Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина Кулакова на „Партизанска“ доби 12 години затвор.
Судењето почна минатата недела, кога Јованов призна вина, а пресудата беше изречена денес.

Судот внимавајќи на целите од законот и сите околноста за висината на казната и даденото признание на вина ја одреди следната пресуда: -Обвинетиот Васил Јованов е виновен затоа што без возачка, на црвено, под дејство на алкохол поминал на пешачки и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло, и од кои се здобила со тешки повреди од кои на лице место настапила смрт. Судот го осудува на казна затвор од 12 години, во кое му се засметува и времето поминато во притвор, забрана за управување со возило од пет години и да плати парична казна и трошоци за судската постапка, изјави судијката.
Пресудата не е правосилна и Јованов има право на жалба пред второстепен суд.
Незадоволен од висината на казната таткото на Фросина демонстративно го напушти судот.
-Судот мафија, рече тој и излезе од судницата.

Според обвинението, на 29 јануари годинава, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој тој му дозволувал на својот син да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека нема возачка дозвола и е сторител на сообраќајни деликти.
Мајката на Фросина, Камелија Кулакова, минатата недела во завршен збор пред Судот на минатото рочиште, рече дека не е само мајка што го изгубила своето дете, туку човек со откорната душа.
– Денеска сум гласот на Фросина, бидејќи таа не може да зборува. Кажете ми кој збор од законот може да го опише ова и да ја опише болката што ја имам. Ова не е судење за сообраќајка, ова е судење за грабежна живот и иднина. Барам највисока казна не за одмазда, туку за правда, рече таа.
