Осуден на 101, а бил затворен шест години на Родос и една во Скопје
По формирањето на ТМОРО, Веселин во осоговскиот крај организирал една поголема група луѓе, кај населението позната како Востаничка чета, која тајно собирала оружје подготвувајќи се за очекуваното востание за ослободување на Македонија. По избувнувањето на познатата Виничка афера, турската полиција го открила и одзела оружјето што го собирала четата на Веселин Комитата. Како одмазда, четата една ноќ во 1902 година го опожарила селото Истибања, кое тогаш било населено со жители од турска националност. По опожарувањето, четата била откриена. Комитите добиле долгогодишни казни затвор, а водачот Веселин дури 101 година. Робијата на Веселин на егејскиот остров Родос траела шест години, до 1908 и Младотурската револуција, кога била прогласена амнестија за политичките затвореници. Но, Веселин пак се фатил за пушката, па една година бил затворен и во затворот Куршумли ан во Скопје. Починал во слободна Македонија во 1952 година, а со сопругата Елена се погребани на гробиштата во виничкото село Калиманци.
Со Елена имале четворица синови – Милан, Јаким, Јосиф и Стефан, а нашиот соговорник, внукот на Веселин, Тодор Димитров, е син на Јаким. Димитров во монографијата ги опфаќа осумте поколенија од семејната лоза на Димитар Пресечки. За првите три поколенија фотографии нема, а од сите останати се објавени и слики. Во книгата објавува и околу 200 грижливо чувани и собирани фотографии од разни предмети, живеалишта, облека, ракотворби, алатки од Пресека, Виничка Кршла и од околните села, кои може да бидат интересни и корисни од историски, етнографски, етнолошки и од културолошки аспект.
СНАИ ОД ГЕРМАНИЈА И ОД ЛИТВАНИЈА, ЗЕТОВЦИ ОД ПОЛСКА И ОД АВСТРАЛИЈА…
Освен комити и партизани, во родословот на Димитар Пресечки има носители на ордени и медали Македонија и во СФРЈ, примабалерина во Италија, некогашен пионерски првак на СФРЈ во шах, фудбалери и фудбалерки, кошаркари, првенци на генерации во училишта…
Меѓу речиси тристоте поединечни слики во монографијата, чие печатење го финасирале помлади членови на семејната лоза, има и повеќе потпишани со странски имиња. Тоа се зетовци и снаи во широкоразгранетата семејна лоза. Блажеј Стемпин од Полска, Армин Сулјаковиќ од БиХ и Адам Елиот од Австралија се затовците, а Даниела Друкс од Германија, Славица Шебек од Црна Гора, Кејтин Хејли од Австралија и Александра од Литванија се снаите.
Тодор Димитров, кој е како жива енциклопедија, деновиве ја промовира својата последна книга, овој пат за развојот на образованието во Виница, промоција на која дојдоа повеќе од 300 луѓе, претходно објави и интересна монографија за семејното стебло на Димитар Пресечки, кое се разгранува 200 години, а од него е дел и тој, семејна лоза која од осоговското село Пресека, во кое сега не останал никој, се разгранила во 13 земји на три континенти, во која има од комити, меѓу кои и дедото на Тодор, Веселин, кој бил осуден на 101 година затвор, и партизани, до доктори на науки, првенци на генерации во училишта, примабалерина во Италија, пионерски првак на СФРЈ во шах…
Пишува: Љупчо Шатевски
Нема нација без документација. Ако не го регистрираме, евидентираме, документираме она низ што сме поминале, ќе лебдиме, ќе бидеме без корени, па многумина ќе не’ оспоруваат, како што тоа често ни’ се случува. За жал, малку водиме сметка за тоа. Се трудам колку што можам она низ што сум поминал, но и она пред тоа, што не сум го доживеал, но сум го истражил, да го ставам на хартија, да остане.
