Поранешен борец на Вагнер, кој по грешка бил прогласен за убиен во акција додека се борел во Украина, го посети својот гроб во Русија.
Сергеј К.(44), поранешен затвореник, бил регрутиран во редовите на платеници и испратен на првата линија во Украина во април, пренесува МК.ру. Во еден момент неговото семејство било известено дека загинал на фронтот во Луганск, па дури добиле и паричен надомест за неговата смрт.
Запечатениот ковчег бил донесен дома, а неговото семејство добило потврда за смртта. Семејството го погребало и тагувало, а потоа се испоставило дека тој е жив и само ранет.
Адвокатот на Сергеј, Андреј Кибирев тврди дека борецот на Вагнер не контактирал со своите роднини додека бил во болница, објаснувајќи дека не сакал да ги вознемирува. Во јули и се јавил на една од неговите сестри, која била шокирана кога дознала дека нејзиниот брат е сè уште жив, рече Кибирев.
Сестрата тогаш наводно му кажала на Сергеј дека го закопале пред 40 дена, а семејството добило и речиси 6 милиони рубљи (околу 61.000 евра) како компензација за неговата „смрт“.
Адвокатот рече дека Сергеј се обидува да ја „види светлата страна“ на ситуацијата.
„Неодамна го посети неговиот гроб, вели не очекувал толку добро да биде погребан“, додаде Кибирев.
На 19 октомври, посмртницата на Сергеј била поништена откако Окружниот суд во Република Бурјатија разговарал со неговото семејство и утврдиле дека неговите отпечатоци на прсти се совпаѓаат со оние зачувани во владината база на податоци. Очекуваме оваа одлука да стане правосилна.
Да потсетиме дека Вагнер регрутирал десетици илјади поранешни затвореници, дури и кога го предводел покојниот шеф Евгениј Пригожин. Тој одигра важна улога во регрутирањето борци за руските операции во Украина, нудејќи им на машките затвореници намалени казни и парични стимулации во замена за шест месеци воена служба.