ММС, 17.08.2018
Во Штип по ослободувањето имало триесетина берберски салони, денес се само десетина на трипати повеќе жители, слично е и во другите градови, а берберите се жалат дека кризата и домашните апаратчиња за бричење и потстрижување им ги зеле муштериите, но не се предаваат и додека очекуваат подобри времиња, можеби и со нивно приспособување на новите трендови, се сеќаваат на случките, анегдотите, шегите и мајтапите што секојдневно ги имало во полните со луѓе берберници
Пишува: Љупчо Шатевски
Поради кризата, луѓето штедат, па веќе речиси целосно заборавија да се бричат во берберница, а напредокот на техниката и разните машинки по домовите ни’ ги преполовија, па и повеќе од тоа, и муштериите за потстрижување. Многумина мажи, поради новите моди, одат и во женски фризерници, каде што и си ја мијат косата, ја бојосоуваат…
Вака се жалат се’ помалиот број штипски бербери, а состојбата е слична и во другите градови. Веднаш по ослободувањето, во 1945 година, во општината Штип имало 39 берберско-фризерски дуќани. Од нив, пет-шест биле фризерници за жени, а пет-шест берберници во поголемите села. Останатите триесетина биле берберници во градот. Денес градот има трипати повеќе жители, а само десетина, трипати помалку оттогаш, класични машки берберски салони.
„Не кафеаните, берберниците беа библиотеки“
– Некогаш во берберниците се добивале и медицински услуги, како вадење заб или пуштање крв со рогови или пијавици. Кога јас отворив салон, во градот имаше дваесетина берберници со педесетина вработени. Во нив вриеше од луѓе. Некои на шега кафеаните ги нарекуваат библиотеки, но тогаш библиотеки или читални на некој начин беа берберниците. Радиото во секоја берберница беше вклучено нон-стоп, мораше да има барем два-три дневни весници, а секој автор што ќе напишеше книга, особено ако беше со спортска тематика, за да има повеќе читатели, задолжително ја подаруваваше на берберниците – раскажува пензионираниот бербер Стојан Ампов (70).
Тој истакнува дека некогаш односот кон занаетчиството бил многу подобар и имало поефикасен начин на создавање квалитетен кадар. Кога учел средно стопанско училиште, паралелно одел и како чирак во берберски дуќан зашто, за да се завршела успешно учебната година, била неопходна диплома и од мајстор на занаетот. Слично зборува и Трајче Ванев (69), татко на познатиот пејач Зоран Ванев.
– Целиот работен век бев бербер. Уште додека учев средно училиште бев чирак, потоа и калфа кај познати бербери, па отворив свој дуќан, а најголем дел од работниот век, се’ до пензионирањето, го поминав како бербер во штипската болница. Горд сум што изучив четворица мои чираци. Денес сите се бербери – двајца во Штип и по еден во Италија и во Германија. Жал ми е што берберскиот занает сега е во тешка состојба – вели Трајче Ванев.
За да се слушнат повеќе новости, на бричење се одело и двапати на ден
Се’ уште кај повозрасните се свежи сеќавањата кога берберниците беа вистински дебатни клубови за се’. Понекогаш на бричење се одело и двапати на ден за да се наслушнат повеќе новости. Повеќето од берберниците биле универзални и во нив се дабатирало за се’ и сешто, а други, пак, „специјализирани“ – за политика, спорт…
Берберницата на Ванчо Дрангов (85), веројатно најстариот жив штипски бербер, била специјализирана за спорт.
– Занаетот го учев во Војводина, каде што по Граѓанската војна во Грција сме нашле прибежиште. Таму татко ми беше бербер. Во Штип сме од 1957 година. Берберницата ми беше до Градскиот стадион. Се затрескав во фудбалот, па и салонот ми се викаше како и фудбалскиот клуб – „Брегалница“. Кај мене се потстрижуваа и бричеа и најмногу од фудбалерите и тренерите во клубот, па освен за спорт ретко кој ќе имаше прилика да зборува за нешто друго – се присетува Дрангов.
Цуната му одржа час по потстрижување на Борис Дворник
Повеќето бербери отсекогаш важеле за еснафи, духовити луѓе, шегаџии, па и мајтапчии. Еден од водечките бербери на тој план бил Тодор Митев-Цуната, кој своевремено му одржал и мал час по потстрижување на познатиот актер Борис Дворник, за што и денес раскажуваат штипските бербери. И тоа во времето кога Дворник беше најпопуларниот „бербер“ во Југославија, толкувајќи ја главната улога на сплитски бербер во тогаш многу популарната телевизиска серија во СФРЈ „Вело мисто“ од познатиот сплитски новинар и писател Миленко Смоје.
