– ММС
Вести Македонија ММС-Стории

Востаничкото Разловци 143 години потоа: Се’ уште се чувствува мирисот на востанието, се’ уште чадат оџаци од куќите на востаниците

 

Целото село наликува на голем музеј на отворено, се` мириса на историја, се` уште стојат од времето пред востнието големиот бунар сретсело, повеќе чешми и кладенци, црквата во која се ковале плановите за востанието и се молеле востаниците, а уште стојат и куќите на повеќето од организаторите на Разловечкото востание, кое било кренато на 20 мај 1876 година

Пишува: Љупчо Шатевски

Во востаничкото Разловци се’ мириса на историја. Секоја куќа, па и секој камен си има своја приказна. Целото село наликува на голем музеј на отворено, во кој, сепак, животот на преостанатите 500 жители на селото мора да тече и тоа во амбиент многу сличен на тој од 1876 година, кога било кренато востанието. И 143 години по востанието, во востаничкото Разловци како се` уште да се чувствува неговиот мирис, мирисот на историјата, на која потсетува речиси секое катче во бунтовното село на границата меѓу Малеш и Пијанец. Околу една третина од куќите во селото се изградени пред Разловечкото востание. Во некои се` уште се живее, други се празни, со иселени сопственици и катанци на вратите, трети се распаѓаат од забот на времето.

Една третина од куќите во селото се изградени пред Разловечкото востание (фотографии горе и долу)

Востание организирано и кренато исклучиво со сопствени сили                        

Тој разловечки мирис на историјата ќе го почувствуваат и тие што ќе дојдат денеска, недела, во селото на одбелжувањето на 143-годишнината од Разловечкото востание, важен настан од македонската историја и поради фактот што востанието било кренато и организирано исклучиво со сопствени сили и материјално помогнато единствено од македонската духовна и световна интелигенција, со масовно учество на селаните од Разловци и од околните места. Ова востание ги најавило и идните востанија и битки за слобода во Македонија.

Во Разловци се’ уште чадат и оџаците на повеќе куќи во кои живееле повеќето од водачите на Разловечкото востание. Се` уште жителите на селото се молат во црквата „Св. цар Константин и царица Елена“, изградена во 1850 година, во која се ковале и плановите за востанието. Од тоа време се останати и повеќе чешми, кладенци, како и големиот бунар сретсело, кој долго и пред востанието бил собиралиште на селаните, а невестите овде го практикувале стариот свадбен обичај „одење по вода“…

Организатор поп Стојан Разловски, водач Димитар Беровски       

Во селото уште стои куќата на легендарниот поп Стојан Разловски (1800-1876), кој, иако во 76. година од животот, бил главен организатор на востанието, веројатно го истрелал и првиот востанички куршум, неговите први соборци главно биле негови роднини, а водач на востанието бил неговиот зет за најмалата ќерка, Марија, веќе искусниот револуционер Димитар Поп-Георгиев Беровски (1840-1907). Во таа куќа, сега сопственост на семејството на отец Атанас Поповски, правнук на поп Стојан и сегашен архиерејски намесник на делчевското архиерејско намесништво на Брегалничката епархија на МПЦ-ОА, но во која денес не живее никој, поп Стојан се родил и живеел во младоста, а подоцна, кога неговиот помлад брат се оженил, поп Стојан изградил друга.

Куќата на поп Стојан (горе) и куќите на Ѓоргов и на Ковачки (долу)

Во непосредна близина до родната куќа на поп Стојан е и куќата на Стоил Ѓоргов. Таа, градена во стар македонски стил од малешевско-пијанечкиот крај, во тоа време ѕидани со плет и кал, е во распаѓање, бидеји никој одамна не живее во неа, но се` уште стојат и приземјето и катот. Куќата на Цоне Спасев, првиот соработник на поп Стојан, била урната одамна, а стојат куќите на уште двајца востанички првенци, на Ѓорѓи Терзиски и, кај селските гробишта, на ковачот Стоил Ковачки, со чиј голем клуч се` уште се отклучува и заклучува црквата „Св. цар Константин и царица Елена“.

Црквата ја изградиле со итрина                                                                                

Црквата била изградена со голема итрина на жителите на селото. Турците не дозволувале да се гради црква ако на тоа место порано немало христијански храм. Селаните се снашле. Од стара црква над селото извадиле камен крст и го закопале на местото каде што требало да се гради новата. По извесно време повикале претставници на турските власти и со лажниот доказ успеале да добијат дозвола. Во изградбата што траела седум години учествувале сите селани. Пред неколку години свештениците по потекло од Разловци, кое важи и за попско село, поведоа иницијатива за санирање на објектот и за обновување на дел од стариот инвентар, што, со нивни и со средства од донатори, беше успешно завршено.

