Единствени сигурно утврдени факти до пладне на 16.11.2022 се дека во полско погранично село со Украина паднала една или две ракети, при што загинале две лица и дека пректилот/те биле од руско производство, но дека не може да се потврди од каде се истрелани, иако последната изјава на американскиот претседател е дека ракетата била истрелана од украинската противвоздушна одбрана
Последната вест е дека потеклото на ракетата што падна во село во Полска на границата со Украина најверојатно е од украинските сили за против-воздушна одбрана, јавија светските медиуми. Станува збор за потеклото на ракетата(тие), во смисла од каде биле истрелани и кои во вторникот попладне (15.11.2022), погодија цел во полското село Прежеводов, оддалечено 16 километри од границата со Украина и сместено десетици километри северозападно од украинскиот град Лавов. Во инцидентот има две потврдени жртви и извесна материјална штета, јави Радио Лублин.
После првичната истрага, во среда на 16.11.2022, Полска потврдува дека ракетите се од руско производство, но полските власти не можат да прецизираат кој ги истрелал ракетите или ракетата, зашто има сведочење на очевидци кои тврдат дека биле два проектила.
Првични проценки од три американски извори што ја објави агенцијата Асошејтед прес сугерирале дека е можно ракетите од руско производство да биле истрелани од украинската армија:
Тројца американски функционери рекоа дека прелиминарните проценки сугерираат дека проектилот бил истрелан од украинските сили кон руска ракета, со цел да го пресретнат среде кампањата за уништување на електричната инфраструктура на Украина во вторникот. Официјалните лица зборуваа под услов да останат анонимни, бидејќи не беа овластени јавно да разговараат за ова прашање, се вели во веста од АП.
Медиумите ширум светот во текот на вчерашниот ден јавија дека руските сили извршуваат масовен ракетен напад ширум Украина, гаѓајќи згради во Киев и во десетина други градови и населени места во Украина, пред сè, во енергетско-инфраструктурни објекти. За ова сведочи и веста објавена на Дојче Веле во текот на 15.11.2022 година, при што се нагласува дека станува збор за прв масовен ракетен напад врз Украина по повлекувањето на руските сили од Херсон.
Овие проценки веројатно се причина зошто и американскиот претседател Џо Бајден, кој присуствува на самитот на Г 20/Г-7 на Бали, изјави порано денеска, дека е малку веројатно ракетата да била истрелана од Русија.
Малку е веројатно според траекторијата дека ракетата е истрелана од Русија, изјави Бајден на 16.11.2022 по итниот состанок на Г-7 групата, посветен на инцидентот.
Русија веднаш негираше дека ракетите се истрелани од нивните сили или територија, оценувајќи дека станува збор за провокација. За разлика од ова, украинскиот претседател Володимир Зеленски, тврди дека руски ракети ја погодиле Полска, но, како што нагласуваат западни медиуми, без да понуди докази.
Овој инцидент, е прв од ваков вид откако започна агресијата на Русија во Украина на 24.02.2022 година, а бидејќи Полска е членка на НАТО, паѓањето на ракетата на територија на земја членка значеше итно свикување и на состанок на НАТО во Брисел на ниво на амбасадори, кој е во тек.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.