– ММС
Вести Истражувања Македонија ММС-Стории

Дигиталната агенда во клинч меѓу потребите и реалните можности на државата

Оптички интернет

Државата подготвува Национален оперативен бродбенд план преку кој се обезбедува брз, широкопојасен интернет за граѓаните и за бизнисот. Тоа подразбира техничка можност за пренос  на податоци со иновативни содржини за кратко време, со голема брзина на повеќе дигитални пакети на аудиовизуелни содржини, информации, интернет, интеракција, забава и комуникации. Според планот изготвен од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), во првата фаза, за да се овозможи 30% од населението да дојде до брз интернет, според одговорот од ова Министерство, Македонија треба да инвестира 50 милиони евра. Широкопојасниот интернет е Европска директива, а Националниот план е одговор на документот на Европската Комисија – Digital Agenda for Europe. Како што објаснуваат од МИОА, тоа што Македонија не е членка на Европската Унија значи дека не може да се очекува европско финансирање на проектот. Затоа, парите, според проекциите на МИОА, државата ќе ги обезбеди од Светската Банка. Ова е уште еден голем проект за кој државата ќе позајми пари за да го спроведе.

Кој е НРД?

При тоа, во овој план носечка улога добива помалку познатото за јавноста јавно претпријатие Национална радиодифузија (ЈП НРД) поранешно ЈП МРД, основано од Владата. Дејноста на НРД примарно е ориентирана кон електронските комуникации со цел да обезбеди пренос на сигналот на јавниот сервис – Македонска радиотелевизија (МРТВ) и Собранискиот канал. Со поделбата од МРТВ во 1998 година, НРД или некогашната „РЕ за Предаватели и врски“ има специфична улога да обезбеди пренос и емитување на телевизиски и радио сигнали, размена на аудио и видео материјали, настани и размена на материјали со странство. Но, исто така, задача на НРД е да обезбеди и да емитува посебни програми за информирање, зачувување на културните и историските традиции и за одржување и унапредување на врските со иселениците, како и услови за пренос и дистрибуција на радио и телевизиски програми и други информациски содржини наменети за општ прием (Закон за ЈП НРД 1998 година).

Создавање на единствена оптичка мрежа

Законски вака поставена, НРД со Националниот оперативен бродбенд план ќе има обврска да ги обедини оптичките мрежи кои до сега државата ги изградила преку МЕПСО и ЈП Македонски Железници – инфраструктура. Државата ќе вложува значаен износ на средства преку НРД, иако институции како Државниот завод за ревизија укажуваат на слабости во неговото финансиско работење и недостаток на процедури за отчетност.

Единствена оптичка мрежа

Претпријатието со 110 вработени, според актуелниот директор Алдирим Алити, не е до крај екипирано, недостасува инженерски кадар кој е во постојано намалување, а извесна финансиска консолидација очекува годинава со стабилното финансирање преку државниот Буџет. Во јануари оваа година, распишан е оглас за вработување на нови 45 луѓе во НРД. Според огласот, од нив само тројца се инженери од кои два по телекомуникациски и информатички технологии и еден градежен инженер. Почетната плата за инженерите е 22.656 денари. Најголемиот дел од новопримените се со средно образование, а 25 од нив се за работа на телевизиските пунктови од четири смени, потоа следат возачи и административци. Во НРД треба да се вработат најмалку уште толку колку што работат сега бидејќи, како што вели директорот Алити, со систематизацијата се предвидуваат 230 работни места.

Од телекомуникацискиот и радиодифузниот бизнис-сектор излегуваат со прашања – ако веќе државата вложува граѓански пари преку НРД, како тогаш ова јавно претпријатие го одигрува својот јавен интерес? И зошто таа јавна инфраструктура не е достапна на сите, отворена за бизнисите кои наместо пари во инфраструктура ќе вложува во продукти и кадар, а граѓаните ќе добијат квалитетни и евтини услуги?

Не е прв пат НРД да добие главна улога во некој значаен и скап државен проект

Малку е познато дека преку НРД помина проектот „Компјутер за секое дете“, а го спроведе и процесот на дигитализација на телевизиите во што државата инвестираше, а управувањето потоа беше предадено на компанијата ОНЕВИП. Но, и покрај тоа што низ јавното претпријатие поминале големи проекти со милионски износи, по завршувањето НРД се враќа на својата основна дејност во функција на МРТВ со ситни услуги за комерцијални радиодифузери и телеком оператори.

