Во Авињон, Франција, оваа недела почна судењето на маж обвинет дека постојано ја дрогирал својата сопруга и регрутирал повеќе од 70 мажи за да ја силуваат додека таа била во несвест, што предизвика демонстрации пред судот и ужас низ целата земја.
Обвинието го товари 71-годишниот Диминик Пелико, дека речиси една деценија на својата сопруга ѝ давал седативни лекови против анксиозност во вечерите и користел онлајн платформи за да ги покани мажите сексуално да ја нападнат во нивниот дом, но и на други имоти на семејството.
Според „Монд“, истражителите велат дека наводната жртва била силувана додека била во несвест најмалку 92 пати од најмалку 72 лица; идентификуваа и обвинија 51 од осомничените. Меѓу обвинетите има возачи на камиони, пожарникар и новинар. Тие се на возраст од 26 до 74 години. Некои се во брак со деца. Некои се обвинети дека ја силувале жртвата еднаш, додека други ја силувале и до шест пати.
Жртвата – сопругата (72) побара јавно судење, наведувајќи дека сака светот да знае што се случило со неа, изјави Стефан Бабоно, еден од нејзините адвокати во телефонски разговор за Вашингтон пост.
И иако The Post обично не ги наведува имињата на жртвите на сексуалните злосторства, во овој случај жената побарала да биде идентификувана со нејзиното брачно име, Жизел Пелико.
На суд во понеделникот, таа се соочи со нејзиниот сега веќе поранешен сопруг и уште 50 други осомничени кои полицијата ги обвини дека ја силувале во периодот од 2011 до 2020 година.
Доминик Пелико не оспори ниту еден од фактите на случајот, рече Бабоно.
Неговата адвокатка, Беатрис Заваро, во изјава за францускиот весник „Монд“во понеделникот рече дека нејзиниот клиент „се срами од тоа што го направил“,
Доминик Пелико изјави оти сите мажи биле свесни дека неговата сопруга е дрогирана и онесвестена, според „Монд“.
Полицијата има сознанија дека тој поставил строги правила, вклучително и дека мажите не треба да мирисаат на парфем или чад што може да ја разбуди неговата сопруга, и дека не треба да носат кондоми, рече Бабоно.
Некои од обвинетите тврдеа дека мислеле оти двојката се свингери, кои живеат во сексуална фантазија ниту знаеле оти жртвата не се согласила на силувањата.
Бабоно рече дека судот веќе пресудил, а аргументите на адвокатите на одбраната за мажите не се сметаат за доволно валидни. Судењето ќе продолжи понтаму и се очекува да трае неколку месеци.
Адвокатот Бабоно рече дека случајот покажал оти употребата на дрога за да се олесни сексуалната злоупотреба не е ограничена само на ноќни клубови, туку може да биде и алатка за кривично дело извршено од членови на семејството и други доверливи луѓе.
Сега, рече тој, неговиот клиент се надева дека случајот ќе помогне да се подигне свеста за распространетоста на она што во Франција е познато како „хемиско потчинување“ – или чинот на дрогирање некого без нивно знаење и согласност како средство за силување или крадење од него, меѓу другите кривични дела.
Жртвата, исто така, сака да поттикне поширока дебата за ризиците од насилство и сексуална злоупотреба со кои се соочуваат жените, особено во Франција, рече Бабоно, додавајќи дека „таа верува дека тоа е исто така по малку судење на општеството и местото на жените во француското општество“.
Според француските медиуми, Пелико биле во брак повеќе од 50 години и имале три деца. Тој е електричар и работел во различни индустрии во текот на неговата кариера, работел и како менаџер во француската државна компанија за електрична енергија ЕДФ. Двојката живеела во предградијата на Париз и се преселила во Мазан, град во Прованса, откако се пензионирале.
Но, под превезот на нормалниот семеен живот се крие мрачна и извртена реалност, според случајот што обвинителите го изложија на суд.
Активноста на Доминик Пелико се нашла под лупа во 2020 година, откако три жени го пријавија дека наводно се обидел да снима под нивните здолништа. Полицијата го уапсила и му ги запленила технолошките уреди.
„Тогаш полицијата пронашла стотици фотографии и видеа, на кои наводно се гледа силувањето на неговата сопруга од повеќе различни мажи“, рече Бабоно.
Многу од датотеките биле категоризирани во папка означена како „злоупотреба“, според француските медиуми .
„Полицијата, исто така, пронашла фотографии од ќерката и двете снаи на парот, кои се чини дека биле направени без согласност додека биле во бањата или додека спиеле“, рече Бабоно.
Адвокатот на жртвата, кажа дека неговата клиентка не знаела дека таа била повеќепати силувана, но последните години имала вознемирувачки симптоми, како што се губење на меморијата, пад на косата, воспалено грло на матката и болки во стомакот.
„Таа се посомневала дека можеби има Алцхајмерова болест или рак“, изјави за француските медиуми друг нејзин адвокат Антоан Ками .
Кога полицијата ѝ кажала за што е обвинет нејзиниот сопруг, „таа го изрази своето целосно неверување“, изјави Бабоно за The Post.
Полицијата ја предупредила дека ќе ѝ ги покажат вознемирувачките слики од компјутерот на нејзиниот сопруг. Шокот бил толку голем, што на почетокот „не ја препознала жената на сликите“ на која била самата.
„Таа не можела да сфати за кого се работи, а тие и рекоа: „Тоа си ти“. Долгогодишната злоупотреба како последица ѝ остави најмалку четири сексуално преносливи болести и други физички и психолошки лузни“, рече Бабоно.
Доминик Пелико е обвинет и за вмешаност во два постари случаи: силување и убиство во 1991 година и обид за силување во 1999 година и за злоупотреба на неговата сопруга, според француските медиуми .
Вашингтон пост