ММС, 13.09.2018
Малку скилифтови, кои често се расипуваат, и останатата скијачка инфраструктура е стара со децении, поради катастрофалната состојба бројот на туристи е во постојано опаѓање, хотелиерите стравуваат дека новата скијачка сезона нема да започне, а велат и дека се во голема неизвесност од потезите на двете последни влади – претходната ветувала милионски инвестиции во Центарот, а оваа сакала да го дава под концесија
Пишува: Зоран Димовски
Една слика илјада зборови. Фотографијата над самиот текст сама по себе покажува во кој правец се движи Скијачкиот центар „Попова Шапка“ во изминатите неколку децении. Жичницата Тетово – Попова Шапка, која важеше за водечка за превоз на патниците, на почетокот од 21. век, кога се очекуваше да се модернизира, целосно се уништи. Во воениот конфликт од 2001 година беа оштетени сајлата, вагончињата како и почетната и крајната станица на жичницата. Но и по поминати речиси две децении, никој не покажа интерес таа да се врати во функција или, пак, да биде поставена нова жичница.
Инфраструктура на Центарот дише на шкрги
Останатата скијачка инфраструктура на Центарот, поставена претежно во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, никако да се замени со нова ниту, пак, постојната се одржува како што треба. На Попова Шапка моментално има четири скилифотви и два двоседа, кои уште за време на поранешна Југославија, Центарот ги купил половни. Вработените во „Елем турс“, јавно претпријатие што стопанисува со „Попова Шапка“, велат дека лифтовите се дотраени и неопходно е да бидат заменети со нови.
– Има малку скилифтови, а и тие што ги има се постојано во дефект. По неколку пати на ден се расипуваат, па мора да интервенираме. Тогаш се создаваат метеж, нервози и слично. Ова стана практика секоја година. Со тоа ги губиме туристите – истакнуваат вработени од „Елем турс“, кои сакаат да останат анонимни, поради страв од губење на работните места.
Поради катастрофалната состојба, хотелиерите во Центарот стравуваат дека новата скијачка сезона нема да започне. Велат дека ги загрижува тоа што двоседот „Свети Илија“, кој се расипал на крајот од минатата скијачка сезона, се’ уште не е поправен.
-Тој двосед се расипа уште во февруари 2018 година. И гледаме дека се уште не е чепнат. Кога се расипа, нашиот промет се намали за 50 отсто. Затоа што тој двосед е важен за почетниците и за бордерите, а на него се качуваат и родители со деца за да ги учат да скијаат. Многу го користат и скишколи. Сега како ќе стигнат до горе ако не работи, нема да се качуваат пеш по патеките – вели Жарко Неделковски, менаџер на хотел на Попова Шапка.
Поради очајната состојба, бројот на туристи од година на година се намалува
Валентин Тасевски член на иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“, се присетува на, како што вели, златните времиња кон крајот од осумдесеттите години, кога на годишно ниво Попова Шапка ја посетувале околу 60.000 туристи – домашни и претежно од земјите од поранешна Југославија.
– Тоа беше златно време, ако се направат некои споредби. На пример, според Заводот за статистика, на годишно ниво Тетово го посетуваат околу 60.000 туристи. Повеќе од половина од тие туристи ја посетуваат Попова Шапка зиме и лете. А, на пример, во осумдесеттите години само Попова Шапка ја посетуваа повеќе од 100.000 гости. Проблем е што сега треба да имаме повеќе туристи, а не помалку. Затоа, треба да се размисли што понатаму со Попова Шапка ако сакаме да ја спасиме. За овој центар има повеќе студии за развој, и треба надлежните добро да размислат и да не дозволат Центарот да пропадне – смета Валентин Тасевски од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.
Вели и дека државата нема развиени индустриски гранки, енергетика и слично, но туризмот можел да ги повлече сите гранки. Посочува дека ако Попова Шапка го најде својот пат на развојот, комотно може и во Тетово да има 20.000 кревети наменети за туристите, а тоа ќе значело развој и на градот и на државата
За значително намалениот број на туристи, поради нивното незадоволство од услугите, потврда добивме и од раководствата кои изминатава деценија управуваа со Центарот.
