Легендарниот мост од 1672 година, познат како Камениот или Емир Ќучук-султановиот мост, до пред шест децении беше главна врска на штипјани од двете страни на Брегалница, преку него се патувало и кон Радовиш и Струмица, тогаш во близина се изгради уште еден мост на втората по должина река во Македонија, но многуте возила и сообраќајниот метеж бараа уште еден мост, кој деновиве беше пуштен во употреба, но стариот мост oд пред три и пол века останува во употреба, а веројатно така ќе биде уште долго
Пишува: Љупчо Шатевски
Мостовите, како неопходност и како симбол на зближување меѓу луѓето се граделе уште од почетокот на човештвото, а во нивната изградба се вложувале многу маки, труд и мајсторство. Едно такво мајсторство е и Камениот мост на реката Брегалница во Штип, еден од најстарите и најголемите мостови во Македонија што се’ уште се во функција, изграден пред три и пол века, во 1672 година. Тој камен лаков мост, познат и како Емир Ќучук-султановиот мост, има седум големи лачни сводови, а помеѓу нив шест помали. Површината на коловозот била направена од камени плочи, а оградата од големи камени блокови. Во 1925 година, за да се прошири коловозот, таа ограда се заменува со железна. Во 1944 година, при повлекувањето на германската војска од Штип, мостот бил миниран, при што му биле урнати три свода. Потоа тој дел привремено бил премостен со дрвeна конструкција, за пред половина век да се реконструира и да му се врати првобитиот изглед.
Бил демаркациска линија на завојуваните војски во балканските војни
Камениот мост изграден пред 350 години со години бил единствената врска на штипјани од левата и од десната страна на Брегалница, преку него се патувало и до Радовиш и Струмица, во Втората балканска војна (1913 година) бил демаркациска линија меѓу завојуваните бугарска и српска армија. Пред шест децении, во негова близина, кај сегашната автобуска станица, бил изграден уште еден мост, со што Камениот малку се растоварува. Но, од пред деценија-две, двата моста на Брегалница во тој дел на градот стануваат недоволни и тесно грло каде што во сообраќајните шпицеви се создава голем метеж. Поновите населби во градот, во кои живеат околу половината жители на Штип, немаа соодветна врска со индустрискиот дел на градот, каде што има и неколку факултети. Се појави неопходна потреба од нов мост посеверно од двата. Тој влезе и во партиските програми.
Реализацијата, конечно, почна пред три години, кога локалната власт ја имаше ВМРО-ДПМНЕ, а деновиве новиот мост, челичен, долг 60 и широк десет метри, беше пуштен во употреба. Сега на власт е СДСМ, па, по обичај, имаше препукувања. Отворањето на мостот, во присуство и на премиерот, беше од едната страна на мостот, а од другата ВМРО-ДПМНЕ одржа прес. Како и да е, новиот мост, изграден со општински, односно со пари на граѓаните, на задоволство на штипјни е пуштен во употреба.
Град на две реки
А што значат мостовите и премостувањата за луѓето низ вековите наназад илустративно може да се види и низ историјата на Штип, град на две реки – малата Отиња, која поминува низ централното градско подрачје, и Брегалница, по Вардар, втората по должина река во Македонија. Мостови се граделе секогаш во минатото, окупаторите при повлекувањата целосно или делумно ги уривале, потоа пак се обновувале, проширувале…
Денес на Отиња во Штип има десетина моста, на Брегалница – пет. Новиот, кој го доби името „Иднина“, Камениот од пред 350 години, тој од пред шест децении кај сегашната Автобуска станица, како и мостот во Ново Село и на излезот на градот кај бањата Кежовица. Има сочувано и многу фотографии од нивните изградби, уривања, реконструкции, проширувања, иако многу од нив временски не беа прецизно лоцирани. Тоа го исправи историчарката Емилија Коруновска од штипскиот Завод и музеј, во посебно поглавје за мостовите во наодамна објавената книга „Штип низ старите фотографии“.
Освен Камениот или Емир Ќучук-султановиот мост, на 8 ноември 1944 година, фашистите, при повлекувањето од Штип, ги минирале и урнале и мостот на Брегалница во населбата Ново Село и мостот на влезот на Ново Село каде што Отиња се влева во Брегалница. На местото на првиот првин бил направен импровизиран дрвен мост, а потоа и нов, бетонски. Вториот, пак, штипјани и не го паметат. Првин на негово место бил направен дрвен мост, а потоа во негова близина е изграден друг мост.
Трагедија при изградбата на мостот кај денешната Автобуска станица
Да се изгради еден мост, особено ако е голем, не е воопшто лесна работа. Во 1960 година, кога почнува да се гради мостот на Брегалница во близина на Камениот, кај денешната Автобуска станица, се случила голема трагедија. На 26 октомври 1960 се урнал мостот во изградба, при што загинал Трајко Чамушов, еден од работниците, а 31 биле повредени.
Освен Камениот мост на Брегалница од пред три и пол века, во Штип има уште еден мост останат од османлискиот период, познат како Камениот мост на Отиња кај главниот градски плоштад. Темелите на мостот биле изградени од клесан камен, а конструкцијата од дрво. Првин бил многу тесен. Помеѓу двете светски војни, дрвената конструкција била заменета со конструкција од армирано железо и бетонска подлога, а подвозјето е изработено од коцки што и денес постојат. Тогаш мостот бил проширен и со тротоари.
Сите други стари мостови на Отиња биле тесни, од дрво, во последниот половина век сите на истите места се заменети со нови, а на Отиња никнаа и други мостови.
До пред половина век мостовите на Отиња во градот главно беа тесни и дрвени, како овој кај судската зграда (горе), потоа на нивно место се изградија нови (долу)