– До влезот на црквата се фреските на ктиторите – поп Стојан, Цоне Спасев, Стоил Ѓоргов и Стоил Ковачки. Во мај 1876 година, поп Стојан, чувствувајќи дека востанието може да биде задушено, самиот ја премачкал со малтер фреската со неговиот лик, стравувајќи дека Турците поради неа може да ја запалат црквата. На стогодишнината од востанието, во 1976, стручни лица од Музејот на Македонија за неколку месеци успешно ја реставрираа фреската – раскажува правнукот на поп Стојан Разловски, отец Атанас Поповски, кој е тринаесетти свештеник во неговата семејна лоза.

Легендарната црква (горе) и фреските на ктиторите поп Стојан, Цоне Спасев, Стоил Ѓоргов и Стоил Ковачки (долу)

Димитар Беровски го подготвувал востанието уште кога престојувал во Солун.Таму и го нарачал востаничкото знаме што го изработиле учителките Недела Петкова и Станислава Караиванова, на кое, покрај лавот, пишувало на старомакедонски „Станете да се ослободиме“ и „Македонија“. Заради купување оружје за востанието, Беровски го продал целиот свој имот во Берово, а не штедел средства ни поп Стојан, кој, покрај другото, за оружје ги продал и своите осум крави и два вола. Во април 1876 година Беровски дошол во Разловци. Биле одржани неколку состаноци на востаничкиот комитет, а пред кревањето требало да се обиколат и други делови на Малеш и Пијанец, потоа Виничко, Струмичко, Петричко, Мелничко, за востанието да се прошири и во тие краишта.

Десетина дена слободен живот        

Последниот состанок се одржувал ноќта на 19 мај во колиба над Разловци. Присуствувале 30 вооружени луѓе. Требало да се утврди денот за почеток на востанието. Но, во тие моменти стигнала вест дека во селото влегле турски даночници и заптии, кои имале намера да грабнат и две девојки, па било решено востанието веднаш да почне. На групата им се придружиле уште триесетина вооружени селани и во раните утрински часови на 20 мај влегле во Разловци. Ги нападнале и заптиите и омразениот турски полјак Алиман, по потекло од селото Истевник, кој бил познат по грабежи, а често напаѓал и девојки и жени.

Алиман бил ранет и се скрил во куќата на баба Ордана Џабирска. Бидејќи не сакал да се предаде, востаниците ја запалиле куќата, откако претходно успеале сосе кревет да го извлечат болниот син на Ордана. Алиман изгорел во куќата. За да им покаже на селаните дека треба да се даваат саможртви за слобода, поп Стојан наредил да биде запалена и неговаа куќа сосе анот на син му Костадин.

Заптиите и даночниците биле рабиени и заробени. Само еден успеал да ја премине надојдената река Брегалница и да избега кон Пехчево, тогашен административен центар на Малеш и Пијанец и седиште на мудурлакот. Востаниците тргнале и по него, но не успеале да го стигнат. Поп Стојан од далечнина му викнал на соселанецот Крсто, кој тоа утро бил заминат на орање од другата страа на реката – „Држи го тоа куче“, но Крсто не го видел заптијата, помислил дека поп Стојан му вика нешто за песот, па го фатил и го смирил своето големо куче.

Ванчо Спасевски и отец Атанас Поповски

По ослободувањето на Разловци, поголемиот дел од востаниците, предводени од Димитар Беровски и поп Стојан Разловски, тргнале кон Берово, а помал дел, под раководство на Цоне Спасев, останале да го бранат Разловци. На пат кон Берово, каде што требало да им се приклучат уште 300 востаници, дошло до судир со османлиска воена формација, која во неколучасовна битка била победена, но Беровски бил ранет во главата, па востаниците се вратиле во Разловци. Потоа пак почнале марш, сега кон Радовиш, каде, во селото Смиланци, имале скриено оружје. Попат, востаниците извојувале уште една победа кај селото Лаки, но пред Смиланци доживеале неуспех во битка со аскерот.

На 28 мај османлиите, засилени со нов аскер и башибозук, тргнале во офанзива. Тие, според некои извори, биле околу илјада, а востаници на целиот терен имало трипати помалку. Разловци паднало. Некои востаници биле убиени, други затворени. Поп Стојан не преживеал, веројатно се самоубил. Димитар Беровски со триесетина востаници и со востаничкото знаме успеал да го пробие обрачот и да продолжи со борбата за слободна Македонија. По две години, во 1878, бил на чело на штабот на сите востанички формации што учествувале во Кресненското (Македонското) востание во Пиринска Македонија.

