Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, чија партија Демократско движење е дел од коалицијата Вреди, вечерва изјави дека претседателот на Собранието Африм Гаши на приватното патување во Косово, иако е втор човек во државата, побарал да се намали нивото на безбедност за да има повеќе приватност, но како што рече, тоа не му било дозволено заради протоколите.
– Прво, се работи за втор човек во државата и мислам дека протоколот за безбедност е многу строг. Имам разговарано и со Гаши и со претходниот претседател на Собрание и со Јован и со Талат, многу работи сакаат да ги нема во секојдневниот живот, значи тоа се работи за деца и за жената. Значи, постојано се под строг надзор, строго обезбедување пришто се губи приватноста, посебно кај децата. Но заради тоа што е втор човек во државава и покрај тоа што побарал да се намали тоа ниво на безбедност, да има повеќе приватност, не е дозволено заради протоколите. И тој е многу среќен за такво ниво на безбедност и опкружување со безбедносни сили. Побарал значи тоа да се скрати. Но не може да ги промени тие протоколи што се за безбедност, бидејќи тука државата одлучува, а не индивидуално, рече Меџити во вечерашното гостување на „Вести плус“ на Телевизија Канал 5.
Првиот вицепремиер потенцира дека го познава Гаши и оти тој е многу скромна личност во приватниот живот.
Одговарајќи на прашање што доколку коалицискиот партнер ЗНАМ на 3 септември за кога е закажано седница во Собранието за интерпелација на Гаши гласа „за“ , Меџити рече дека досега немало Влада со постабилни бројки.
-Од 90-тите до сега немало Влада со постабилна бројка, значи 78 пратеници. Второ иницијативата е покрената од Левица, колку што знам. Мислам дека ова е нова Влада со нова програма, со нова надеж на граѓаните, тие нема да потпаднат на такви провокации, рече тој.