ММС, 07.09.2018
Секоја од тие повеќе од 3.500 стари песни, од кои многу се одамна заборавени или целосно непознати, освен текстот е и мелографирана, со нотен запис, а вредниот Борис Балабанов, кој песните од сите краишта на Македнија ги собирал речиси шест децении, планира да отпечати десеттомна збирка „Бисер грло песни рони“, но само во десетина примероци зашто за поголем тираж нема средства
Пишува: Љупчо Шатевски
Несекојдневно хоби има 77-годишниот штипјанец Борис Балабанов, со кое почнал да се занимава на 20-годишна возраст. Со многу труд, љубов и самопрегор, оттогаш досега, за 57 години, успеал да собере нешто повеќе од 3.500 стари македонски песни од сите краишта на Македонија. Од нив околу 80 отсто ги собрал самиот, а останатите се преземени од други собирачи или се симнати од радио или од други снимки. Ги има и одамна познатите стари македонски народни песни, но и многу што се одамна заборавени или целосно непознати.
Секоја од тие 3.500 стари песни е мелографирана, со нотен запис. Балабанов педантно го запишувал текстот на песната, а, бидејќи по професија не е музичар, мелографирањето, нотниот запис му го прават професионални музичари и музиколози, како Димитар Митевски, Столе Поп-Димитров, Миле Серафимов, а пред тоа и сега покојните Мице Јорданов, Илија Здравев и Љупчо Митров.
Вредните снимки ги чува на повеќе од 60 касети
– Песните почнав да ги собирам од 1961 година. Насекаде каде што одев низ Македонија носев магнетофон или касетофон. Снимив и многу стари луѓе родени во почетокот на минатиот век, кои ги знаеја и пееја песните од нивното време, но и постари – од времето на нивните мајки и татковци, баби и дедовци. Бев во сите краишта познати по богатиот изворен фолклор во западниот дел на Македонија. Почнав од Гари во 1964 година, па во Лазарополе, тетовско Жилче, кичевски Извор, Прилеп, Охрид, Струга и на повеќе други места. А речиси нема место во источна Македонија каде што не сум снимил изворни песни, меѓу кои многу целосно непознати – се присетува Борис Балабанов на годините поминати во собирање на богатиот материјал.
Сите тие вредни снимки ги чува на повеќе од 60 касети, од пред десетина години, откако заминал во пензија, ги става на хартија заедно со нотните записи, а потоа самиот компјутерски ги обработува и печати, со намера да издаде збирка стари македонски песни „Бисер грло песни тони“, во која ќе се најдат сите 3.500 собрани песни. Збирката треба да има десет тома со во просек 500 страници или вкупно 5.000 страници, кои Балабанов компјутерски ги обработи пред неколку години.
– Во последните две-три години се обидов материјалот да го проширам со уште некоја песна. Собрав уште околу 150 песни, поточно само текстовите од нив, бидејќи луѓето што ми ги кажуваа, за жал, не знаат или заборавиле како се пееле. Македонија има извонреден фолклор, илјадници песни испеани на многуте наши дијалекти. Но, за жал, многу од нив останаа недокументирани, заборавени. А, станува збор за огромен народен опус, особено ако се земат и песните од Егејска и од Пиринска Македонија. Само од Штип и од Штипско досега има документирано повеќе од 1.000 стари песни. Прво со тоа почнал да се занимава Ганчо Пајтонџиев, а пред петнаесетина години Димитар Митевски ги објави двете книги „Вековни ноти“ во кои обработи повеќе од 700 стари штипски песни, јас имам собрано повеќе од 300, но останаа и нерегистрирани – вели Балабанов.
Шестдецениски труд на 5.000 страници
Целиот свој речиси шестдецениски труд со собирањето, мелографирањето и документирањето на тие 3.500 песни за збирката „Бисер грло песни рони“ Балабанов планира да го отпечати само во десетина примероци, зашто за повеќе нема средства. Така направил и пред повеќе години со двотомната брошура „Ноти за радост од мојата младост“, во која има 350 познати песни, со текст и ноти, од сите поранешни ЈУ-републики и од европски и американски замји што најчесто ги слушала неговата генерација.
– Борис не е професионален музичар, но музиката одлично ја познава, неверојатно голем ентузијаст е, но и прескромен човек. Овој негов труд е вреден за почит и треба да се направат напори збирката да се отпечати во повеќе примероци, да се каталогизира, да најде место и да се сочува тоа фолклорно богатство во надлежните установи – истакнува музикологот Димитар Митевски.
Балабанов, кој до пензионирањето работел во службите за автоматска обработка на податоци во „Макпромет“ и во поранешниот ЗИК „Црвена ѕвезда“, со компјутерите е од 1984 година. Во 1961, со Спиро Прилепчански и Ристо Кусакатов, во Штип почнале да го издаваат првото македонско енигматско списание „Џебна крстословка“. Во младоста бил и поет, карикатурист. Не мирува ни сега. Во својот компјутер има илјадници фотографии од Штип во изминатиот век, подготвува проект за лековити растенија…
– Неодамна имав здравствени проблеми. За среќа, успешно закрепнувам, па почнав да се симнувам во работната соба на приземјето. Се надевам дека наскоро со компјутерот пак ќе бидам речиси по цел ден и овде пак често на гости да ми бидат пријателите – заеднички да завршиме некоја работа, да мелографираме некоја заборавена песна, со гитарата да фатиме ритам – вели Балабанов.
ЉУБОВТА ВО ПЕСНАТА СЕ РОДИЛА ВО ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ФОЛКЛОРЕН АНСАМБЛ
Љубовта во старите изворни македонски песни му се родила уште во 1959 година, кога се зачленил во КУД „Ванчо Прке“, првиот ансамбл официјално формиран во слободна Македонија.
– Првите никулци на Друштвото се појавиле на 4 септември 1944 година на Плачковица. Во рамките на партизанските единици бил формиран хор со кој диригирал штипјанецот Славко Нетков. Хорот пеел борбени партизански песни, како „Брегалничка рапсодија“ („Ко челик сме ние“) или „Во борба, во борба, македонски народе“, со кои хористите ги испраќале своите соборци во бој, а често и самите оделе во битка. Во виничко Лаки и при формирањето на 50. дивизија на НОВ и ПОМ хорот првпат пеел и сплетови стари македонски песни. Била формирана и рецитаторска, а кај Пехчево и музичка секција, со која раководел штипјанецот Методи Алексов – Шантиќ. По особододувањето на Штип, во ноември биле одржани првите концерти во градот, а веднаш потоа, во декември 1944, друштвото официјално било регистрирано со името на народниот херој Ванчо Прке, кој загинал во 1943 година – раскажува педантниот хроничар Балабанов.