Последен пат државата во НРД инвестирала во 2012 година при преминот на емитување на телевизискиот сигнал во дигитален. Над два милиони евра се вложени во обезбедување на систем за пренос на дигитален телевизиски сигнал т.н. мултиплекси. При тоа, во 2013 година обезбеди  седум дигитални системи – мултиплекси за емитување на телевизиски сигнал во висока дефиниција (HD). Во државно управување, преку системот на НРД, останаа три, додека четири се дадени на управување на концесионери. Од тие три мултиплекса, два се за МТВ, додека еден веќе шест години стои неискористен.

Предавателен пунктПредавателен пунктПредавателен пунктПредавателен пункт

Во телекомуникациите, НРД е важен субјект и поради фактот дека има мрежа од 135 пункта за поврзување, со инфраструктура од изградени пристапни патишта и енергија. Дел од нив се на тешко пристапни терени поради што комерцијалните оператори и радиодифузери ги користат за поставување на своја опрема, за што плаќаат кирии на НРД. Сепак, јавното претпријатие речиси целосно зависи од државата. Од комерцијалните корисници, НРД остварува само 5 отсто од приходите, додека 95 отсто е од државниот Буџет.

Распределба на буџет на МИОА

Министерството за информатичко општество и администрација од својот буџет издвојува дури 77% за радиодифузија, односно за МРТВ, ААВМУ и НРД. Од близу милијарда и 200 милиони денари за радиодифузија (19,5 милиони евра), НРД месечно добива по милион и 337.000 денари месечно или 232 милиони денари годишно (3,7 милиони евра). Ова јавно претпријатие, кое во истражувањето „Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост“ за 30-те јавни претпријатија на Центарот за граѓански комуникации се најде на 18 место по приходи во 2018 година работело со 4,9 милиони евра и со остварен нето приход од близу 214.000 евра. И покрај позитивното работење, НРД е на листата на должници на Управата за јавни приходи со неплатен данок од над 305.000 евра. При тоа, со години немало значајни вложувања во развој на радиодифузниот систем се’ до крајот на 2018 година.

Дали трансформираната НРД ќе влијаеше на подобар пазар?

НРД, како што го опиша поранешниот директор Костадин Ацевски, е претпријатие кое „забрзано старее“ со недостиг на инженери и стручен кадар. Токму кадровската поставеност и инженерскиот тим треба да го носи товарот што ќе го наметне Националниот оперативен бродбенд план (НОБП). Како што се пензионирале инженерите, не се доаѓале нови. Платата е неатрактивна, а просекот во НРД е на нивото на просечната месечна плата во државата.

Расходите за вработените, како што покажуваат финансиските документи, се околу 30% од вкупните расходи на претпријатието. Во 2018 година изнесувале 32,7% или 51 милиони денари. Лани пораснале трошоците за Управниот и Надзорниот одбор, како што пишува во кварталните финансиски извештаи, откако се укинати мерките за стабилизација, по што следи корекција на износите. Од сметката на ЈП НРД во првите три квартали од 2018 година се исплатени над 19.000 евра или 1,1 милиони денари. Најголем процент од расходите со години е одвојуван за амортизација, кој се движи над 50%, со исклучок на 2018 година кога изнесува 40,2%. Всушност, законските измени и стабилното финансирање од Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација, за прв пат во изминатите пет години обезбедија профит од 131,5 милиони денари (213.829 евра). Во Анализата на паричниот тек и промените на капиталот на НРД за 2018 година е оценето дека „друштвото е во надоптимална финансиска сигурност, кредитна способност и можност за самофинансирање со финансиска ликвидност на надоптимално ниво“.  Капиталот е зголемен за 31,2%.

