Оваа врнежлива пролет го надомести она што „скржавата“ со снег зима не го даде, а тоа е да се наполни брана „Кнежево“, која е целосно исполнета. Еден период од мај браната беше на прелив, редок случај и по неколку години се случува за прв пат, што се следи под будното око на вработените во ХС „Злетовица“ преку СКАДА системот.
Последните месеци се спроведе ревитализацијата на целокупниот систем, кој освен браната ги следи мрежата за водоснабдување со филтер станиците во Штип, Пробиштип и Свети Николе. Освен обновувањето и воведување на современ систем на следење, проектот за ревитализација внесе и промени во оперативните единици.
Во септември 2022 година беше потпишан договорот за надградба на системот за алармирање и системот за оскултација на ЈП ХС „Злетовица“.
Средствата се обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое учествува со 60 отсто и остатокот од словенечкиот Центар за меѓународна соработка и развој. Системот поставен пред повеќе од една деценија, сега е обновен и технички надграден.
Со надградбата на СКАДА системот, опфатен е и делот за осклутација, витален систем со кој се следи состојбата со телото на браната и евентуалните поместувања.
Временските услови се следат преку поставениот систем метеоролошката станица, која со обновена со апаратура.
Најголем потрошувач на „Злетовица“ останува Штип, со потрошувачка од 118 литри во секунда, следат Пробиштип со 40 литри и Свети Николе со 30 литри во просек. Во перспектива се очекува приклучување и на општините Карбинци и Лозово.