Куќите ниту се стари, ниту се мали и се оставени во наследство од нашите родители. Затоа не смеат ниту да помислат да ни ги рушат домовите, велат жителите на населбата Лисиче, на кои, како што објаснија, според Деталниот урбанистички план, кој го подготвува Општина Аеродром на потегот од спроти полициската станица, меѓу булеварот „Дванаесетта македонска бгирада“ на север, железничката пруга Скопје – Гевгелија на југ, и булевар „Србија“ на запад треба да се направат згради и улица за влез.
Жителите на оваа населба, за ММС рекоа дека, за да си ги заштитат домовите формирале Иницијативен одбор, за да заеднички делуваат против бетонизација на населбата и рушење на нивните куќи.
Од Иницијативниот одбор на лисичани се обратија до нашата редакција и не поканија, како што ни рекоа, „дојдете да видите какви куќи треба да се срушат“. Видно вознемирени и лути на градоначалникот Тимчо Муцунски тие рекоа дека нема да отстапат ни педа од нивните имоти и домови, во кој веќе живеат трети генерации.
-До сето ова немаше да дојде доколку градоначалникот не направи грешки и разгоре многу огнови. Се дигна цело Лисиче, маало по маало. Ако успее да го бетонизира овој дел од населбата, тогаш отиде цела населба. Сите се гневни. Подготвуваме петиција во која не се запишуваат само жителите, чии куќи планираат да ги рушат, туку цела населба. Петицијата досега е потпишана од над 300 граѓани, а собирањето потписи се уште трае. Планираме да ја доставиме и до Народен правобранител и до Антикорупциска. Ако и понатаму не игнорираат ќе ја блокираме крстосницата секоја ден, велат од Иницијативниот одбор.
Тие велат дека сосема случајно дознале што им се подготвува. Дека на градоначалникот му се најавиле ама не сакал да ги прими.
-Ни рекоа дека не може да не прими, немал време, а имаше време кога бараше поддршка да го гласаме. Не може да ни се прават газди врз животот. Самиот ДУП е Франкештајн, од цевките на гасоводот врз кои се планираат згради, па се друго. Ова се прави на крајно недемократски и подмукол начин. Таму треба да направат зелен појас, а не згради од 12 ката. Не смеат ни да помислат да ги рушат нашите домови, во кои сме го вградиле нашиот живот, пари и здравје. Ги бркаат нашите деца кои решиле да останат во овој град и во оваа држава, а да не зборуваме за внуците, велат од Иницијативниот одбор.
Жителите на населбата очекуваат градоначалникот и советниците да мислат на инфраструктурни решенија, да мислат на водоводот, канализацијата, зеленилото, а не да им ги рушат домовите и да градат згради.
-Со кое право тие советници, кои ги гласавме ние граѓаните одлучуваат без да не прашаат? Како е можно да одлучат да ни го одземат правото на живот? Ако ние сме сакале да одбереме да живееме во згради тоа ќе сме го направиле. Ние живееме за нашите дворови кои ги имаме со зеленило, а и во цела населба сами си го одржуваме зеленилото, сами ја косиме тревата, сами садевме дрвја, не чекаме од општината. Нам не ни е оставено во наследство од нашите родители за да уништуваме, туку да зачуваме. Сакаме да порачаме- нема рушење. Дали треба да почнат да играат мајтап и со приватното, како со државното?? Навистина нема разум овде. Планови се прават на приватни имоти. Не може да не избрише со гума, ние постоиме. Не може да не згазат за да врз нашите куќи направат пат за новите згради. И нека не се обидуваат да го исполитизираат ова, бидејќи нас политика не не интересира, ова го правиме за да се заштитиме ние и нашите имоти, велат од Иницијативниот одбор.
ММС се обрати до општина Аеодром од каде ни рекоа дека процесот на донесување на Деталниот урбанистички план во дел од населбата Лисиче се реализира целосно транспарентно, а потврда за транспарентноста е фактот дека веќе заврши анкетата преку која граѓаните имаа можност да го споделат своето мислење и забелешки поврзани со конкретниот ДУП.
– Анкетните прашалници веќе се разгледуваат од страна на Комисијата за урбанизам во Општина Аеродром и секаде каде што законот дозволува, забелешките ќе бидат земени предвид при донесување на финалниот план. Паралелно со ова тече и процесот за консултација и средби со граѓаните во чии рамки градоначалникот Муцунски во текот на изминатиот период во неколку наврати во својот кабинет оствари средби со граѓаните од овој дел од Лисиче, а овие средби продолжуваат и во текот на оваа недела, рекоа за ММС од општината и додадоа дека:
„Општина Аеродром ги охрабрува и повикува сите граѓаните кои на оваа тема имаат забелешки, прашања да контактираат со кабинетот на градоначалникот или пак со општински служби кои се на целосно располагање на граѓаните“.
Од Општина Аерором објаснуваат дека во првичниот нацрт Детален урбанистички план, кој беше објавен на јавна анкета, можно е да постои случај на погрешно проектирана улица, но,дека тоа е само прва и предлог верзија од нацрт план кој е предмет на усогласување со граѓаните и останатите надлежни институции.
-Јавната анкета, се спроведува токму со цел да бидат отстранети ваков тип на евентуални пропусти и недоследности во првичната верзија од планот. По, нејзиното завршување, разгледување на забелешките од граѓаните и преминување во следна фаза, најодговорно тврдиме дека нема да има биде срушен ниту еден објект за домување, а со цел изградба на нова улица или било каков друг инфраструктурен проект, инфорираат од општината.
„Како што неколку пати споменавме, велат од општината, Деталниот урбанистички план решава клучни и важни проблеми за граѓаните во дел од општината Аеродром. Дезинформациите поврзани со наводно „бетонозација“ и изградба на десетици згради во Лисиче се целосно неточни.
-Финалниот детален урбанистички план ќе биде изработен согласно законските прописи и забелешките на граѓаните, а за истиот согласнот ќе треба да дадат Министерството за транспорт и врски и Градот. Прес конференциите и споделувањето на неточни информации од страна на политички партии се само обид за дефокус на јавноста од реалните проблеми и актуелните корупциски скандали поврзани со крупни бизниси зделки на високи функционери од власта, информираат од Општина Аеродром.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски