„Опенхајмер“ (Oppenheimer) се закити со најмногу признанија, златни маски на 77. доделување на Британските филмски награди, познати како БАФТА (British Academy Film Awards), што се одржа синоќа во Кралската фестивалска сала, во Лондон, Велика Британија.
Филмот победи во седум категории, и тоа: за најдобар филм, режија (Кристофер Нолан), главен актер (Килијан Марфи) и спореден актер (Роберт Дауни Џуниор), кинематографија, монтажа и за оригинална филмска музика.
„Опенхајмер“ e биографски филм, од 2023 година, напишан, режиран и копродуциран од Кристофер Нолан, со Килијан Марфи, кој ја толкува насловната улога за пронаоѓачот, творецот на атомската бомба. Остварувањето го прикажува патот на Роберт Опенхајмер до создавањето на атомската бомба, како и неговите чувства околу нејзината употреба кои од возбуда се движат до пораз. Филмот ги вклучува неговиот личен живот, работата со проектот Менхетен и комунистичките истраги.
По него, пет награди доби филмот „Бедни суштества“ (Poor Things) на режисерот Јоргос Лантимос за неверојатната приказна на Бела Бакстер, млада девојка оживеана од брилијантниот научник, доктор Гудвин Бакстер. Романтична драма со научнофантастични елементи се закити со БАФТА златна маска за главна актерка која ѝ беше врачена на Ема Стоун, како и за сценографија, костими, шминка и визуелни ефекти.
Воената драма „Зона на интерес“ (The Zone Of Interest), пак, е прогласена за најдобар британски филм. Остварувањето на Џонатан Глејзер за командантот на Аушвиц Рудолф Хос и неговата сопруга Хедвиг, кои се трудат да изградат живот од соништата за своето семејство во куќа и градина покрај логорот, покрај оваа награда доби и златни маски за филм од неанглиско говорно подрачје и за звук.
За најдобар анимиран филм беше прогласен „Момчето и чапјата“ (The Boy and the Heron) на Хајао Мијазаки и Тошио Сузуки. Давајн Џој Рандолф доби БАФТА за споредна актерка за „The Holdovers“, филм на кој му припадна и наградата за кастинг, а признанието „Ѕвезда во подем“, единствената БАФТА, за којашто одлучува јавноста со свој глас, ѝ беше доделена на англиската глумица Мија Меккен-Брус.
БАФТА за најдобар документарец доби „20 дена во Мариупол“ (20 Days In Mariupol) на Мстислав Чернов, а за оригинално сценарио „Анатомија на падот“ (Anatomy оf а Fall) на Жастин Трие, филм за убиството на сопругот чија жена е осомничена, а нивниот слеп син се соочува со морална дилема како главен сведок.
Домаќин на свеченото доделување беше актерот Дејвид Тенант.