година    20142015201620172018
Нето приход(ден)   356.581.830391.751.978352.761.286290.109.154302.376.400
Нето профит(ден)     31.090.647 56.600.000 46.200.000 45.500.000131.500.000
Фин.ликвидностзадоволителнанадоптималнаоптималнаНадоптималнанадоптимална

Во јавните набавки и фотеља од 729 евра

Ацевски вели дека прашањето не е толку дали има пари, туку дали се трошат и каде се вложуваат. Јавните набавки во изминатите години главно се насочени кон основните потреби, адвокатски трошоци, резерни делови, набавка на електрична енергија за пунктовите, одржување. Имаше шпекулации дека дел од парите на јавно претпријатие, се одлеани преку менаџерски договори. Од НРД тоа го демантираа. Сепак, спроведените јавни набавки покажуваат дека преку електронскиот систем за јавни набавки се склучувале договори за регионални менаџери. Според анализата на јавните набавки, во изминатите години се плаќани 4 регионални менаџери, во просек по околу 5000 евра годишно, за секој договор поединечно. Значаен износ е издвојуван за адвокатски услуги, меѓу кои: адвокат Билјана Јандровска, која во 2010 имала договор од 5.756 евра, а во 2011 година 4.878 евра. Адвокатска канцеларија „Апостолски“ во 2014 година наплатила 4.878 евра. Проект менаџерот Петар Зафировски за проектот „Компјутер за секое дете“ има договор од 9.756 евра. Значителни средства се одвојувале за стручен превод и за симултан превод,  а 5.000 евра се потрошени за прославата за 10 години НРД во 2008 година. Во таа 2008-ма била набавена една работна фотеља по цена од 729 евра. Склучувани се консултантски договори за интелектуални услуги, иако во ценовникот на услуги на НРД токму тоа е една од услугите што се нуди.

Новиот главен партнер во јавните набавки на НРД, ако се суди според склучените договори, е скопската компанија „Нетра“, која ги добила сите поголеми тендери во текот на 2018 и 2019 година во вкупна вредност од над 1,7 милиони евра. Тоа е половина од годишниот буџет на НРД. „Нетра“,  од почетокот на ланската година сè до март 2019 година склучила договори по пат на јавни набавки и со Министерството за одбрана, АЕК – Агенцијата за електронски комуникации, Факултетот за информатички технологии ФЕИТ, МАРнет Македонската истражувачка мрежа и Народна банка. Сепак, највредните договори се со НРД. Речиси во сите овие јавни набавки, има само една единствена понуда, таа на „Нетра“.

НРД инвестира во дигитална опрема за Македонското радио

По години неинвестирање, НРД на крајот од 2018 година и на почетокот од оваа година распиша два големи тендери во вредност од над 1,3 милиони евра. Со овие средства ќе набави и постави ФМ предавателна и процесирачка опрема, а ќе обезбеди и ДАБ+ (дигитално аудио емитување) за опрема за потребите на Македонското радио и тоа само за подрачјето на Скопје.

Според планот, дигитално радио ќе стане само националниот радиодифузер Македонско радио, иако некои од соговорниците од комерцијалниот радиодифузен сектор беа скептични за овој скап проект.

За илустрација, за воведувањето на ДАБ, богатата Норвешка потрошила 18,5 милиони евра и тоа без приемниците за крајните корисници. Оценката на професорката на Факултетот за политички науки во Загреб, Хрватска, Марина Муцало е дека вакви проекти се успешни само доколку се финасира и купувањето на приемници за граѓаните, како во Велика Британија. За да се прими сигналот на ДАБ+ треба и такви премници, што во Македонија ги има само неколку и тоа главно по возилата. Во понудите на автоимпоретерите со нешто повисока цена се нудат возила со радио со ДАБ+, како дополнителна опрема преку доплата за полуксузните возила. Во една од компаниите, импортер за возила, овој тип на приемници им беше непознат.

Распространетост на ДАБ во светот

Новиот директор на НРД, Адмирим Алити, кој на оваа функција дојде во декември 2018 година,  вели дека дигиталното радио е технологија која најголем дел на земјите од регионот и Европа веќе ја имаат воведено или се во тек.

-Во тек сме со набавка на опрема за ДАБ +. Нашата главна законска дејност е квалитетен пренос, без прекин 24/7 и со високи стандарди на сите ТВ и радио програми креирани од страна на Националната радиотелевизија. Овој пат, оваа опрема ќе биде пуштена во функција само локално, за регионот Скопје. И во 2014 кога го имплементиравме проектот за дигитална телевизија ДВБ-Т, и тогаш имаше доста двоумење и нејаснотии во врска со новата технологија, објасни Алити.

