Компаниите кои имаат потреба од практиканти, се повикани да се пријават во Агенцијата за вработување. Во исто време, повикот се упатува и до евидентираните невработени лица. Отворен е нов повик за практиканство, на кој ќе може да се аплицира до 10.11.2023 година или до исполнување на предвидениот опфат.
Како што објаснува Наташа Здравковска, која го раководи ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, мерката нуди можност за работодавачите. Компаниите кои ги исполнуваат условите за право на учество, да изберат практикант за период од три месеци, кој финансиски ќе биде поддржан со 11.000,00 денари месечно, бруто износ со вклучено осигурување за инвалидност, повреда на работа и данок на личен доход. Практикантот може преку мерката да биде ангажиран до три месеци.
„Правото за учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја одделна мерка за вработување, основните принципи кои треба да се почитуваат при имплементација на програмите и мерките за вработување, како и услугите за активација и вклучување на пазарот на трудот – принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор и поттикнувањето на рамномерен регионален развој“, стои во огласот за практикантство.
Здравковска наведува дека е потребно евидентираните невработени лица кои сакаат да се пријават, да бидат на возраст до 29 години, со минимум завршено средно образование, и да немаат работно искуство согласно образованието, но да се заинтересирани за Практиканство заради стекнување одредени практични знаења и вештини.