Репрезентативниот играч од средниот ред на Манчестер Сити, Бернардо Силва, се збогува со Диого Жота претпладнето на погребот на починатиот португалски напаѓач и неговиот помлад брат Андре, во нивниот роден град Гондомар. Браќата загинаа во сообраќајна несреќа во Шпанија во четвртокот. Официјални лица велат дека возилото излетало од патот поради пукање гума додека престигнувало друго возило. Двајцата браќа беа погребани на приватна церемонија, а меѓу присутните беа и соиграчите на Жота од Ливерпул, Вирџил ван Дајк и Енди Робертсон, кои беа видени како носат цвеќе во црквата пред церемонијата, додека голема толѓа на луѓе се собра да се прости од славниот фудбалер.
Во изјавите за телевизијата TVI, Бернардо Силва низ солзи се осврна на сеќавањето на својот пријател и соиграч од португалската репрезентација, велејќи дека „Жота никогаш нема да биде заборавен“ од страна на семејството на националниот тим.
„Не можам ни да ја замислам болката на семејството, Руте (неговата сопруга), децата, родителите… За Андре и Жота. Жота беше голем пријател на сите нас. Неговата кариера – која можеби не е најважната работа во моментов – зборува сама за себе“, нагласи играчот од средниот ред на „граѓаните“, кој исто така носи број 20, како Жота во Ливерпул.
Силва се фокусираше особено на животниот пат на Жота, истакнувајќи ја неговата сила и упорност да се издвои без да доаѓа од академиите на „големите“ тимови:
„Тој не го помина патувањето низ големите тимови. Тој го избра тешкиот пат. Неговата упорност, неговата страст, неговата волја го доведоа до успех. Имаше брилијантна кариера. Но, пред сè, како личност… спомените што ги остава зад себе се неизбришливи. Ќе биде со нас засекогаш, на секој појадок, на секој ручек, на секој натпревар на PlayStation, на секој момент од Националниот тим. Бројот 20 веќе имаше посебно значење за мене. Сега ќе биде уште попосебен“, рече Силва.
Напаѓачот на Ливерпул, Диого Жота имаше само 28години. Со својата долгогодишна партнерка Руте Кардосо, се ожени само 11 дена пред несреќата. Зад себе остави три мали деца.