Во организација на Фризерската секцијата од Скопје (при Занаетчиската комора) и Скопје Сити Мол, на 12 ноември, традиционално ќе се одржи „Бербер шоу” со што ќе се одбележи „Моември” – месецот на машкото здравје. Настанот ќе трае од 12 до 17 часот.
Ноември е месец во кој се степенува важноста на машкото здравје. Моември, меѓу другото, подразбира и растење мустаќи во текот на овој месец како поддршка на мажите.
Овој забавен настан организаторите го најавуваат како: „Најмажествената битка на годината и највозбудлив настан за мажите. Со овој популарен неколкучасовен настан се приклучуваме кон светското одбележување на „Моември”, кој, покрај забавниот карактер има за цел и да ја информира и едуцира машката популација”.
Настанот ќе го модерира актерското дуо Тино и Атанас и ќе се случува на приземјето од Скопје Сити Мол, каде на сцена ќе бидат поставени четири берберски столици. Мустаќите и брадата се симбол на движењето Моември. Па затоа, повеќе од 50-тина машки бербери од цела Македонија, вклучувајќи и неколку жени бербери ќе им ги стилизираат мустаќите и брадите на повеќе машки модели.
На настанот ќе земат учество и учениците од средните стручни училишта „Димитар Влахов” и „Шаип Јусуф” од Скопје, кои ќе ги претстават стекнатите вештини на живи модели.
Меѓу останатите, на берберските столици ќе седнат и познатите актери Игор Ангелов и Дритон Вејсели, Панчо од позната поп група ДНК, националниот рекордер во пливање Мартин Стефановски и други јавни личности, со цел да се покрене свеста за машкото здравје.
Членовите на Веспа клубот „Весписти Скопје” го потврдија своето присуство на настанот, како и мотоциклистите од Христијанска мото асоцијација – CMA Macedonia.
На посебна локација предвиден е засебен дел „Бербер корнер”, каде, секој заинтересиран посетител ќе може да добие бесплатна услуга, потстрижување и стилизирање на мустаќи и брада и наедно ќе може да ги испроба најновите козметички производи за нега.
Настанот ќе биде заокружен со доделување награди на сите учесници и бербери.