Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби непосредно пред полициската акција поврзана со проневера од над 8,2 милиони евра во Државната лотарија, заедно со стопанственик со дипломатско возило вчера ја напуштил земјава и заминал во Косово.
Бизнисменот кој со своето возило и дипломатските таблички го превезол Груби до Косово непосредно пред почетокот на полициската акција, како што дознава Телма од извори на истрагата, е Арсим Папранику, успешен бизнисмен во регионот и сопственик на Нептун.
Премиерот Христијан Мицкоски, синоќа во гостување во „Click Plus” на ТВ21, откри дека Груби со дипломатско возило со еден стопанственик заминал за Косово.
-Моите информации се дека поранешниот директор на Државна Лотарија подолго време не е во земјата. Додека, поранешниот вицепремиер во текот на вчерашниот ден со еден стопанственик, со возило со дипломатски таблици ја напуштил Македонија и се упатил кон нашиот северен сосед Косово, рече Мицкоски.
Министерот за внатрешни работи, Тошковски не ги објави имињата, бидејќи овој случај е во рана фаза. -Многу добро знае јавноста кои се тие две лица. Јас би упатил јавен повик, од еден од тие двајца кои во текот на вчерашниот ден кажа дека доброволно ќе се врати во Македонија, јас сакам да му верувам, кажа дека е чист како солза, пак сакам да му верувам, еве јавно упатувам да истиот се врати во Македонија, ако не е вратен, и да им овозможи на институциите соодветно да ја истераат оваа постапка, рече Тошковски.
Прашан за првиот вицепремиер, Артан Груби дека е надвор од државата, Тошковски со одговор дека лицето е излезено надвор од државата, а како што вели „сакам да ја информирам јавноста дека се сторени пропусти од страна на граничната полиција, се води истрага во моментов“.
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби според објави на повеќе медиуми веќе ангажирал адвокат кој ќе го застапува во предметот за кој е обвинет.
Стејт департментот на САД на 9 декември соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.