– Попова Шапка денес со периодот на поранешна Југославија, па и со деведесеттите години не може да се споредува. Порано имало многу туристи од цела Европа, Русија… Кога бев директор, имав некое чуство дека во некои години се’ се правеше за скијачкиот цетар да замре. Имаше и добри периоди, на пример од 2009 до 2012 година. Колку-толку започнаа да се враќаат туристите. Кога увидоа дека малку се инвестира, купивме сајла за Цери Пашина, ги проширивме скипатеките, ги обновивме хотелите. Но, од 2013 година, кога од ЕЛЕМ, „Попова Шапка“ премина во „Елем турс“, се’ почна да оди во надолна линија. Настана анархија во Центарот. Не ни’ пуштаа од ЕЛЕМ пари за нафта и слични работи. Туристите избегаа. Ете и сега, гледате се расипа и двоседот и никој не го поправа – вели Петре Димитриевски, кој менаџираше со Попова Шапка од 2008 до 2015 година.
Државата и Општината не инвестираат, а не ги оставаат ни приватниците да развиваат бизниси
На Попова Шапка во изминатите неколку децении изградените хотели и ресторани може да се избројат на прстите од едната рака. Првиот кој инвестирал, поради лошите инфраструктурни услови како пат, канализација и слично, одлучил годинава својот хотел да го издава под наем. Сопственикот на хотел-ресторанот „Каза Леоне“, кој пред една деценија го отворил објектот во кој има осум соби, четири апартмани и еден ресторан, вели дека сакал во неколку наврати да го прошири бизнисот, ама, поради лошата инфраструктура и бирократијата, бил спречен во неговата намера.
-Инфраструктурата е катастрофа. Ми се јавуваат туристи дека ќе дојдат кај мене. Кога ќе се качат на Попова Шапка, ќе видат дека поради лошиот пат не можат да стисаат до мојот ресторан, па се откажуваат и се симнуваат долу. Патот навистина е катастрофа, има бездомни кучиња, нема соодветно улично осветлување, а Општината, која е надлежна за овие работи, не презема ништо. Јас сум сакал да инвестирам во кафулиња и слично, оти тука нема такво нешто за младите, но од Општината не ми даваат место. Велат дека земјата била на државата, а не на Општината. А, според законот, нели земјиштетото на РМ им припадна на општините, ама бадијала. Има доста кои сакаат да инвестираат во Центарот, но и тие се соочуваат со бирократски процедури. Има примери кога им се бара мито ако сака некој да изгради нешто, и тие на крај се разочаруваат и заминуваат отткука – истакнува сопственикот на „Каза Леоне“, Џабир Реџепи.
Претходната најави милионски инвестиции, оваа власт сака да ја продава Попова Шапка
Со туристичкиот центар „Попова Шапка“ стопанисува државната компанија „Елем турс“, а викенд-населбата е под надлежност на Општината Тетово.
Минатата влада уште во 2012 година усвои мастер план за инвестирање во Центарот, кој, според најавите, требаше да се реализира во три фази. Во првата, требаше да се инвестираат 30 милиони евра – во шестосед, нови жичници, паркиралишта, хотели, нова патна инфраструктура, вештачки снег… За втората фаза од компанијата ветија уште 30 милиони евра. .
Но, од најавеното започна да се гради само шестоседот, кој имаше неколку неуспешни стартови. Пред три години започна да се гради без дозвола токму над главните извори од кои Тетово се снабдува со вода, при што беше пукната една од водоводните цевки. Градежните активности запреа. Локацијата за изградба се премести десетина метри подалеку од изворите. Годинава, според „Елем турс“, шестоседот ќе биде завршен, градежните активности продолжиле, откако компанијата ги извадила сите потребни документи за градба.
Но изградбата на шестоседот чија судбина и натаму е неизвесна, ако се земат предвид перипетиите и неуспешните стартови, му направија голема штета на Центарот. На местото каде што почна да се гради, беше изваден најстариот скилифт во Центарот, таканаречен „чешки“, кој ја опслужуваше скипатеката „Мал Јелак“. Уништувањето на овој скилифт, кој практично преставуваше историја на Центарот, наиде на голема реакција од скијачите. Според нив, немало потреба од такво нешто, затоа што со неговото остранување на Попова Шапка повеќе нема услови да се организираат ФИС-натпревари, дека патеката што ја опслужувал овој скилифт била наменета за скијачите-натпреварувачи да ги одржуваат своите тренинзи. Изградбата на шестоседот, според познавачите на приликите, направила повеќе штета отколку корист, затоа што при градежните активности е изоран цел рид.
