Македонските фудбалски клубови и фановите се уште чекаат на четирите ветени стадиони во Прилеп, Битола, Штип и Тетово, од ФФМ и општините. Градските стадиони требаше да се реконструираат според УЕФА стандарди, каде ќе се играат меѓународни натпревари од рангот на А националната селекција. Договорите вредни околу еден милион евра, беа склучени пред повеќе од пет години помеѓу поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, поранешните грaдоначалници на четирите општини и УЕФА. Меѓутоа, и по пет години, стадионите се делеку од готови.
За еден стадион да ги исполни стандардите на УЕФА потребно, е да поседува рефлектори и осветлувања од 1570 лукса, со што ќе се овозможат вечерни натпревари, резервен генератор во случај на снемување струја, панично светло во случај на евакуација, ТВ платформи за комплетен пренос на квалификациски натпревар, евакуација и сертификат за безбедност согласно законите прописите и правилата на УЕФА, како и камери за монтиторинг систем за следење на случувањата на и вон стадионот, од посебна контролна просторија.
Засега ситуацијата на терен е следна:
Реконструкцијата на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп, предвидува капацитет од 18.000 места. Неговата реконструкција е започната во 2016 година. Во моментот на стадионот реконструирана е јужно – западната трибина каде е предвидено да има ресторан, тоалети, ограда од која ќе се огради стадионот од теренот. Во моментот на стадионот се’ уште се чека на реализација на тревниот дел, иако градоначалникот Илија Јованоски, во август минатата година најави дека стадионот ќе биде готов до крајот на градежната сезона.
Битолскиот „Под Тумбе Кафе“ започна да се реконструира во 2016 година. Предвидува 12.000 гледачи, во август минатата година продолжи изградбата на вториот ред од северната трибина, закоја беше предвидено во октомври да биде во фаза на карабина, а потоа да се премине на фазата занаетчиски работи, вкупната инвестиција е предвидена за 5,5 милиони евра обезбедени од Општина Битола.
Стадионот во Штип предвидува капацитет од 6.000 гледачи, според ФИФА 3 стандардите. Во 2016 најавено беше дека за шест месеци ќе биде готова реконстукцијата. Во моментот поставена е нова подна површина на источната страна, се работи на санација на потпорни ѕидови како и на тампонирање на околните делови околу стадионот. Во септември минатата година беше најавено дека ќе започне изградбата на две сосема нови трибини. Вкупната инвестиција за градскиот стадион во Штип ќе чини 1,5 милиони денари.
Стадионот во Тетово предвиден е за капацитет од 15.000 гледачи. Иако договорот со ФФМ беше склучен со опшина Тетово, минатата година во месец јуни сопственикот на фудбалскиот тетовски клуб „Шкендија“ вети негова реконструкција, вредна еден милон евра.Трибините за фудбалските фанови не се приближно ни до оние превидените според УЕФА стандардите.
Четирите стадиони се дел од програмата „ХетТрик 4“ на УЕФА и се однесува на инфраструктурата, односно поставување тревна површина и осветлувачки капацитет, со финансии од 10 до 12 милиони евра, кои немааат рокови ниту пак санкции од УЕФА за ФФМ доколку не го реализира проектот. Проектот предвидива инвестиција по принцип 50:50, односно толку колку ќе вложи УЕФА преку ФФМ, толку треба да вложи и општината.
Од општините тврдат дека речиси си ги завршиле своите обврски кон проектот, но не и ФФМ.
Од ФФМ пак се повикуваат на бавните бирократски процедури во општините. Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски вели дека тие како Федерација го испочитувале делот од договорот и својот дел го завршиле.
