– ММС
ММС-Стории

Некогаш елитна туристичка атракција, денеска депонија, а надлежните се прогласија за ненадлежни (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Ѓубре, смет, паднати дрва, распаднати капм приколки и бунгалови ќе ве поздрават на крајот од селото Радожда, струшко. На само 20 –на минути со автомобил од центарот на Струга, а еден час од алабански Поградец  на крајбрежјето од Охридското езеро, балканскиот бисер кој е под закрила на УНЕСКО, ќе ве пречека ваква слика.

Авто кампот „Треска“ некогаш елитен камп преполн со туристи од Македонија и регионот, а денеска напуштена депонија. Наспроти преубавиот поглед кон бисерната езеркса вода, чистиот воздух, тишината и природните убавини на ова место, се соочувате со поглед и миризба, во која се губи се што носи епитет „убаво“. Некогаш омилено место на туристите, а денеска само една тажна слика која буди носталгични спомени, а воедно бес и лутина за затекнатата ситуација.

Кампот е сведок на едно време кога кампувањето во смени беше една од опциите за годишен одмор, а денеска е само споменик на транзицијата.

Авто кампот „Треска“ изграден е во 1976 година, во 90 –те години како многу други фабрики на територија на нашата земја биле зафатени со бранот на транзиција, а тоа го наговестувало почетокот на крајот на оваа убава крајбрежна туристичка приказна. Седум години подоцна, односно во 1997 година авто кампот престанува да работи и заминува во стечај.  Некогашната туристичка населба, сместена во село Радожда на крајбрежјето на Охридско езеро броела 300 камп приколки, 20 бунгалови и апартмани, како и хотелски соби од хотелот.

Распадната рецепција сведочи за бројните туристи кои со полни куфери среќа, желба и љубов за кампување поминале низ вратите на оваа веќе распадната просторија,  детското игралиште и лулашки потсетуваат на место некогаш преполно со детска смеа и џагор.


За глетката да биде уште пострашна, се погрижиле и несовесните граѓани – туристи кои своето ѓубре го оставиле каде што стигнале, изгаснатите огништа  среде природа говорат дека тука биле палени скари, а локалните крадци си го направиле своето испразниле се што некогаш поседувале овие веќе искршени камп приклоки и бунгалови.  Сметот од нив стои со години помеѓу високо обрасната трева.

Надлежните не реагираат на оваа состојба, како да не е важно што токму ова место изобилува со културно и природно наследство, кое го штити УНЕСКО. Кога веќе овој камп не може да биде возобновен, тогаш на кој се чека сметот и ѓубрето да биде исчистено?!

Ова прашање го доставивме и до Општина Струга од каде што побаравме одговор. Од таму во писмена форма ни се заблагодарија што сме се заинтересирале за темата и заедно да го кренеме гласот посилно  за ова место кое со години има имотно – правен спор заглавен во судските лавиринти, но и дека вакво нешто не и доликува на една држава која е аспирант за ЕУ и членка на НАТО, но и дека Општина Струга нема никакви ингеренции врз авто кампот „Треска“ и мини депонијата во него.

„Ве известуваме дека Општина Струга иако е заинтересирана за решение на статусот во кампингот нема никакви ингеренции таму. Ние како општина сме барале од надлежните институции да се реши овој спор на каков било начин, дали  да ни се даваат нас ингеренциите во интерес на развојот на туризмот во Струга и во државата, или на надлежното министерство за понатамошни постапки. Иако сме многу заинтересирани за да се реши, во интерес на граѓаните на Општина Струга, не сме имале никаква можност за решавање и чистење на тој дел, бидејќи авто кампот стои на име на некои фантом компании или личности. Имајќи во предвид дека регионот на Охридското езеро е под заштита на УНЕСКО, уште повеќе не загрижува фактот дека не може да се исполни една од најважните точки на УНЕСКО, тоа е заштита на природното и културното наследство“, се вели во писмената изјава на Општина Струга.

Иако контактиравме повеќе еко оранизации и активисти од Охрид и Струга,  чија примарна цел е здрава и чиста животна средина, не беа заинтересирани да ни дадат било каква изјава, со изговори дека имаат работни обврски, не се во можност или пак дека не се запознаени со ситуацијата.

Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот под чија надлежност е издавањето на дозволи за авто кампови велат дека немаат никаква надлежност, а специфичното за овој авто камп е што има не решени сопственички односи.

„ Како агенција во однос на авто кампот Треска, па и во однос на другите ако зборуваме во однос на сопствености и она што се случува во тие авто кампови, Агенцијата нема баш никаква надлежност. Специфичноста за овој камп Треска е што има не решени сопственички односи,  и 80 -90% од тие авто кампови се со не расчистени сопственички односи и тоа е една од главните причини во однос на развојот и напредувањето на нашите авто кампови. Нормално секој еден инвеститор кој би сакал да го земе би сакал да има расчистени сопственички односи и да се инвестира што повеќе пари во нив. Што се однесува до Треска знам дека сопственоста е во државата, знам дека имаше некој спор со државата и Фиат Цаноски бизнисменот кој што требаше да го земе да го реновира, но за жал и тоа не успеа и остана така“, изјави Зоран Николовски, раководител на секторот за туризам при Агенцијата за промоција за Канал 77.

Авто кампот бил туристичка дестинација во времето на Југославија, и бил во еден напреден развој, велат од Агенцијата, со тоа што повеќето од авто камповите немаат расчистено имото – правни спорови е причина плус за застој во камперскиот туризам. Македонија не е членка на Интернационалната федерација за кампување која би можела да понуди повеќе бенефити за развој на овој туризам, но сето тоа е резултат на причинско последични внатрешни организации.

„Нашата земја не може да биде членка во таквите асоцијации, може да биде членка само на здружение од приватните сопственици. За жал ние кај нас немаме и некоја асоцијација во однос на авто капови, во однос на агенциите и хотелиерите, нема дури ниту комори кои се грижат така што ние не можеме да бидеме членка. Ако вие во внатрешноста немате таква асоцијација, нормално дека нема да можете да бидете членка на Националната асоцијација. Инаку бенефитот е многу голем од таа асоцијација, ние сме запознаени со тоа, има кампови кои добиваат посебни ознаки, дури и се брендирани, но за жал нашата состојба кај нас е таква каква што е“, вели Николовски.

Ваквата сосотојба на авто камповите, велат од Агенцијата за поддршка и туризам, дека има незначително влијание врз развојот на туризмот кај нас.

„Ако зборуваме за внатрешниот туризам, да влијае, камповите се и денес посетени како што биле порано од домашните туристи, дури и од некои туристи од регионот, но нема некое посебно влијание врз туризмот кај нас, зошто ако ги земеме статистички податоците туризмот кај нас  е во постојан пораст, но тоа не значи дека доколку авто камповите функционираат не би донеле и погоем број на туристи, потенцијали и атракции за државата“, потенцира Николовски.

Прашањето за тоа кој е надлежен за овој авто камп кој е претворен во депонија, останува отворено. Надлежноста очигледно се префрла од една на друга институција, а ѓубрето и сметот и понатаму остануваат на локацијата во село Радожда, на штета на животната средина. Бавната работа или пак недоволната ажурност на институциите, доведува до вакава ситуација за која допринесува и човечкиот фактор, кон кој се насочува показалецот како главен виновник.

Засега може да уживате во мирен поглед кон Охирдското езеро под дебела сенка на ова крајбрежје, а зад вас слика на ужас и очај.

Погледнете ја фотогалеријата:

 

Лограње

X

Регистрација