Младата и талентирана Леонида Гроздановска минатиот викенд на коњички турнир во Солун го освои прво место. Таа победи во силна конкуренција на натпреварувачки од Русија, Романија, Грција, Франција, поминувајќи ја патеката со најбрзо време и без ниту една соборена пречка.
Ова беше турнир под покровителство на Светската коњичка федерација што му дава посебна тежина на резултатот на Гроздановска. Во чест на талентираната Гроздановска беше интонирана македонската химна.
За извонредниот настап на „CSI“ турнирот во Солун со грлото Кардино 14, нешто повеќе за нејзината кариера, амбициите за во иднина и воопшто за коњичкиот спорт го посетивме клубот Анималс и разговаравме со 17-годишната Леонида која од десетгодишна возраст освојува медали и награди од меѓународните натпреварувања.
Интервјуто Леона го даде за МИА.
Леа, како помина твојот настап во Грција, како се чувствуваше кога дозна дека имаш најдобар резултат? Во твоја чест беше интонирана и македонската химна.
– Искрено не очекував таков успех. Повеќе бевме таму за припрема за следните натпревари на претстојната Балканијада. Чувството беше прекрасно. Не очекував таков резултат. Прекрасно е кога се слуша македонската химна во твоја чест.
За да се дојде до таков успех сигурно е потребно многу вложување, многу работа, напор, откажувања. Твојот татко вели дека прво си научила да јаваш, а потоа да одиш. Кажи ни нешто повеќе за твоите почетоци, кога почна со овој спорт, колку време тренираш, како изгледа еден тренинг?
– Тренирам од мала возраст. Може да се каже дека веќе 10-11 години се занимавам со овој спорт. Секој ден сум со коњите, имам три коња кои секој ден ги јавам. Еден тренинг трае приближно 45 минути и секој ден по нешто различно работа со сите три. Во период на натпревари тренирам и два пати дневно. Секој тренинг почнува со подготовка на коњот. Тој мора да биде соодветно нахранет, чист, на него да биде поставена соодветна опрема потребна за непречено одвивање на тренингот. Секако по излегувањето на теренот следува загревање, а потоа постепено засилување на интензитетот.
Во овој спорт треба да постои меѓусебна, заемна доверба со коњите. Од што зависи со кое грло ќе настапиш на некој турнир?
– Како што кажав, имам три коња и сите три коња ми се за различни висини и различни натпревари. Во Солун каде што победив скокав со грлото Кардино 14 кој ми е за висина на препони од 120 см, а сега го подготвуваме за 130 см. Конкретно на следниот натпревар во Србија ќе одам со два коња, едниот е помлад и ќе учествувам на натпревари со пониски пречки, а со вториот повторно ќе скокам на 1,15 – 1,20 метар?
Домашните натпревари најчесто се состојат од турнирски систем претежно во викенд, како и некое куп-натпреварување. Дали шесте клуба кои функционираат во нашата држава и трите терени, еден кај што се наоѓаме сега и два други, создаваат доволна конкуренција за да се напредува и да се постигнуваат големи резултати на меѓународните натпревари?
– Натпреварите тука јас така да кажам ги поминувам како тренинг. Немам некој предизвик во домашните натпревари. Мислам дека не е доволна конкуренцијата. Потребно е многу повеќе за да се издигнеме на повисоко ниво.
Најголемата висина на пречките тука кај нас е 130 сантиметри, додека на светско ниво е 160 сантиметри. Што е потребно, колку сме далеку од тоа ниво на натпреварување. Имаме ли потенцијал овде кај нас некој да оди на такви врвни светски натпревари?
– Мислам дека има потенцијал, само со работа, со повеќе успеси за да се стигне до тоа ниво. Триесет сантиметри вака изгледаат како да се малку, ама не се толку малку кога ќе се обидеш да ги скокнеш.
Теренот на којшто се наоѓаме и клубот Анималс е во сопственост на твоите родители, изграден е со нивни средства. Дали имате помош од матичната Федерација, од Агенцијата за млади и спорт, од државата воопшто бидејќи за поголеми успеси секако потребна е и поголема поддршка. Ти си и носител на стипендија – категорија спортска надеж.
– Имам поддршка од Федерацијата и од Агенцијата за млади и спорт. Меѓутоа секогаш треба повеќе поради тоа што овој спорт е многу поскап за разлика од другите спортови. Потребна е специфична со опрема, коњите бараат соодветни услови, во секој случај требаат големи финансиски средства. Најголема поддршка сум добила и ја добивам од моите родители.
Каде ќе бидат следните твои настапи, планови за следниот период. Рече се подготвуваш за Балканијадата?
-Се подготвувам за Балканијадата. Сега ќе одиме во Србија исто така на натпревар. По можност би скокала 130 сантиметри. Се надевам на добар резултат.
Порака не само до професионалните јавачи, туку и до оние кои сакаат рекреативно да јаваат, кои се придобивките од јавањето коњи?
– Мислам дека јавањето коњи не е само спорт. Тој што се качува на коњ мора да ги сака животните, да биде поврзан со коњот. Ова се благородни, моќни суштества кои ги чувствуваат емоциите на луѓето кон нив.
Самото практикување на овој спорт докажано има смирувачко дејство врз луѓето и ја зајакнува самодоверба на самата личност?
Точно е тоа. Имало случаи кога деца првпат доаѓале во нашиот клуб, а биле многу срамежливи, повлечени и кои не комуницирале со своите врсници. Откако ги оставивме да се дружат заедно, по само една недела резултатите беа видливи. Тие деца веќе почнаа да се дружат со своите другарчиња а најмалку ќе ги видиш се дружат со други деца, со коњи. Едноставно помага. Има и терапевтско дејство дружењето со коњот.