Во една кратка реченица се опишува реакцијата на малите политички партии, кои соопштија дека се обесправени од односот на државата кон нив. Државата додели 9 милиони евра граѓански пари од државниот буџет на четири најголеми политички партии, додека за сите останати само по 8.000 евра за политичко рекламирање. Или околу 300.000 евра за сите останати субјекти.
Овој податок длабоко ги иритира помалите политички партии, кои гласно негодуваа на оваа, како што ја нарекоа неправда која води кон нефер и недемократски избори. Поради тоа, во Собранието на потпишување на Кодексот за фер и демократски избори не дојдоа сите претставници на 17 политички партии и коалиции кои ќе учествуваат на парламентарните избори.
Некои од нив се појавија, а не го потпишаа Кодексот колку јасно да соопштат зошто овие избори нема да бидат ниту фер, ниту демократски.
Својот потпис не го ставија Партијата Демократи, Работничката партија како и од ГРОМ. Јорго Огненовски отворено зборуваше против големите партии.
„Во Собранието на легален начин е донесен криминален Изборен законик, кој прави дискриминација, монопол за партиите кои имаат свои пратеници во Собранието, додека другите кои учествуваат на овие избори како политички субјекти кои немаат свои претставници во Собранието, сме маргинализирани. Поточно, кон нас се врши една неправда, еден тотално невиден криминал. Будејќи нашиот Изборен законик е криминален и го спроведуваат криминални групи. Што мислите, што добивате на власт?! Криминалци, бре луѓе!, рече Огненовски.
Нему во ставовите му се придружија од Гром и Работничката партија.
„Првата причина е начинот на финансирање на парламентарните избори при што огромни суми се издвојуваат за 4 големи коалиции. И што е најстрашно, со законот се забранува било какво дополнително финансирање“, изјави Стевчо Јакимовски од Коалицијата Храбро за Македонија.
„Јас како претставник на Работничката партија не ни седнав на масата за потпишување на Кодексот за фер и демократски избори. Мислиме дека не се исполнети условите и амбиент за фер и демократски избори“, рече претставникот на Работничката партија.
За малите партии ова беше единствена прилика да бидат сослушани од новинарите, но како што рече Мирјана Најчевска од партијата Твоја, не се со цело внимание како кон големите партии. Тоа ја налути Најчевска.
„Благодарам многу на новинарите коишто беа многу тивки кога зборуваа големите политички партии, коишто според мене се нивни послушници, а се смеат и дезавуираат говорите на секоја од малите политички партии со своето однесување. Засрамете се!, им се обрати Најчевска на присутните новинари.
Медиското внимание претставникот на Десна го искористи да побара побрза екстрадиција на нивниот лидер Палевски, кој е во екстрадициски затвор во Турција.
„Ја користам приликата да укажам дека политичката партија Десна не го признава наметнатото име на државата. За нас името на државата е Република Македонија. И покрај намерата на поранешниот министер за внатрешни работи да ја дерегистрира политичката партија како таква како гнездо на криминалци и дувло на монструми, Десна стои пред вас исправена и бара итна, безусловна, неодложна екстрадиција на Љупчо Палевски од Турција“.
А Џула Челику претседател на Европското демократско движење да соопшти на јавноста дека за прв пат во Изборната единица 6 носител на листа е жена, која е во исто време и партиски лидер.
„Ние потпишавме за фер и демократски избори, ама од друга страна, државата не е фер со новите политички партии. Гледате, по 8000 евра ти не можеш да одиш во една телевизија и да даваш изјава, не е фер“, реагираше Челику.
Партијата Родина Македонија излезе со соопштение. Партијата смета дека со парите за медиумското претставување на партиите малите партии не можат да се покријат минималните потреби за партиско рекламирање.
„Освен тоа, Родина Македонија се соочува и со одбивање од страна на некои т.н. „национални телевизии“ за пристап и политичко рекламирање на тие телевизии, од причини кои, веруваме, се познати во јавноста, а тоа е фактот дека дел од тие телевизии работат како партиски гласила, заради што сме спречени за какво – такво медиумско претставување. Оттука, никако не може да се зборува ниту за фер односи, а уште помалку за рамноправна застапеност на сите оние партии кои ќе се јават во изборната кампања, при што, медиумските концесии стекнати за емитување на националниот простор, се користат за теснопартиски интереси, односно за потребите на т.н. „големи партии“, соопштија од Родина Македонија.
Политичките реклами на политичките партии кои се во Парламентот им го плаќаат граѓаните преку државниот Буџет преку Државната изборна комисија. Над 9 милиони евра се трошат за платено политичко рекламирање, при што на домашните медиуми, на учесниците во ова им е единствениот начин за рекламирање. Поради тоа, најчесто на радијата и телевизиите, како и порталите се четирите големи партии, а идентично е и со секундите за рекламирање.
Малите политички партии речиси и да ги нема, а со тоа, и не можат да ги кажат своите ставови и програмски определби во кампањата. Идентично е и со државното финансирање на политичките партии, кои добиваат државни пари според бројот на освоени гласови. Со тоа, 90 отсто од парите што ги имаат на своите сметки, партиите ги добиваат од граѓаните, преку државниот буџет.
Иако со години се заговара промена на законот и исфрлање на оваа законска одредба, партиите здружено и братски се против каква била промена што ќе води кон останување без овој голем фонд за реклами.
В.К.