Туристичката организација на Копенхаген воведе програма за поттикнување на општествено и еколошки одговорен туризам.
Судејќи по се, Копенхаген на овој начин се обидува да привлече само туристи кои се пристојни и добро воспитани.
Ќе бидат наградени оние кои ќе одлучат да возат велосипед, да користат јавен превоз, да учествуваат во некоја работа како градинарство или собирање ѓубре на пристаништето или во градските паркови.
Оние кои ќе носат свои шолји за кафе за повеќекратна употреба може да очекуваат бесплатен пијалак на одредени места, додека другите поволности за добро однесување вклучуваат бесплатен коктел во бар или дополнително време поминато во комплексот со вештачки скијачки патеки во градот.
Ааро Хансен од Туристичката организација во Копенхаген рече дека целта е патувањата да се направат поодржливи.
„Сакаме посетителите да донесат посвесни одлуки погодни за климата и на тој начин се надеваме дека ќе имаат покорисно патување“, рече Хансен.
Според него, намерата е туризмот наместо да биде товар за животната средина, да се трансформира во сила за позитивни промени.
Хансен вели дека програмата, со прифаќање на елементите на таканаречената економија на искуство, ќе поттикне повеќе позитивни средби меѓу туристите и локалните жители.
Многу градови во светот се соочија со проблеми поради големиот број туристи, меѓу кои и Барселона, каде туристи беа прскани со водени пиштоли на неодамнешниот протест на локалните жители.
Туристите кои ја посетуваат Венеција на еден ден сега треба да платат нова дневна такса од 5 евра, додека туристите во Дубровник неодамна беа повикани да избегнуваат да влечат куферите на тркала поради вревата што ја прават додека се движат по калдрмата.
Мајорка, Ибица и другите Балеарски острови воведоа строги ограничувања за консумирање алкохол, а другите популарни туристички дестинации експериментираат со голем број различни мерки за контрола на бројот на посетители – од влезници до воведување на заштитени зони каде што можат да влезат ограничен број посетители.