Во Кавадарци денеска во организација на винарската визба „Тиквеш“ традиционално по 14-ти пат се одржа Фестивалот на младо вино на кој гостите имаат можност да дегустираат млади вина.
Фестивалот, и годинава има хуманитарен карактер. Гостите имаат можност да донираат за СОС Детско село и за музичкото училиште „Ентерпрајз“ предводено од Валентино Скендеровски.
Претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски, ја претстави и новата генерална директорка Бранка Славеска, која ќе ја преземе функцијата од почетокот на 2024 година.
– Постојано инвестираме во унапредување на сите сегменти од нашето работење, а тукушто имавме можност нашите искуства и знаења да ги споделиме на најголемиот регионален саем „Wine vision“ на „Open Balkan“.
Промените не се едноставни, но се клучни за обезбедување одржлив развој, а за тоа ни требаат вистински лидери.
Токму затоа довербата ја даваме на Бранка Славеска, која со своето импресивно меѓународно професионално искуство веруваме дека ќе даде значаен придонес кон исполнување на нашите цели, истакна Јаневски.
Славеска работела за „Хајнекен“, извршувајќи менаџерски функции на повеќе различни пазари како Русија, Белорусија, Босна и Херцеговина и Хрватска, а била одговорна и за регионот на Југоисточна Европа.
Работела и во „Лаваца“ како директорка за меѓународни пазари, а во „Тиквеш“ доаѓа од позицијата на комерцијална директорка и член на Управниот одбор на „Диагео Италија“.
Својата кариера ја започнала во „Пивара Скопје“, а во периодот 2005-2006 година била комерцијална директорка на „Тиквеш“. Дипломирала на Машинскиот факултет во Скопје и магистрирала менаџмент и бизнис администрација на Универзитот Шефилд.
Покрај музичките ѕвезди, на првиот ден од фестивалот настапија и претставници на музичкото училиште „Ентерпрајз“, како најава за поддршката што винарската визба „Тиквеш“ ќе ја обезбеди за развој на младите музички таленти.