Пишува: Вања Мицевска
Дваесет и трети декември 2019 година. Сѐ наоколу изгледа магично, луѓето итаат да купат подароци за своите најсакани, се планира дочекот на новата година. До неа нѐ дели само една седмица, сѐ изгледа толку лесно и забавно, но не и за оние кои се заробени меѓу болничките ѕидови.
Меѓу нив и јас, речиси проколнувајќи ја годината која заминува, небаре таа е виновна што во тој момент од мојата младост беа останале само трошки. Тоа е датумот кога во моите вени за првпат беше вбризгано нештото од чие име секој би се наежил – хемотерапија. Од младата личност со сосема нормален живот за чија динамика не беа доволни дваесет и четирите часа секој ден, станав само некој кој се буди и заспива со прашалници. Од личност која скоро никогаш не стапнала во болница, станав некој чие име се најде меѓу мноштвото досиеја на пациенти на рафтовите на Клиниката за онкологија.
Тоа е установата каде секој од нас ги полага последните атоми надеж кога работите ни се лизгаат од раце, објект каде се испреплетуваат изнемоштеноста и надежта, каде се раѓаат пријателства меѓу луѓе кои се сакаат како браќа и сестри, каде некој ги кажал најискрените молитви, каде некој успеал својата болка да ја претвори во сила.
Четири години подоцна, тие браќа и сестри кои всушност не се крвно поврзани, ќе излезат на улица да бараат правда за срцата кои престанале да чукаат во телата на нивните соборци заболени од рак, кои некој можеби намерно погрешно ги третирал и несоодветно ги „лекувал“. Клиниката која е главна карика во целата институционална грижа за луѓето дијагностицирани со канцер, одеднаш се наоѓа среде голем скандал кон кој е свртено целото внимание на јавноста. Клопчето се отплеткува, емоциите се мешаат – неверување, страв, гнев, занеменост.
Како се создавале медицински истории за луѓе кои никогаш немале рак? Зошто некоја таканаречена медицинска сестра се одлучила да се офајди од терапиите кои живот значат? Зошто продолжила да работи дури и откако вистината за нејзиниот безобразлук излегла на виделина? Дали навистина некој давал физиолошки раствор наместо хемотерапија? Колку животи можеле да бидат спасени, а отишле во неповрат?
Наместо сега да ги береме плодовите од трудот кој сме го вложиле за да преживееме, ние скандираме по улиците барајќи правда. Додека извикуваме, секој од нас голта кнедла додека во себе ги споменува имињата на оние кои веќе не се овде. Сигурна сум дека нашите соборци и соборки нѐ гледаат од горе и ни пуштаат сила да го истраеме овој пат, затоа што предавањето во никој случај не е опција. Но дали овие наши ангели чувари може да им дадат порив на луѓето во институциите за разрешница на низата неправди нанесени на невини луѓе? Дали сторителите некогаш ќе ги заболи крикот на родителот по чедото кое никогаш веќе нема да го помилува? Дали ќе ги заболи нашиот копнеж да им го слушнеме гласот на оние кои ги познававме кратко, но исто како да сме ги познавале цел живот? Дали ќе ги заболи тоа што во некои семејства, ниту еден празник веќе нема да биде среќен? Дали ќе ги изгори пламенот на свеќите што ги палиме за спокој на душата на оние кои никогаш нема да ги преболиме? Дали ќе дознаат дека грижата на совест може да им биде најголема казна? Дали знаат дека перницата на која немирно ќе ја спуштаат главата секоја вечер ќе им биде најтесен кафез?
Животот ни продолжува додека истите прашања го окупираат нашиот ум како некоја „расипана лента“. Понекогаш патот ќе нѐ однесе кон Клиниката за онкологија, онаа која за добродушните здравствени работници е многу повеќе од работно место. Залудно е нозете да нѐ враќаат, кога знаеме дека ќе мора да отидеме во зградата сместена од спротива на клиниката каде секој ден се слуша првиот плач на некој кој штотуку дошол на овој свет.
Институциите не смеат да затаат, одговорните имаат име и презиме и секој од нас заслужува да знае кои се тие што одлучиле дека бесценетиот живот сепак ќе има цена!
Болеста не води дискриминаторска политика, таа подмолно се вгнездува без да гледа возраст, вера или националност. Но затоа, да порачаме дека политиката треба да стои подалеку од нашата борба за живот. Нашиот активизам на улиците да не се политизира и партизира, да маршираме без говор на омраза, да го задржиме нашето достоинство за да добиеме достоинствен здравствен систем.