Според планот, овој скап проект со ДАБ + ќе биде наменет само за јавниот сервис Македонско радио. Комерцијалните радио станици остануваат на аналогно емитување, со сите недостастоци и со можност да емитуваат на интернет. Поради тоа, националните радија кои и натаму остануваат корисници на услугите како кираџии на пунктови, оценуваат дека НРД, кое е финансирано од граѓанските пари треба да биде отворено за сите. Влучително и овој најнов проект преку кој  државата ќе овозможи еднакви услови за сите. Националното радио Антена 5, од своето постоење, речиси дваесет години е кираџија на предавателните системи на НРД. Основачот Зоран Петров вели дека додека телевизијата се дигитализира, на радиото се заборави. Затоа тој очекува државата технички да ги вклучи и комерцијалните радија во примената на новите дигитални процеси. Сега националните радија се принудени сами да наоѓаат начин да дојдат до публика, која речиси целосно се пресели на интернет.

-Ние полека ги губиме луѓето што традицонално нè слушаат преку ФМ скала, се префрлуваат на мобилните телефони. НРД треба да одигра улога на мотивирачки фактор. Никој не може да претпостави колку брзо тоа ќе се смени според понудата на произведувачите на уреди за консумирање на контентот. Јавниот интерес НРД ќе го оствари само со модернизација и овозможување на нови сервиси преку имплементирање на стратегијата, вели Петров.

Каде е  јавниот интерес?

Меѓутоа, во не толку далечното минато, според дел од соговорниците, НРД  покажа слабости токму во исполнувањето на јавниот интерес. Поранешниот в.д. директор на НРД и долгогодишен инженер во ова јавно претпријатие, сега пратеник во Собранието, Костадин Ацевски, се согласува дека НРД било надвор од внимание и на државта и на јавноста. Има сомневање и за фаворизирање на одделни радиодифузери, што според Ацевски, може да се врши преку толерирање на неплаќање за искористените услуги и користење на оперативниот систем.

-Фаворизирањето е исто така и преку ненаплатени монтажи на опрема, користење на возен парк во приватни цели без тоа да биде соодветно наплатено или во толерирање на плаќање, неизвршување на наплата преку извршување, објаснува Ацевски.

Индикативен е случајот со сега затвореното Радио Слободна Македонија, чие финансирање е предмет на истрага во предметот „Пропаганда“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за злоупотребата на владините пари за реклами во селектирани медиуми. Радиото успеа да „преживее“ месец – два по формирањето на новата Влада, по што беше затворено, а фирмата отиде во стечај. НРД преку извршно решение се обидуваше да наплати долг од близу 5000 евра. Меѓутоа, долгот е помалку интересен во оваа приказна. Радиото Слободна Македонија доби дозвола за емитување откако го најми антенскиот предавателниот систем на НРД која е специјализирана за потребите на јавниот сервис. Услов за да се добие дозвола за национално емитување е доказ за поставена инфраструктура за емитување, што радиото ја обезбеди преку јавното претпријатие. НРД ни го достави договорот со радиото каде стои дека за користењето на целиот тој систем се определува надоместок според актуелниот ценовник со попуст. Договорот е склучен меѓу тогашната директорка Јулија Спировска која на ова место беше 10 години и управителот Ристе Здравков. НРД ги стави на увид и извршните решенија преку кои се наплатува долгот од јануари 2016 година до 31 август 2017 година. Ацевски на местото в.д. директор доаѓа во август 2017 година и останува кратко време. Вели дека одредени индиции за злоупотреба има, но не сака да шпекулира  бидејќи има истрага на Специјалното јавно обвинителство.

-Дали имало злоупотреба на одредени ресурси, сигурно треба да се направи поопширна анализа. Од аспект на одговорите од техничката служба, преку кои беа давани дозволите за користење, нема одредена злоупотреба, им било фактурирано, но, повикувам сите индиции темелно да се истражат и да се утврди евентуална злоупотреба. Во моментот јас кога дојдов радио Слободна Македонија имаше одредени проблеми со плаќањето, имаше заостанати долгови, од таа причина беше блокирано од страна на НРД и беше пристапено кон присилна наплата, вели Ацевски.

