Не стивнуваат реакциите меѓу неготинци околу изградбата на депонија за неопасен индустриски отпад. Граѓаните се противат на таквата иницијатива. Не ги разубеди ниту обраќањето на градоначалникот Тони Делков, дека не станува збор за третман на опасен индустриски отпад и дека целата постапка била сработена од претходната локална власт. На социјалните мрежи граѓаните му пишуваат на градоначалникот, дека ако претходната власт погрешила, редно било грешките сега да се исправат.
Невладината „Ековита“ е во исчекување на одговор по иницијативата за спроведување на референдум на кој граѓаните ќе го кажат своето мислење околу изградбата на ваков капацитет.
Студијата која е изготвена за депонијата е на 300 страници. Во неа е наведено дека ќе се третирал и депонирал комерцијален отпад, отпад од пакување, суви фракции од отпад и отпад од комапнии кои работеле во секторот, пластика, гума и текстил.
„Целокупниот отпад, кој ќе биде прифатен на локацијата, ќе биде претходно селектиран и контролиран од создавачот, а потоа на инсталацијата ќе следи секундарна селекција со цел искористување на корисните фракции од отпадот заради производство на RDF, и на крајот преку соодветен физички и хемиски третман, остатокот од отпадот ќе биде депониран – пишува во студијата. Но граѓаните не веруваат во напишаното и велат дека хартијата трпи се.
„Ние немаме досега во Македонија таква депонија, освен дивите депонии и Дрисла која премногу загадува. Сега карактеристично е тоа што треба да дадеме дозвола за работа на фирма која е од скоро отворена и вродува многу сомнежи кај населението и кај нас како невладин сектор. Едноставно кога ние би рашавале дали треба да се отвори една ваква дфепонија во Неготино ќе кажеме едно големо НЕ. Кавадари и Неготино се лозарски региони и не знамеме дали инвестиоторт ќе си стои на напишаното, бидејќи знаеме дека хартијата трпи се“ вели Роберто Паризов, претседател на еколошкото друштво „Еко живот“ од Кавадарци.
Тој вели дека ја поддржуваат иницијативата за референдум на кој граѓаните треба да го имаат последниот збор околу отворањето на депонија во неготинско.
Во Кавадарци веќе работи фабрика која третира комунален отпад. За неа Паризов вели дека е од големо значење и не ја загадува животната средина.
„На Кавадарци, па и на регионот им е потребна таква фабрика за третирање на комунален отпад. Бидејќи со помош на таа фабрика би го третирале нашиот отпад а воедно се добива РДФ гориво кое се користи како заменско гориво за другите горива кои загадуваат. Таа фабрика е отворена во зона каде е предвидена Г1-незагадувачка индустрија“ дециден е првиот екологист од Кавадарци.
Покрај невладините организации, активно против отворање на депонија во Неготино се вклучени и од ОК на ВМРО-ДПМНЕ. Тие на жителите на Пепелиште, во чиј атар би се отворила депонијата им делат флаери со порака дека имаат право да ја знаат вистината и дека нивното здравје е најважно.
Ангел Данов