Некои за релаксација и хоби, други заради улов, секојдевно од утро до стемнување седат со трска в рака крај Дојранско езеро. Топлата зима оваа година се чини најмногу се погоди токму за страстните риболовци кои не пропуштаат ниту еден сончев ден за да го поминат во чамец во езерото.
Десеттици чамци распоредени на „жешките точки“ – „Калдрмата“, „Алекс бич“, „Св. Никола“, наликуваат на собир на риболовци од цела Македонија. Метежот посебно се чувствува за викендите, кога и организирано со автобуси од раните утрински часови риболовците го запоседнуваат дојранското крајбрежје.
Меѓу мажите риболовци, жените не се исклучок туку честа појава која може да се сретне токму во Дојран.
Зошто ужива да доаѓа овде и со часови да седи и да чека трската да се затресе, ни раскажа една жителка на Штип.
– Од мала ловам, од 5 години. Вака си ги полниме батериите и се одмараме и физички и психички. Има караш, крапче, белвичка, костреш. Најмногу сакам да ловам црвеноперки, ги ловам на пченичка. Најчесто доаѓам со некој, ама ете денес е работен ден па се решив сама да си дојдам. Има доста жени што ловат во Дојран, посебно во лето, но тоа важи само за Дојран, на друго место не сум сретнала. Па зошто жените да не ловат, тоа не е срамота. Зошто се вели – „стар рибар“, бидејќи рибарите подолго живеат, но не само мажите, и жените треба да живеат – на шега вели жената риболовец.
Напливот на риболовци посебно дојде до израз оваа зима, откако езерото минатата година по подолга пауза доби нов концесионер, па сега најчесто се лови во рамки на спортски риболов со дневна карта за рибарање и легитимација од Риболовната федерација.
За уловот кој дневно се вади, и типот и големината на рибата, рибарите коментираат само меѓу себе, а официјално никој не сака да зборува колкава заработувачка има од тоа, и каде се се продава дојранската риба, но очигледно, велат познавачите, никој не доаѓа секој ден доколку нема добар улов.
Во зима кога Дојран е скоро замрен, риболовците успеаја на свој начин да го раздвижат, а со тоа да ги навлечат и коментарите на локалните жители кои ги критикуваат честите „гости“ по социјалните мрежи за отпадот кој го оставаат откако ќе си заминат. Тие бараат и ограничување на ловот по килограми, оти според нив ова личи на се само не на спортски риболов, но и покрај тоа, риболовот продолжува да тече мирно, а од надлежните органи засега нема глас по ова прашање.
Роза Чулева