Претседателот на Собранието Јован Митрески попладнево ќе свика итна собраниска седница на која треба да се донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот и на други закони коишто ќе се однесуваат на важноста на возачките дозволи, со досегашното име.
Во интервју за МИА претседателот на Собранието Митрески истакна дека претпладнето имал средби со координаторите на пратеничките групи, со министрите и со премиерот на техничката Влада Талат Џафери.
-Според тоа што зборувавме досега на досегашните состаноци станува збор за измени во Законот за безбедност во сообраќај и секако ако треба да се направат и соодветни измени во други закони за тоа што се јавува како проблем со возачките дозволи, односно нивната важност.
Митрески посочи дека побарал да се изнајде заедничко решение за овој проблем, кој произлезе од потребата за менување на името на државата во возачките дозволи, личните карти и патните исправи.
– Точно е дека имавме после координацијата и состанок со премиерот Џафери, со министерот за внатрешни работи и со координаторите на пратенички групи. Можам да кажам дека сме блиску до решение. Секако, во текот на денот ќе продолжат координациите и можам и да кажам дека во текот на денот ќе закажам итна седница граѓаните да бидат спокојни овој проблем ќе настојувам да се реши во текот на денешниот ден, рече Митрески.
Претседателот на Собранието рече дека утрово најпрво се координирал со пратеничките групи во однос на ова прашање, бидејќи уште од вчера имал информација дека ќе бидат поднесени предлози за измени од страна на пратеници.
-Прво, сабајлината ја имавме редовната понеделничка координација со сите координатори на пратенички групи. Уште во текот на вчерашниот ден имав информации дека има предлози од пратеници и пратенички групи коишто ќе ги предложат во Собранието за да се реши ова прашање. Сабајле на координација побарав тоа да биде еден координативен пристап на сите координатори, нормално со мое посредништво, нормално во комуникација и со министерот за внатрешни работи и со премиерот на техничка Влада, со директорот на Агенцијата за супервизија на осигурување за да ова прашање го решиме, исто така и министерот за надворешни работи и се’ она што значи решавање на овој проблем, вклучувајќи ги сите засегнати страни, рече Митрески.