– Па, видете, цела планина ја урнаа, го извадија скилифтот „Мал Јелак“, еден од најубавите каде имаше прекрасна скипатека. Ја изораа планината. Јас паметам кога се градеше двоседот на Цери Пашина тој се поставуваше со хеликоптери за да не се изора планината. Сега овој шестосед го поставуваат со багери, па цела планина ја изораа. Ако тогаш можеле да користат хеликоптери и се мислело на планината, сега по четири децении не се може. Колку сме отишле назад – вели поранешниот технички директор на „Попова Шапка“, Менан Мемеди, сега член на иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.
Пред неколку години „Елем турс“ имаше неуспешни обиди да направи вештачко езеро на Попова Шапка, кое требаше да служи како извор со вода за правење вештачки снег, но и како место за рекреација. На меѓустаницата на скипатеката Цери Пашина, беше ископана огромна дупка. Но градежните работи запреа, откако експерти од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, утврдија дека локацијата на езерото не била погодна, и во случај на поголеми врнежи, водата од езерото можела да се излее и да го поплави целиот центар.
Урнатините од нереализираниот проект Вештачно езеро за кој, според наши извори, се потрошиле околу 700 000 евра, се’ уште стојат како грда слика за неспособноста на надлежните.
По нереализираните најави за инвестирање, сега новата власт се обидува да го продаде Центарот, но засега овој процес тапка во место. Пред шест месеци таа најави дека најдобро за Попова Шапка е да се издаде под концесија, како што тоа го прават повеќе скицентри. За таа цел, властите истакнаа дека ќе објават тендер за избор на консултант за проценка на Центарот, односно постапка која води до негова продажба. Но, од сето тоа засега нема ништо. Од Владата не даваат никакви информации дали објавиле тендер и дали бил избран консултант. Рекоа дека ако има некоја новост, ќе не’ информираат
Хотелиерите во неизвесност – да го развиваат бизнисот или да кренат раце од се’
– Не знаеме што да правиме. Ни’ се јавуваат туристи, ни’ велат – што ќе се прави со Попова Шапка, ќе се продава, не се продава… Поради неизвесноста за иднината на Центарот и ние, хотелиерите, и другите кои имаат барем нешто инвестирано во Центарот, не знаеме што да правиме. Дали да го развиваме бизнисот или да се откажеме од се’ – разочарано зборува Хашим Хасани, сопственик на хотел во Центарот.
Спортските работници сметаат дека е штетна одлуката да се продава Центарот, затоа што Попова Шапка преставува златен рудник, од кој државата не треба да се откаже.
– Со еден од најдобрите центри на Балканот – Копаоник, стопанисува Јавното претпријатие „Скијалиште Србија“ и тоа многу успешно. Така е и во западноевропските земји, каде што со многу скицентри стопанисува државата. И не мора да гледаме надвор од нашата држава, видете што се случи со Кожув, и во Маврово не е розово, а приватни инвеститори ги имаат. Тој инвеститор што ќе дојде тука, ќе се соочува со безброј пречки од областа на урбанизам, животна средина, и сите тие ингеренции се на државата, а ваквите препреки таа сама брзо би ги совладувала. Значи, скијачката инфраструктура, скитерени, неколку хотели, паркинг и слично да им се дадат на стопанисување на државни прептријатија. А, се разбира, кој сака да може да инвестира во угостителски објекти и слично во самиот центар. Но, тоа што е основата да го има државата. Шар Планина, според повеќе светски студии, може да прими 500.000 скијачи на ден. Ако оваа бројка ја помножиме по просечно 100 евра трошок од еден скијач кој преспива, скија, се храни во центарот, добиваме неколку милијарди евра годишен промет, сума која го надминува и државниот буџет – смета претседателот на скијачкиот клуб „Љуботен“, Жарко Трпковски.
Моментално, капацитетот на Попова Шапка е околу 3.000 скијачи на ден. Ако се изгради новиот шестосед, капацитетот двојно би се зголемил. Дали новата влада, конечно ќе го препознае богаството на Попова Шапка ќе покаже времето.
Текстот е дел од проектот „Македонија не е само Скопје“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.