Украински железници (Ukrzaliznytsia) го создадоа првиот автономен кујнски воз во светот – возот за храна, кој може да работи автономно до седум дена и да доставува храна до најоддалечените региони на Украина.
Овој кујнски воз, развиен пред една година во партнерство со Фондацијата Хауард Бафет дневно произведува и до 10.000 порции. Создаден е за да им помогне на регионите во првите редови на руските напади, а сега му служи на регионот Харкив. Ова го пренесува Рубрика повикувајќи се на информацијата на Украински железници.
Во текот на зимата 2022 година, железничките станици станаа центри за греење и храна за сите Украинци во предните региони, каде што прекините на струја беа редовни.
„Железничарите продолжуваат да го спасуваат цивилното население и се меѓу првите кои доаѓаат на помош онаму каде што е најпотребно. И во блиска иднина заеднички тим на Укржализница и на Фондот ќе застане на постојана должност во најтешките области на првата линија на Украина, каде топлината и храната се од клучно значење за животот“, рече Јевхен Љашченко, претседател на одборот на Укржализница.
Возот за храна има опрема, која овозможува подготовка на целосни оброци: супи, кашички, салати, месо и друго. Специјалните термални кутии инсталирани во внатрешноста на возот го олеснуваат транспортот на готови кутии за ручек со храна од кујнскиот воз до крајниот потрошувач.
Возот се состои од 6 вагони под локомотивата: вагон со генератор (~ 400 kW + сопствена станица за полнење за автономна работа); вагон фрижидер со замрзнувач за чување производи; вагон со ладна кујна за прелиминарна обработка на производи; вагон со топла кујна за подготовка на финални јадења; вагон со туш и машина за перење; вагон за багаж за 27.000 литри вода со филтрациони и пумпни станици.
Во исто време, потребни се 14 готвачи и 7 железничари за поддршка на оперативните активности на возот и производство на толку голем број порции.
„Тоа му помага на регионот да помине низ тешките времиња бидејќи возот за храна не е само извор на храна, туку и центар на надеж и верба во хуманоста и добрината. Ви благодариме на сите што се грижите за нашиот народ и ѝ помагаат на Украина да застане и да се заштити секој живот. Сеопфатната поддршка за Украина, обезбедување на нашата држава и општество со сите алатки за борба против рускиот терор и спасување на луѓето, е најдобрата можна заштита на човештвото. Заштита која навистина е важна“, рече претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Изградбата и функционирањето на возот се целосно финансирани од Фондацијата Хауард Г. Бафет. Самиот Хауард Бафет е редовен патник на Укражализница, кој патувал низ Харкивската област, Доњецката област, Миколаевската област и Херсонската област за време на војната и поддржува голем број други железнички проекти.
Овој текст е преземен од украинскиот медиум Рубрика
Фотографии од Украински железници
Powered by TechSoup Network’s Digital Activism Program