Законот за прогласување на Шар Планина за Национален парк ќе се изгласа во Собрание наредната недела, уверуваат од Министерството за животна средина. Оттаму во рамки на медиумската теренска посета која ја организираа на Шара вчера, а продолжува и денеска, истакнаа дека завршени се сите дебати во собраниските комисии, останува само пратениците да обезбедат кворум и да го изгласаат законот.
-Тоа е само формална работа, требаше и деновиве да се изгласа законот, но немаше кворум во собранието затоа и се одолжи, но наредната недела ќе се изгласа овој закон, истакна Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Од еколошките организации, се надеваат дека во идниот национален парк нема да има девијантни појави, кои досега одзедоа многу природни убавини на Шара.
-Се надеваме дека повеќе во националниот парк нема да има дивоградби, кои ја уништуваа досега природата и што е најважно нема да се градат хидроцентрали, кои исто така досега ја деградираа природата, а дивите депонии ќе бидат минато, Но, за да сето ова не се случува, пресудни фактори се и другите институции, оти установата како национален парк не може сама да заштити толку голема површина, истакна Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.
Од Управата за заштита на животната средина, велат дека контролата ќе биде поголема. Оттаму најавуваат дека се води преговори за тие хидроцентрали кои имаат добиено дозволи за градба, а не се започнати активности за градење, инвесторите да се откажат од концесиите.
-Еден инвеститор кој има добиено дозвола да гради хидроцентрала во првиот заштитен појас веќе се откажал од изградбата на централата. Моментално се водат преговори со уште четири други концесионери да се откажат од намерата да градат, а кои имаат добиено дозволи уште пред неколку години, но за другите кои веќе се изградени и кои се во фаза на изградба, немаме што да преземеме, тие се веќе реалност и дел од нив функционираат, рече раководителот на Управата за заштита на животната средина Хисен Џемаили.
Со прогласувањето на Шара за заштитено подрачје Македонија ќе добие национален парк после 60 години. Со новиот парк ќе се формира еден од најголемите заштитни појаси во Европа. Се пишува историја потенцираа еколошките организации вклучени во процесот на прогласување на Шар Планина за Национален парк.
-Зоните се поделени според сите стандарди на национални паркоци. Првата или најзаштитената зона во горните делови на Шара каде има недопредна прекрасна природа каде спаѓа и срцето на Шара Лешница опфаќа 26,6 % од идниот прк. Втората зона или зона на активно управување опфаќа 49,9 % од идниот национален парк и третата зона или зона на одржливо корисење опфаќа 22 % од паркот каде спаѓаат сите 30 шарпланински села, кои се дел од паркот чии мештани како што кажува и самио назив зона на одржливо користрње ќе имаат можност и понатака да ги обавуваат своите активности како и претходно, на никој во селото нема да му се забрани да гради или да врши сеча во сопствената шума. Има и четврта зона таканаречена Бафер зона каде се наоѓа скијачкиот центар Попова Шапка зона која ја имаме се со цел слободо да се развива центарот на основа на Мастер планот за развоја изработен пред десетина години, но за жал уште нереализиран, рече Анела Ставреска Панајотова од Здружението Натура.
Иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк е стара речиси две децении. Според најавите, конечно законот за прогласување на идното заштитено подрачје ќе се изгласа во законодавниот дом. Останува да се формира установата која ќе раководи со паркот, кој според најавите треба да има и свое седиште за најдоцна три месеци.
Зоран Димовски