Учебници за седмо одделение по новата програма ќе нема бидејќи, според информациите на министерката за образование и наука Весна Јаневска, ниеден учебник не е пратен на печатење, а за некои не е завршена ни процедурата на одобрување, односно не се напишани или не е помината рецензија.
-Уште првиот ден кога влегов во Министерството за образование и наука, прва задача ми беше да видам што се случува со учебниците. Иако имаше информации дека сè е во ред, за жал, тоа не беше така – изјави министерката Јаневска во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Проблемот, вели таа, е кај учебниците за седмо одделение, додека останатите веќе се дистрибуираат.
-За седмо одделение нема да печатат ниту еден единствен учебник, ниту еден не е предаден за печат, а колку што разбрав, за одреден број учебници процедурата не е завршена, некои не се напишани, кај некои не е помината рецензијата, не е поминато ниту во БРО, ниту во национална комисија, што значи дека апсолутно никаква, ни минимална шанса нема да се стигне, ниту за еден учебник до 1 септември, вели Јаневска.
Разговарала со стручни лица од Бирото за развој на образованието кои и потврдиле дека постои компатибилност на старата и новата програма и добила уверување дека децата нема да имаат никаква штета доколку во седмо одделение продолжат да учат по старата програма, со тоа што, како што вели, можеби ќе треба да се доработат одредени теми што ги немало претходно.
– Во овој момент продолжуваме да разговараме за тоа дали ќе може да се премине во следното одделение, со оглед на таа мала разлика која ја има во новата програма во однос на старата. Децата од септември ќе учат со овие учебници со кои учеле децата оваа година, односно по стара програма. Тие ќе ги добијат тие учебници. Доколку навистина одлучиме дека има потреба некои теми да се вклучат, а ги нема, Бирото ќе изработи материјали, додава министерката во интервјуто.
Таа потврдува дека ќе се прави ревизија на Концепцијата за основно образование, донесена во март 2021 кога на чело на МОН беше Мила Царовска.
Рокот би траел најмалку една година или малку подолго, но како што вели, „би одел постепено, одделение за одделение, како што и сега се случува“.
За ревизијата посочува дека ќе биде инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени и стручната јавност и практичарите, и дека во изминатите години веќе собирале искуства од наставниците и родителите, како и од повозрасните ученици. На оваа тема се разговарало и на состанок во Бирото за развој на образование пред неколку дена.
Според Јаневска, во Концепцијата „најпроблематична е интеграцијата на предметите“ што вели, „не беше прифатено ни од стручната фела, ниту од наставниците практичари“.
Тоа, според неа, не значи дека интегрирањето не е добро, но дека кај нас е „неизводливо и многу комплицирано“.
Новоизбраната министерка укажува и дека е потребна нова Национална стратегија за образование во која ќе се постават принципи за создавање квалитетен образовен систем во државава и дека тоа е една од целите во владината програма.
– Тоа би сакала да биде документ на којшто ќе се потпишат повеќето или сите политички субјекти, да го прифатат како програма за развој на образованието и постигнување на повисок квалитет и, секако, доколку го постигнеме тој консензус, би било добро да го прифати и Собранието, вели Јаневска.