Многу човечки и технички ресурси, грижа и инвестиции донесе приклучувањето на најголемата општина во источниот регион кон Хидросистемот „Злетовица“.
Две години по приклучувањето, инвестирано е во нова машина за фаќање на листови и автоматско прочистување, но ова е и период кој покажа дека тимот на хидросистемот успешно одговори на големиот предизвик, вели директорот Љупчо Благоевски. Тој вели дека успешното менаџирање во соработка со општината Штип и ЈП „Исар“, подразбираше зголемен ангажман на вработените, бидејќи основната цел е Штип ни еден час да не остане без вода за пиење.
-Бидејќи кога доаѓаме во ситуација да има заматување на реката Злетовска, кај нас ангажманот е 24/7, со работа во смени. Кога не можеме да се покриеме во смени, остануваат и прекувремено. До сега не сме имале некој посериозен дефект на цевководите за испорака на вода кон Штип, и сето досега е успешно реализирано на задоволство на граѓаните на општина Штип и на двете јавни претпријатија. Би сакал да напоменам исто така, дека имаме одлично разбирање со ЈП „Исар“ и при евентуално заматувања, при преголема матност, ние соработка за отпис на испорачаната количина вода, бидејќи таа вода не е преработена и не можеме ние да ја фактурираме кон ЈП „Исар“, изјави директорот Благоевски.
Штип е најголемиот потрошувач на вода од Хидросистемот. Водата од Зафат 3 преку цевки стигнува до филтер станицата во Штип, каде се преработува и понатаму се испраќа со секој приклучок. Се случува поради старата дотраена водоводна мрежа, граѓаните на Штип да останат без вода за пиење. Само минатата недела трипати имаше прекин на водата на неколку населби поради оштетување на главните цевки од машините на компанијата која ги изведува работите на булеварот „Партизанска“. Меѓутоа, дотурот на вода од „Злетовица“ се одвива нормално, под контрола на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси, кон која еднаш годишно Хидросистемот доставува извештаи за прекини на водоснабдување, водени биланси и друго.
-Штип зема вода трипати повеќе од двата града (Пробиштип и Свети Николе). Општина Пробиштип годишно просечно повлекува 60 литри во секунда, додека општина Свети Николе околу 40 литри. За Штип тоа од 180-200 литри во секунда. Зборувам за просечната потрошувачка, бидејќи во зимскиот период потрошувачката е многу помала на вода, додека во летниот е многу поголема. Мај беше врнежлив и нема голема потрошувачка на вода, но очекуваме со затоплувањето на времето, да дојде и до зголемување на потрошувачката, смета Благоевски.
Во текот на изминатите две години, како што вели директорот Благоевски, беа потребни нови инвестиции, со цел да се одговори на барањата и потребите на Штип.
-Сами инвестиравме и купивме машина за фаќање на лисјата на влезот на таложникот на Зафат 3. Тоа ни беше неопходно, бидејќи видовме првата година нашите работници не можат да постасаат и тоа беше сопствена инвестиција, тоа е машина која е целосно автоматизирана и сама си ги чисти нечистотиите што влегуваат во каналот и со тоа, при испораката на вода за Штип никогаш не дошло до проблем. Во иднина имаме инвестиции во кои треба да вложиме, а тоа е купување на дизел агрегат на Зафат 3, каде што при евентуални прекини на струја, не би го оставиле Зафат 3 без напојување со електрична енергија, бидејќи од Зафат 3 се водсонабдуваат и Штип и Свети Николе, Лозово и Карбинци, изјави Љупчо Благоевски, директор на ХЏ ЈП „Злетовица“.
Останува како проблем тоа што Штип нема базен за вода за пиење, каков што има Пробиштип на пример, каде во случај на прекин на водоснабдувањето во градот, би се складирала водата од „Злетовица“.
Поради тоа, Штип не смее да остане без вода ни половина час.