„Станува збор за програма „ХетТрик 4“ која е аплицирана за четири стадиони наместо на овие два (Прилеп и Битола) чудно што и тие два не се споменуваат зошто и тие не се завршени односно обврските некој од договорот не ги испочитува. Станува збор за стадионите во Тетово, Битола, Штип и Прилеп. Стадионот во Тетово се уште чека да биде завршен, иако обврската е завршена од наша страна. Стадионот во Штип исто така, стадионот во Прилеп исто така имаше одредени потешкотии дел од страната на општината, но дел од наша страна каде што и ние имавме вина во однос на добавувачот на испораката но веќе наидовме на решение таму се работи, се работи на поставување на тревнатиот дел, осветлувањето е веќе поставено. Во стадионот во Битола таму исто така е поставен тревнатиот дел, а осветлувањето доцни од причина што имавме првичен проект кој одговараше на сосема други потреби за кои што беа набавени своевремени рефлектори, но сега проектот е сменет и истите тие рефлектори ќе бидат поставени во најбрз можен рок“, изјави Поповски.
Наспроти ова тврдење, од општина Прилеп велат дека градежните работи за стадионот „Гоце Делчев“, кои биле во надлежност на општината, се 90 отсто завршени. Ова општината заедно со градежните и занаетчиските работи ја чини 35 милиони денари.
„Односно, со челична конструкција е покриена северната трибина, извршена е реконструкција на јужно-западнататрибина, изградена е оградата на фудбалскиот терен завршени се оградните ѕидови и влезната врата на стадионот.Во постапка е тендерската документација за занаетчиските работи и поставување на доградба на деловните простории од стадионот. Обврските на ФФМ беа поставување на рефлектори и изведба на тревникот, односно фудбалскиот терен. Исполнета е нивната обврска само во делот на поставување на рефлекторите, при што не е извршено нивно примо предавање на ОпштинаПрилеп, а тревникот се’ уште не е направен“, “, стои во писмениот одговор на општина Прилеп.
Валентин Груевски од Советот на општина Битола вели вкупната инвестиција за стадионот е 5,5 милиони евера, минатата година исплатени биле 1,1 милион евра, а оваа уште 2 милиони евра предвидени во општинскиот буџет.
„Се очекува до крајот на септември да биде готов стадионот. Рефлекторите ќе бидат наместени со помош на ФФМ. Целата трибина е скоро готова, се очекува градба во подтрибинскиот простор“, вели Груевски.
Одговори се обидовме да добиеме и од Светската и Европската фудбалска федерација дали имаат контрола на парите кои ги донираат за проекти во ФФМ и дали вршат ревизија на истите, меѓутоа до емитување на овој прилог не добивме информации.
Корупциските скандали на Фудбалската Федерација на Македонија
Фудбалот како најважна споредна работа во светот, се чини, не e игра, туку станува добар бизнис, ако се суди по корупциските скандали за престиж и доминација на клубови и држави. За наводните корупциски скандалите на Фудбалската федерација на Македонија, слушнаа и УЕФА и ФИФА, а домашните институции надлежни за тоа како Обвинителството, Управата за финансиска полиција и Управата за Јавни Приходи, се’ уште се без официјални виновници.
Долгогодишениот спортски работник Драган Томовски објаснува дека проблемите во македонскиот фудбал не се од сега. Проблемите се многу одамна, што произлегува од самото функционирање на македонскиот фудбал во многу делови, каде приоритет, според Томовски, се одредени лични интереси, пред се’ кај раководството на ФФМ.
„Ова посебно драстично почна да се манифестира со изборот на Илчо Ѓорѓиоски, 2011 или 2012 година и настанаа многу поголеми проблеми, отколку што ги имаше во тој момент македонскиот фудбал, како со начинот на раководење со фудбалот така и со делот на финансиското раководење на федерацијата, нетранспарентност на федерацијата, многу работи кои што се случуваа посебно врзани околу самата организација, кадровскиот и финансискиот дел ќе остнат прилично затворени и јавноста немаше многу шанса да дојде до сознанијата како се работи во ФФМ. Дури и оние законски обврски кои требаше Федерацијата да ги прави, врзани за известувањата, пример задолжителното објавување на сајтот на завршната сметка и сето тоа беше обвиено со велна тајна и јавноста не можеше да го види“, вели Томовски.
