Тековниот тендер кој завршува на 17 септември за изградба на пругата кон Бугарија, како дел од Коридорот 8, премиерот Христијан Мицкоски, како што рече нема да го потпише. За одлуката ги информирал и надлежните од Европската унија, кои обезбедуваат средства за овој проект. На Мицкоски му бил понуден поткуп преку канал за комуникации, поради што тој одбива натамошно процесуирање на овој тендер.
-Бев жртва на обид за поткуп. Нормално, тоа не оди јавно, на отворени емисии, ниту има документи на кои се потпишуваат. Тоа беше преку канал за комуникација. Лично кажав дека за Коридорот 8 секција 3 имаше обид да ми биде понуден поткуп и дека нема да го потпишам тендерот кој истекува на 17 септември, изјави на прес конференција премиерот Христијан Мицкоски.
Следеа прашања од новинарите, кои се интересираа дали има докази, дали пријавил, кому пријавил.
-Пријавив во сите институции кои треба да постапат. Поткупот не оди транспарентно со докази. Тоа беше преку канали за комуникација, но доволно сум искусен да насетам дека целта на соговорникот е таа за која говорам, одговори Мицкоски.
Тој најави дека натамошниот тек околу тендерот и изградбата на пругата продолжува во Брисел.