Според овие индиции, во функција на Радиото Слободна Македонија е ставена опремата, донација од норвешката Влада, која е билатерална помош во функција на покренување на проектот за дигитализација на телевизијата. Оваа опрема е целосно функционална и наменета за краткорочно и привремено емитување, како што е размена на материјали дома и во странство, за настани од јавен карактер и слично, што би било во функција на сите радиодифузери. Директорот на ТВ Канал 5, Зоран Мирчевски вели дека таква краткорочна помош од државата преку НРД може значајно да помогне бидејќи само неколку часовен пренос на важни настани од јавен интерес  и поврзување со системите на телевизијата чини околу 2000 евра.

-Тие пари може да се искористат за други цели како, на пример, за креирање на сопствена продукција што ние мораме сами да ја обезбедиме. Државата може да обезбеди подобар квалитет и услови за сопствена продукција на ваков начин, смета Мирчевски.

Норвешката помош во НРД е инсталирана во периодот меѓу 2006 до 2008 година, во време кога за директор на НРД Владата на ВМРО ДПМНЕ го именувала инженерот Сашо Станчески, кој е првиот директор кој не доаѓа до внатре. Станчески објаснува дека опремата немала комерцијална употреба, туку била поставена во тест функција пред имплементирање на дигитализацијата за поширока национална употреба. Емитувала дигитален сигнал на еден канал што не го користел никој, но се ставила во функција на потребите на Владата во време кога се отвори канцеларија на Европската унија. Станчевски вели дека Владата во тоа време планираше да ја интензивира дигитализацијата бидејќи Македонија прилично доцнеше со дигитален сигнал за разлика од некои други земји во регионот.

Станчески, заедно со Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиумите понуди проект за трансформација на НРД во акционерско друштво во државна сопственост по пример на хрватското ДОО „Одишилачи и везе“. Систем што според него не го загрози националниот сервис ХРТ, а остварува годишен приход од 35 милиони евра и обеабедува развој на хрватската радиодифузија.

– Во прво време Владата и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески беа заинтересирани и го прифатија проектот во разгледување. Но, потоа почнаа кочниците. Немаше интерес овој дел да биде регулиран. Имаше национални ресурси достапни за сите подеднакво и немаше да создаде монополска позиција. Наместо трансформација и државата да ја одигра својата улога на двигател во радиодифузијата, Владата одлучи мултиплексот за дигитална телевизија да го отстапи на приватна фирма. Преовладаа приватните над националните интереси, изјави Станчески.

Тој смета дека ако останеше концептот што тогаш го предлагаа, создадената инфраструктура и своите ресурси државата ќе ги даваше на сите заинтересирани концесионери.

-Тоа значи, квалитетна мрежа за која ќе плаќаат реален надоместок и компаниите никој нема да ги уценува. Радиодифузерите и операторите ќе вложуваа помалку пари во инфраструктура ќе имаше повеќе пари за содржина, вели Станчески.

Два мултиплекса беа дадени на концесионерот ОНЕВИП преку кои се емитува дигиталната телевизија. Проектиран за 60 телевизии, во прво време се приклучија 30. Сега тој број е преполовен. Цените за користење на мултиплексот особено тешко им паднаа на помалите регионални телевизии, кои полека, една по една, се откажаа од услугите. Дел од овие телевизии престанаа да работат.

За државата поважна е МРТВ

Владата, која е основач на ЈП НРД, ги одобрува финансиските извештаи. Колку се работи наменски и во функција на јавниот интерес? Ресорниот министер Дамјан Манчевски, чиј татко бил директор во НРД еден мандат (во периодот од 2006-2008 година) изјави дека се гледаат извештаите на Влада, но, јавното претпријатие си има Управен и Надзорен одбор кои детално се занимаваат со овие прашања. Меѓутоа, како што вели Манчевски, повеќе се загрижени за МРТВ отколку за НРД, особено сега со новиот план со кој ѝ се даваат нови функционалности преку изградбата на нова оптичка мрежа.

