дозволи води сметка за одржувањето и подобрувањето на режимот на водите (водостојот, протекот, хидробиолошкиот состав на водите и други параметри). Ова значи дека во прашање се доведува достапноста на доволно количество квалитетна вода пред сѐ за пиење, а понатаму и за другите потреби (за земјоделството, индустријата, хидроенергетските потреби, туризмот, пловидбата, рекреација), намалувањето на штетните испуштања на опасни материи и супстанции во водите, како и заштитата на биолошката разновидност на водните екосистеми и на здравјето на луѓето, реагираа Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сé“.

Каде е спасот?

Зацврстување на прекуграничната соработка во управувањето на Преспанското Езеро и целиот слив е основата на проектот „ЕУ за Преспа“, преку кој се обезбедува 23,8 милиони евра. 18 мулиони евра се од Европската Унија.
„Проектот ќе го поддржи одржливиот развој на областа Преспанско Езеро преку заштита на биолошката разновидност и зачувување на еколошките ресурси на прекуграничниот парк преспа и преку поттикнување на економски активности насочени кон животната средина исто така ќе го зајакне дијалогот меѓу властите, граѓанското општество и компаниите во Албанија, Грција и Северна Македонија и ќе го олесни спроведувањето на меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на регионот на Паркот Преспа. Акцијата се очекува да има силно влијание врз прекуграничната соработка“, стои во најавата на проектот.
Целта на проектот е да го подобри снабдувањето со вода, управување со отпадните води и управувањето со цврстиот отпад во Општина Ресен, заедно со интензивната кампања за подигање на свеста се очекува да го намали загадувањето на водата и почвата. Активни мерки ќе се спроведат за зачувување и заштита на природните ресурси, вклучувајќи следење и истражување на тековната фаза на природните ресурси, зачувување, обновување и управување со живеалиштата, искоренување на инвазивните видови риби и контрола на главните биохемиски и физички параметри во преспанското езеро и во главните притоки.


Долгорочно, многу зависи од свеста на луѓето и нивните економски активности. Тоа им е јасно на преспанци, на кои полека им станува јасно дека без езерото нема живот.
-Природата покажа дека знае да награди и да казни. Доколку продолжи сушата, а водотеците и езерото да се празнат, неминовно е во иднина да ги редуцираме земјоделските површини. Нема поскапо од воздухот и водата, кои се ресурси што се трошат, вели овоштарот Љубе Пампулевски, кој е и претседател на Здружението на овоштари „Благој Котларовски” од Ресен.
Во подготвениот документ се инсистира на итно иницирање на состанок на Комитетот за Преспа Парк со намера за интезивирање на соработка за Преспанско Езеро. Главните прашања со албанската страна е истекот на водите од Мала Преспа кај месноста викана Грло во правец надвор од сливот кон Албанија. Со грчката страна, пак да се разговара за испуштањето на одредена количина на вода од Мала Преспа во Големото езеро. Се предлага контрола на сите водотеци кои придонесуваат со свои водни количини во водите на езерото, контрола на подземните води, контрола за запирање на истекот кај месноста Грло и контрола за спроведување на договореното испуштање на вода од Браната на Мала Преспа. Неопходен е и заеднички меѓудражвен мониторинг за следење на квалитативната и квантитативната состојба на водите во сливот и на самото езеро кај сите три соседни држави. Секако и потпишување на Анекс кон Договорот за Преспа за размена на хидролошки, метеоролошки и податоци за квалите на водите меѓу трите соседни држави и редовни средби на експертите од наведените области за мониторинг. Ова се само дел од предложените мерки, со цел да се избегне судбината на Дојранското Езеро.

 

 „Со овој прилог, ММС се приклучува кон кампањата „Разбистри се`”, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.”

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.