Спомен-домот на Разловечкото востание се распаѓа                         

Секој мај во Разловци се одбележуваат годишнините од востанието. Така е и годинава. Одбележувањето е токму денеска. Од утринава е во тек планинарски марш „По патеките на востаниците“, во 11.30 часот, во организација на делчевската локална самоупрва и на Центарот за култура, ќе почне манифестацијата во разловечката црква „Св. цар Константин и царица Елена“, каде што ќе се положи свежо цвеќе, ќе има и панихида за востаниците, рецитал, настапи на фолклорни ансамбли, заеднички ручек за сите, а во Спомен-домот на Разловечкто востание во тек е ликовна колонија „Разловци на платно“.

Секој мај во кругот на разловечката црква се одбележуваат годишнините од востанието (лево), а годинава има и ликовна колонија (десно)

За жал, некогаш убавиот Спомен-дом на Разловечкото востание во центарот на селото, изграден пред четири децении, пропаѓа од забот на времето. Ѕидовите се пожолтени од влага, наместо стакла на многу прозорци се залепени картони, мермерните скали се оштетени… Долги години не беше вложувано ништо во одржувањето на Домот. Пред три-четири години, конечно, беше поставена изолација на покривот, за да се спречи прокапувањето, а целата реконструкција со средства од Министерството за култура се планираше да заврши до 2017 година. Но, ништо од тоа. И покрај многуте ветувања од државата и општината, Домот и понатаму пропаѓа, без разлика кој е на власт. Жителите на селото во шега велат: „Додека беше на власт ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ барем го фотографираа, па критикуваа за состојбата во која се наоѓа, а сега нема ни кој да го слика“.

Оддалеку и од високо Спомен-домот делува импозантно во специфината архитектура на селото (фотографии горе и долу)

Ванчо Спасевски, инаку правнук на Цоне Спасев – најблискиот пријател и соборец на поп Стојан и војвода на чета во востанието, кој, со нерешен статус, веќе една деценија хонорарно се грижи за Спомен-домот на Разловечкото востание, истакнува дека по ставањето на излолацијата на покривот немало никакви зафати.

– Ако не се стават ќерамиди, ќе испадне дека џабе биле потрошени и тие пари. Жална е состојбата на Домот, на кој и понатаму не му се знае ни статусот, па како никој да не е надлежен за негово санирање и реконструкција – вели Спасевски, кој е и претседател на Месната заедница во Разловци.

Одблизу е жална сликата во која се наоѓа Спомен-домот (горе), поради што и бројот на посетители е се’ помал (долу)

Додава и оти, поради состојбата, бројот на посетителите на Домот е се’ помал. Функционирал  делот во кој е библиотеката и во него има околу 2.500 книги од сите области. Доминираат историски дела од предилинденскиот и илинденскиот период и од народноослободителната и антифашистичка војна, во која учествувале и педесетина жители на Разловци. Поради состојбата на Домот, историската поставка е редуцирана.

            МИГРАЦИЈАТА ГО ПУСТОШИ И БУНТОВНОТО СЕЛО

Разловци е планинско село на 20 километри од Делчево, до каде води и единствената асфалтирана патна врска што ја има. Со пописот од 1953 година имало 1.344 жители, а во 2002 – 826, приближно колку и за време на востанието во 1876 година. Пред осум години селото имаше 700 жители.

– Сега останавме околу 500. Никако да се справиме со миграцијата. Порано се заминуваше во блиските македонски градови, поретко во странство. Пред пет-шест години и нас на зафати бранот кон Италија, а во последните две-три и кон Германија, Швајцарија… Од селото сега работа имаат стотина луѓе, од кои 80 се во конфекција во Разловци. По малку, главно за домашни потреби, се одгледува компир, се чува добиток. Во селото имаме деветолетка, во која учат само 35-36 ученици, а некогаш беа 250. Се молиме нивниот број да престане да опаѓа, а на помош ни` дојдоа и четири снаи од Албанија, кои на свет донесоа пет деца – објаснуваат неколкумина повозрасни жители на селото.

Тие истакнуваат и дека се’ уште не губат надеж, иако долгогодишната желба веќе им се чинела неостварлива, оти ќе дојде ден кога ќе се изградат деветте километри пат до соседното беровско село Митрашинци, со што многу ќе им се скрати патувањето и до Скопје и Штип , и до Берово и Струмица. И, како што велат, така селото повеќе не би било на слеп колосек, а тоа можеби ќе придонесе и за развој на туризмот, особено ако се направи нешто за историските споменици во него и не се дозволи целосно да ги уништи забот на времето.

Лограње

X

Регистрација