Плоштадот „Слобода“ во Штип беше претесен за штипјани, кои дојдоа да го поздрават стартот на караванот „Македонијо во срце те носиме“.
На сцената публиката ги виде и слушна Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Зуица Лазова, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Марија Спасевска, Мина Блажев, ДНК, Ламбе и Миле Кузмановски.
Проектот со потписот на Скендеровски продукција, а во чии рамки 12 македонски изведувачи препеаја исто толку родољубиви песни – сите спакувани во ново руво од маестро Николче Мицевски, има единствена цел да им се продолжи векот на песните и да се испрати порака особено до идните генерации дека треба да го чуваме она што го имаме, највредното.
-Затоа бидете дел од караванот „Македонијо во срце те носиме“, дојдете заедно да ги отпееме најубавите македонски патриотски песни, да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кој ни го оставиле генерациите пред нас, велат од родукцијата.
По Штип караванот продолжува во Битола, Велес, Прилеп, Кочани, Тетово, Кавадарци, а ќе заврши во Скопје.
Стартот на концертите е во 20 часот.