Вака зборува виничанецот Тодор Димитров (74), кој целиот работен век го поминал во образованието. Откако во 1964 година завршил Учителска школа, а потоа и Педагошка академија во Штип, првин работел како учител во виничкото село Трсино, а потоа бил наставник во двете основни училишта во Виница – „Славчо Стојменски и „Гоце Делчев“. Бил и директор на тие две училишта, а последните шест години пред пензионираето во 2009 година, ги поминува како наставник. Нема настан во Виница поврзан со минатото, со историјата на кој не зборува Димитров, а секретар е и на виничката боречка организација. Неговиот последен труд, монографијата за основното училиште „Славчо Стојменски“, беше промовиран деновиве, а на промоцијата дојдоа повеќе од 300 виничани, кои добија по една книга. Градоначалникот од името на Општина Виница, која го поддржа издавањето на монографијата, на Димитров му врачи плакета.
– Ова е значаен труд за Виница, за регионот, па и за Македонија. Освен сеопфатното запознавање со развојот на образованието во изминатите 137 години, дава и слика за општествените, социо-економските и за културните случувања за долг период, а тоа уште еднаш барало многу труд, енергија и ентузијазам од авторот. Горда сум што повеќе години соработувам со Тодор Димитров, но, мора да констатирам, такви ентузијасти како него, за жал, веќе речиси нема – истакна на промоцијата новинарката Македонка Мирева.
А низ што се’ минувал македонскиот народ во минатото доволно зборува и историјатот на виничкото основно образование презентиран во книгата. Тој почнува со црковното училиште во 1882 година. До балканските војни се учело на бугарски јазик, па дошле Србите и од 1912 до 1914 се учело на српски. Тогаш почнала Првата светска војна, пак дошле Бугарите, па до крајот на Војната, повторно се учело на бугарски. Во 1918 година се формирало Кралството на СХС, па повторно се вратил срспкиот јазик. Од 1941, со фашистичката окупација, уште еднаш „доаѓа“ бугарскиот јазик, за по ослободувањето, кон крајот на 1944 година, конечно, учениците да почнат да учат на мајчин македонски јазик.
– За жал, таква беше нашата приказна. Во книгата презентирам и околу 500 фотографии од сите периоди од минатото на виничкото основно образование, од народни херои и борци за слобода од Виница и Виничко, како и од големи таленти, истакнати личности и од доктори на науки кои учеле во виничките основни училишта. За жал, 70 отсто од тие доктори на науки сега се надвор од границите на Македонија, па нивните трудови се користат во земјите каде што сега живеат и работат – вели Тодор Димитров, кој претходно има напишано книга и за другото виничко основно училиште, „Гоце Делчев“.
На промоцијата присуствуваа и внуците на народниот херој Славчо Стојменски со семејствата, кои претходно положија цвеќе пред неговата биста во дворот на училиштето
Книга за родословот на Пресечки, па и за многу други наши семејни лози
Пред три години објави многу интересна монографија и за неговата семејна лоза – „Родословот на Димитар Пресечки“, семејно стебло што почнало да се разгранува пред 200 години од осоговското планинско село Пресека. Во таа семејна лоза има повеќе стотици луѓе. Од комити и партизани, до магистри, доктори, примабалерина… Од сите нив сега никој не живее во Пресека, село што со пописот во 1953 година имало 1.163 жители, во 2002 останале 68, а сега се вкупно триесетина. Припадници на семејното стебло Пресечки денес, освен во македонски градови, живеат дури во 13 земји на три континенти – Германија, Италија, Австрија, Велика Британија, Словенија, Швајцарија, Шведска, Чешка, Грција, Австралија, Обединетите Арапски Емирати…
– Слична е приказната и за другите семејни лози од селата од разбиен тип во тој планински крај во кој што сум роден. Бројот на жителите е десеткуван, а луѓето одамна почнаа да заминуваат насекаде низ Македонија и, уште повеќе, низ светот. Процес кој, за жал, продолжува и е присутен во целата држава, па монографијата за семејното стебло Пресечки на некој начин е сведоштво и на многуте други слични семејни македонски приказни – раскажува Димитров.
Димитар Пресечки бил роден во 1820 година, а од каде дошол во Пресека не се знае. Неговиот син Стојче се родил во 1845 година, а негови синови биле Стоимен Илија, Мицо и Веселин. Од историски аспект, најпознат останал најмалиот – Веселин Димитров или Веселин Комитата, како што го викале, кој е роден во 1872 година.