Апликацијата ТикТок последните неколку години е вистинска сензација за децата и тинејџерите. Иако првично истата се сметаше за апликација исполнета со танц, сепак истата има и негативна страна.
И во Македонија неодамна најмалку 20 деца настрадаа од вознемирувачкиот предизвик на ТикТок. Најмалото имаше само осум години, дел од децата имаа и скршеници, а шокатно беше дека голем дел од нив се повредија во училиште.
Иако јавноста бара забрана на содржини кои поттикнуваат насилство на мрежата ТикТок и регулирање на содржините на другите социјални мрежи кои ги користат малолетници, сепак надлежните засега не планираат ниту делумно, ниту целосно забранување.
За комуникологот Бојан Кордалов, клучното прашање е зошто ние како општество секогаш дознаваме откако ќе се случи некоја неочекувана последица врз нашите деца и тоа е нешто кое што треба да ни го стави прстот на чело.
„Младите луѓе си бараат свој начин на комуникација, далеку од очите на возрасните и родителите. Младите и децата е природно да бараат работи кои што ги тестираат границите, меѓутоа никако под услов тоа да значи нешто негативно по нивните животи и по нивниот развој. Кај нас треба да се зборува што значат социјалните медиуми и колку прво ние како возрасни треба да се едуцираме за да можеме да ги едуцираме нашите деца. Воедно, институциите треба да казнуваат онаму каде што е прекршен законот за да не ни се множат како печурки ваквите несреќи како онаа со предизвикот помеѓу децата на платформата ТикТок“, изјави Кордалов.
Сепак, тој смета дека забраните на апликациите кај деца не можат да донесат конкретни ефекти.
„Прво, се што е забрането кај децата предизвикува многу поголем интерес да дојдат по секоја цена до тоа нешто. И втората работа е ако вие забраните одредена платформа, секогаш тие ќе бараат друга платформа преку која што ќе се прават ваквите работи. Со таквата идеја, ние не го решаваме проблемот, туку буквално работиме на последиците од ваквите пристапи. Единствено што може да се направи е фокусирање на научни и стручни методи. Тоа значи превенција, јавно зборување, градење на програми, како и јасно регулирање на просторот. Ако не престанеме со неказнивоста онлајн, ваквите работи ќе се случуваат“, потенцираше тој.
Албанија е првата земја во регионот која ја забрани платформата ТикТок. Користење на апликацијата е делумно или целосно забрането во повеќе земи, како Канада, Данска, ЕУ, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Велика Британија, и САД. Во Франција на децата до 15 годишна возраст не им е дозволено да користат социјални медиуми, освен ако имаат дозвола од нивните родители.
Австралија неодамна го усвои најстрогиот закон за социјални медиуми во светот, забранувајќи им на децата под 16 години да користат каква било платформа.
Кордалов е дециден дека младите во Македонија стојат многу послабо споредено со своите врсници генерално од Европа и пошироко.
„Мислам дека ги запоставивме децата и нивните потреби. Занимавајќи се само со нашите проблеми, дали се тоа платите, цени, или некакви стравови од кризи, заборавивме дека главниот фокус треба да бидат децата и младите, сето ова е последица на тоа“, кажа Кордалов.
Тој вели дека мора да им се даде признание на денешните родители.
„За разлика од родителите наши или оние претходно кои имале огромна задача да не извадат на вистинскиот пат, денеска родителите ја имаат истата задача плус двојно повеќе треба да се фокусираат на тоа како да изведат дигитална генерација, да не запне на социјалните медиуми, на новите технологии и едноставно да создаде имунитет од проблемите кои што ги прават ваквите напредоци. Тоа е огромна одговорност и работа.
Родителите не можат сами. Кога институциите со леснотија ќе ја префрлат одговорноста на родителите, навистина ни пречи. Не може да не се знае дека во една земја основната регулаторна работа мора да ја имаат институциите. Оправдувања дека немаат капацитет, не се надлежни, ништо не зависи од нив не поминува“, потенцира тој.
Во однос на заедничката улога на родителите и наставниците во училиштата при заедничкото воспитување на децата, Кордалов рече дека во тој дел многу малку е направено.
„Ајде да отидеме во некое училиште и да видиме дали се уште се користат креда и сунѓер, се користат да. Да се вратиме 50 години наназад кон истите методи. Тогаш не постоел ни бежичен телелефон, а денеска имаме смартфони и бескрајни апликации. Ете толку ни е помрднато образованието напред. Таа е разликата од пред 50 години и денес.
Ако бараме само права, а нема да вложиме во усовршување, напредување, прилагодување на потребите на децата, учениците и студентите, на нивниот начин на комуникација, учење и информирање, ние ќе останеме застанати во времето. Погледнете го светот, ја регулира вештачката интелегенција, работи на нејзино поставување во функција на луѓето. Ние уште зборуваме за дигитализација, фала богу што се случува, но тоа е тема пред 15 години. Се плашиме, уште разговараме на таа тема, истото е и со образованието, дури и полошо“, дециден е Кордалов.
Тој објаснува дека не треба да се бараат виновници и дека е доста со политички препукувања, а дека важното е што од сега натаму можеме да направиме нешто за да се променат работите.
„Не останаа доволно луѓе во државата кои можат да ги тераат процесите, младите ни бегаат со образование кое има се уште добар квалитет, нив веднаш ги бараат и заминуваат во странство. Ако сето ова не не свестува и ако упорно си се вртиме во истиот круг, ништо нема да се промени. Тогаш пак за три месеци или година дена ќе зборуваме за проблем на социјалните мрежи, во образованието, за лоши резултати на ПИСА тестирање и слично“, вели тој.
Кристијан Трајчов