Предлог-законите за средно образование и за стручно образование и обука денеска поминаа во прво читање на седница на собраниската Комисија за образование, наука и спорт. Поддршка добија од сите членови на матичната комисија, а на иницијатива на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, по двата предлога ќе бидат организирани јавни расправа пред да се проследат во второ читање.
Тие сметаат дека се работи за сериозни закони и за да се избегне избрзаност и да се слушнат сите засегнати страни, треба да има јавна расправа од која заклучоците ќе помогнат да се креираат амандмани за наредната фаза од нивното носење.
Претседателката на Комисијата, Жаклина Лазаревска, рече дека јавни расправи ќе бидат закажани веројатно на почетокот на март за да постигнат двете законски решенија да бидат изгласани пред распуштање на Собранието заради претстојните избори.
На иницијатива на Министерството за образование и наука, двата предлог-закона беа усвоени на седница на Владата на 16 јануари. Тогаш министерот, Јетон Шаќири тогаш повика да бидат што поскоро донесени во интерес на унапредување на образовниот систем во државата и подигнување на квалитетот на воспитно-образовниот процес со оглед на тоа што актуелните закони се од 1995 односно од 2007 година.
Шаќири денеска на комисиската седница образложи дека новиот Закон за средно образование ќе овозможи развој на клучните компетенции и вештини кај младите, со особен фокус на дигиталните, неопходни за понатамошното образование и успешно вработување. Првпат се воведува и кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, како и ученичко организирање и учество во носење одлуки.
Со новиот Закон за стручно образование и обука, пак, се регулира концептот на дуално образование. Законот го зголемува обемот на практично образование во средните стручни училишта, односно фокусот е повеќе кон стекнување практични и применливи вештини преку учење директно на работно место во компаниите за сметка на намалување на теоретската настава. Реформата на стручното образование и обука е тесно поврзана со промените на пазарот на трудот и потребата за модел на стручно образование и обука насочен кон создавање човечки ресурси за потребите на пазарот на трудот, преку вработување или самовработување. Новина е и воведувањето стручна матура и влезен академски испит.
На иницијативата од пратениците да има јавна расправа пред да се оди во натамошна фаза, Шаќири рече дека со согласува со се што позитивно ќе придонесе за подобар закон иако на двата закона, рече МОН работело внимателно.