Зад името на поранешниот претседател на Федерацијата,во јавноста се изнесени сомневања за корупциски скандали со милионски суми, од страна на Управата за финансиска полиција, некогашни членови на Управниот одбор на ФФМ и спортски работници. Минатата година во месец март, Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против И.Ѓ., за кој искажа сомневање дека во својство претседател на ФФМ во период од 2017 до 2018 година, извршил кривични дела „даночно затајување“ и „фалсификување или уништување деловни книги“. Освен до поранешниот претседател, Финансиската полиција поднесе кривична и до Фудбалската Федерација на Македонија. Тие се товарат дека ги земале парите од АД Тобако, каде се печателе и продавале билетите за фудбалските натпревари на нашата репрезентација со Србија и Хрватска во 2012 година. Долгот од 10.639.293 денари настана уште од пред четири години, кога АД ТОБАКО е ликвидирано, но парите како побарување се’ уште фигурирале во ФФМ. На тој начин Федерација прикажале помала добивка и затила данок. Од Финансиската полиција велат дека ФФМ не извршила отпис и дозволила да застаре за тужење и долгот од 6.169.832 денари што кон Федерацијата го има од Југохром од Јегуновце. Поради ваквите побарувања, ФФМ прикажала помала добивка и платила помал данок, со што го оштетил државниот буџет за 1.680.912 денари.
Пријавата веќе една година ја работи Јавното обвинителство. Се’ уште се води предистражна постапка, соопштија од Обвинителството.
„Станува збор за еден предмет во кој Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот претседател на Фудбалската федерација и против правното лице за кривичните дела – Даночно затајување од член 279 и Фалсификување и уништување деловни книги од член 280 од Кривичниот законик. Предметот е во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје и е во фаза на предистражна постапка. Надлежниот јавен обвинител издаде Наредба за финансиско вештачење, по која се’уште се постапува. По приемот и анализата на вештиот наод и мислење, ќе биде донесена јавно обвинителска одлука за натамошно постапување“, пишува во писмената изјава на Јавното обвинителство.
Од Управата за финансиска полиција, велат дека до овој момент немаат немаат повратна информација за овој случај од ЈО, и дека во овој момент се вршат проверки на финансиската сметка. Повод за ова е е последниот случај, кој се препишува на сметководителката која проневерила над милион евра, по пријава на Федерацијата до Управата за финансиска полиција.
„До Управата за финансиска полиција пред три месеци поднесена е уште една пријава против одредени вработени во ФФМ и врз основа на истата се постапува. Се собира материјален доказ и мислам дека сме на добар пат да утврдиме уште некои други кривични дела од страна на вработени во ФФМ. Проверките, кои се вршат моментално во ФФМ, се за период од 2015 до ден денес, тоа е обемна истрага со која што се проверува комплетното работење на ФФМ од финансискиот дел со уплати и исплати на паричните средства кон ФФМ и правите субјекти односно доверителите“, изјави Арафат Муареми, директор на Управата за финансиска полиција.
Фудбалската федерација на Македонија е организација која не користи буџетски пари ие непрофитна организација, која работи со пари кои ги добива од домашните клубови, од ФИФА и УЕФА, преку проекти.
Во завршната сметка на Фудбалската федерација на Македонија добиени од Централниот регистар, стои дека приходите за 2018 година изнесувале 520. 511.211 денари, што се за 133.558.925 помалку од 2017 година, во однос на расходите во 2018 година изнесувале 505.641.530 и се за 130.957.729 денари помалку од 2017 година, со што приходите во Федерацијата како расходите се намалуваат. Во овие приходи влегуваат и донираните средства за стадионите во Прилеп, Битола, Штип и Тетово кои се уште чекаат да блеснат во стадиони достојни за натпревари од светски и европски ранг.
Засега во Македонија има два комплетно изградени стадиони според УЕФА стандарди.Тоа е арената „Тоше Проески“ во Скопје и стадионот „Младост“ во Струмица. На ветувањата од ФФМ и општините навивачките на фудбалксите клубови се гневни што не можат во достојни услови да го бодрат својот фудбалски тим, но и да погледнат натпревар од квалификациите за Европското и Светското првенство од трибините на својот град каде беа предвидени стадиони.