Познатата група “Компас бенд” годината ќе ја заокружи со уште еден музички проект, за кој вчера во ресторанот “Де Гама” организираа дружба со најблиските соработници и медиумите, пред кои го претставија сработеното.
Се работи за нова песна и тоа на српски јазик со наслов “Очигледно”, на која како автор се потпишува нивниот пријател Зоран Рудан – Цеки, односно музика и текст, додека аранжманот е на Иле Спасев. На промоцијата беа присутни и авторите, кои не го криеја своето задоволство од соработката со екипата на “Компас бенд”.
За овој најнов музички проект се сними и високобуџетен спот, а како режисер на истиот се потпишува младата режисерка Ана Марија Јанковиќ. Спотот е снимен на неколку локации во нашиот главен град, а за потребите на снимањето е користена специјална сценографија и визуелни ефекти.
“Ние сме презадоволни, како од авторскиот тим, така и од тандемот Ана Марија Јанковиќ и Дарио Јанковиќ. Очекуваме песната да и се допадне на публиката, а првите реакции се веќе такви. Ова беше наша втора песна за оваа 2024 година, но за следната 2025 година имаме многу и големи планови” – велат од “Компас бенд”.