Една жртва и двајца повредени – ова е билансот од пукањето кое синоќа околу полноќ се случило на „Пластичарска“ во Скопје. Министерството за внатрешни работи соопшти дека убиениот е 29-годишен скопјанец кој им подлегнал на повредите откако бил однесен на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Како што јави ТВ 21 пак, се работи се пејачот Амар Исмани кој има низа популарни видеа поставени на платформата Youtube.
Полицијата во меѓувреме информираше дека уште еден од повредените исто така бил донесен на комплексот клиники „Мајка Тереза“, додека другиот во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“.
„На 26.05.2024 околу 23.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Никола Карев“ во Скопје имало пукање. Во 23.45 часот, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје бил донесен Т.А.(24) од Скопје. Во 23.51 часот, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени О.Б.(19) и А.И.(29), двајцата од Скопје, каде што по укажаната помош, во 00.45 часот на 27.05.2024, А.И. починал. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот“, се вели во извештајот на МВР.
Во врска се случајот се огласи и Основното јавно обвинителство Скопје од каде утрово посочија дека во текот на ноќта бил извршен увид на „Пластичарска“ каде се случило пукањето.
Јавен обвинител издал наредби за вештачење на трагите прибрани од местото на настанот, а МВР постапува за откривање на сторителите.