Поради тоа што сопственици на македонски фирми, не им исплатиле К-15, отпремнина и други надоместоци согласно законот, парите ги исплатиле две светски компании за чии брендови работеле овие наши фирми. Двете компании исплатиле близу 42.000 евра на 32 вработени на овие македонски фирми, кои произведувале за нив.
Меѓу исплатените работници е и жена на кој и’ бил даден отказ додека била бремена, со што и’ било ускратено правото да користи породилно отсуство.
Ова денеска го соопшти Кристина Ампева од Гласен текстилец, која рече дека ова е прв ваков случај во Македонија, познати светски брендови да ги обештетат работниците на компаниите кои работат за нив, а не ги исполниле законските обврски кон вработените. Биле тужени македонските компании, а потоа со посредување, парите на работниците кои тужат, ги исплатиле нивните странски партнери, во случајов, двете странски компании.
-Ние сме дел од мрежа на организации кои повикавме на одговорност и брендовите покажаа што е општествена одговорност. Практично им покажавме на македонските работодавачи дека имаме контакти, а тие дека општествената одговорност значи нешто во Европа и не е флоскула. Ќе им покажеме дека не треба така, вели Ампева.
Обештетувањето на работниците од страна на странските компании во име на македонските работодавачи, веројатно нема да донесе ништо добро за овие компании. Една од последиците е прекин на соработката, односно светските брендови да престанат да им даваат работа на нашите компании.