– Пред околу четири децении, кога и се емитуваше популарната серија „Вело мисто“, во Домот на културата се одржа сплитска вечер, откако пред тоа Штип и Сплит се збратимија. Меѓу уметниците од Сплит беа и Борис Дворник и Миленко Смоје. Утредента двајцата ги прошетав низ Штип. Само што тргнавме, ја здогледаа берберницата на Цуната и спонтано, љубопитно тргнаа кон неа. Цуната, неговиот колега Стојан и муштериите во дуќанот се изненадија и израдуваа кога ги видоа неочекуваните гости. Веднаш беше повикан фотограф да ја овековечи средбата, а секогаш духовитиот Цуна на Дворник му одржа и мал практичен час по потстрижување, откако претходно му рече: „Е, мајсторе, голем глумец си, а ќе те биде и за бербер, ама не те научиле добро да ги држиш ножиците“ – ни’ ја раскажа случката писателот Благој Самоников.
Венцо Крстев, претседател на Регионалната занаетчиска комора во Штип, вели дека, за жал, убавите приказни од некогаш полните берберници сега се само минато, а берберскиот занает се соочувал со сериозни проблеми. Тој во берберството е од 1992 година. Го наследил берберскиот салон „Шеки“ во Градскиот трговски центар од покојниот татко, Ване Крстев.
– Пред 27-28 години во дуќанот во прва и во втора смена работеа по еден мајстор, двајца калфи и по двајца чираци. Имаше доволно работа. Но, дојдоа некои лоши законски измени. Снема чираци зашто можеа да се држат само работници-ученици, на кои требаше да им се плаќа социјално осигурување. Потоа многу муштерии почнаа да си купуваат разни машинки и да се бричат и пострижуваат дома, па се појави нелојална конкуренција… Сега некои работи на законски план се подобруваат, но примената во практиката оди тешко – смета Крстев.
Во неговиот дуќан сега има само по еден бербер во смена, а еден дел од берберницата го пренаменил во киоск.
МУ ГО ИЗЕЛ ЗАЈАКОТ НА МУШТЕРИЈАТА, А ТОЈ МУ ОТПЕЧАТИЛ НЕКРОЛОГ
Берберот Тодор Митев-Цуната важел за еден од најголемите шегаџии и мајтапчии меѓу берберите, но и во целата градска чаршија. Многумина духовито насамарил, но знаел и тој да наседне. Се’ уште во Штип се раскажуваат многу интересни настани во врска со покојниот Цуна, а една од најинтересните, што се случила пред повеќе од четири децении, деновиве изворно ни’ ја раскажа Трајче Ванев, кој тогаш бил калфа во берберницата на Цуната. Во неа секоја среда и сабота се бричел Лазо Сланков, возач во тогаш единствената штипска печатница и страстен ловџија, особено на зајаци. Зајаци сакал и Цуната, но само испечени.
– Беше сабота. Лазо, откако претходно застрелал зајак, дојде во берберницата на бричење, но и да го настрви Цуната. Му рече дека неговата сопруга дома го подготвува зајакот за печење. Попладне ќе го испечела, и вечерта Лазо со пријателите, откако ќе се врател од службен пат до Кочани, дома кај него ќе го јаделе многу сочниот зајак. Цуната не беше во шема, па многу мислеше како некако да дојде до зајакот. Му текна кога Лазо излезе, а во берберницата си ја заборави капата. Ми рече: „Трајче, веднаш оди кај Лазо дома“ и ми кажа што да и’ кажам на неговата сопруга. „Дада Заге, бате Лазо ја прати капата и рече да го дадеш зајакот оти со другарите се договориле да го печат и јадат во кафеана“, заврши со препораката мајстор Цуна. Така и беше. Сопругата на Лазо ми го даде зајакот исчистен и подготвен за печење. Го однесов во берберницата. Цуната купи гајба пиво, а зајакот беше даден на печење кај него дома, каде што вечерта и го изедовме – раскажува Ванев.
Следната сабота Лазо возвратил на ударот. Замолил мајстори во печатницата да отпечатат неколку примероци некролози за Цуната. Ноќта ги залепил на неколку места, како и на бандерата пред куќата на Цуната, па утрото почнале да му доаѓаат соседи со цвеќе и свеќи.