– Треба да го поставивме прашањето – што очекуваме? Каков радиодифузен сервис сакаме и зошто ни е потребно ЈП НРД? Да бидам искрен, ако остане сегашната фукционалност, без овие дополнителни дејности што ги планираме навистина се поставуваат прашањата во каква форма, во толкава големина итн. Сега, со новата мрежа и одржување на таа мрежа е сосема друга приказна, не само во радиодифузијата, туку во дигиталната поврзаност на граѓаните низ целата држава. Капацитетите на НРД апсолутно не одговараат на новите функционалности и треба значително да се зголемат, пред сè со стручен кадар. Просечната старост на инженерскиот и техничкиот кадар е прилично голема, така што, генерално треба да се работи на едно редефинирање на јавното претпријатие, смета Манчевски.

Македонија доцни 30-40 години со дигитализацијата

Проектираните 50 милиони евра за првата фаза од Националниот оперативен бродбенд план е сериозен износ што Македонија како држава сама не може да го обезбеди. Надежите се во Светската банка. Но, дури и ако стигнат парите, колку НРД со вакви финансиски оценки и перформанси ќе одговори на новата улога. Државниот завод за ревизија во последниот ревизорски извештај на успешност забележува на повеќе делови од финансиско-сметководственото работење. Меѓудругото, ревизијата забележува на немање процедури за финансиско работење и управување, потоа систем на внатрешна ревизија, слабости во ефикасноста и ефективноста на системот за финансиско управување, а забележува и немањето акт за систематизација. Овој документ може да се најде на сајтот на НРД, со датум од 2018 година. (ДЗР,Ревизија на успешност 2014).

Бизнисот бара брз и квалитетен одговор, каде државата ќе ја одигра својата улога преку обезбедување на услови кои ќе бидат идентични на она што го има во светот со кој работиме. Од Здружението на информатичко-комуникациски технологии при Стопанската комора на Македонија ова го илустрираат со фактот дека на македонскиот пазар се компании по технологии близу до светските, а државна инстрактура доцни децении.

-Со Националниот оперативен бродбенд план ЈП НРД се јавува како комплементар на сите државни мрежи со цел да се мапираат местата при што НРД да биде мост, координатор преку јавниот сектор и јутилити компниите, па сè до ЈП Државни патишта, Македонијапат. Да овозможи поевтино и поедноставно имплементирање на брзи мрежи за утре бизнисите наместо да инвестираат – што е поскапо, да можат да ја изнајмуваат мрежата. Исто и со радиодифузерите. Да се поработи на цените кои се полиберални и не се така регулирани како кај операторите, да ги подбри процесите на одговор, како и да се однесува малку поконкуретно, да ги гледа сите тие интереси, вклучувајќи ги и тие на граѓаните, смета претседателот Благој Христов.

Заклучоци на дигитален самит

Од друга страна, радиодифузерите кои се на пазарот, пред македонската публика се во конкуренција со светските глобални мрежи. Бараат оптичката мрежа како  национален ресурс да ја имаат до нивните студија. Преку оваа мрежа ќе можат директно да испраќаат свои содржини до публиката.

-Со ваквото поврзување македонските граѓани ќе можат да користат македонска продукција, директно од серверот на овие медиуми со кои, од друга страна, ќе имаат интеракција. Предлагаме оптиката да се прошири до сите пунктови на радијата за да може програмите да станат дигитални, бара Асоцијацијата на приватни електронски медиуми на Македонија АПЕММ.

Македонија како земја кандидат има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на Европската унија и со стратешките цели за развој на информатичкото општество. При тоа да се води од Digital Agenda for Europe како директива која преку иновативен пристап има за цел да генерира одржлив и инкулзивен раст во рамките на Европа. Во таа насока, државата со своите скромни можности треба да одговори на оваа директива и да создаде еднакви можности за граѓаните, институциите и бизнисите да уживаат во глобалните придобивки на брз и квалитетен интернет, како и дигитален сигнал во радиодифузијата. Конкуренцијата е глобална, а бизнисите не се натпреваруваат само на домашен терен. Затоа, оправдано е прашањето колку е можен тој дигитален скок со сегашниот степен на развој и преформансите на главните актери?

Автор:Весна Коловска во соработка со Горан Гаврилов и ЗГ Медиа Плус – Штип

Графичка обработка: Слободанка Блажевска

 

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.

Лограње

X

Регистрација